„Зимницата ме потсетува на детството“: Теа споделува рецепти за цепкан ајвар и доматна салца кои им се семејна традиција
Мирисот на печени пиперки, домати и штотуку подготвена зимница за многумина е мирис на детството, семејниот дом и деновите кога целото семејство се собирало околу една заедничка задача. Токму такви спомени носи и Теодора Георгиевска од „Готвиме со Теа“, за која подготовката на зимница е многу повеќе од традиција.
Од салцата од домати која уште од мала ја подготвувале нејзините родители, до цепканиот ајвар по семеен рецепт стар повеќе од 100 години, зимницата има посебно место во нејзиниот дом. Денес традицијата продолжува, а најубавиот дел е што во неа уживаат и нејзините деца.
За сите кои сакаат да ги подготват овие вкусови дома, во продолжение ги споделуваме и видеата со рецептите за цепкан ајвар и домашна салца од семејната ризница на Теа.
За Фемина, таа открива кои рецепти се задолжителни во нејзиниот дом, зошто токму салцата ја враќа во летните денови, кој е најголемиот критичар на нејзината зимница и со што најмногу сака да го јаде домашниот ајвар.
Кои рецепти за зимница ги подготвувате секоја година и без кои не можете да си ја замислите есента?
Уште од мала памтам дека моите родители секоја година го завршуваа летото со подготовка на салца од домати, за да го задржат вкусот на летото во тегла и за зимските денови. Потоа следуваа ајварот, киселите краставички, туршијата и уште неколку видови кисела зимница.
Денес истото го правам и јас. 😊
Имате ли некој семеен рецепт за зимница кој се пренесува од генерација на генерација?
Најомилена зимница ни е цепканиот ајвар, кој денес го обожаваат и моите деца. Тоа е наш семеен рецепт, стар повеќе од 100 години, кој се пренесува од генерација на генерација.
Дали повеќе ги сакате традиционалните рецепти или обожавате да експериментирате со нови вкусови?
Дома секојдневно подготвувам традиционални рецепти, бидејќи најмногу ги сакам вкусовите на кои сум навикната уште од детството. Но, кога патувам, секогаш сакам да пробам локална храна, а потоа да се обидам истото јадење да го подготвам и дома.
Кој е вашиот најважен совет за вкусна и квалитетна зимница?
Најважно е да се готви со љубов. 😊 А, кога станува збор за квалитетот, многу е важно да се изберат квалитетни и свежи намирници.
На што треба најмногу да внимаваме при подготовката и складирањето на зимницата?
Пред сè, треба да внимаваме на хигиената при подготовката. Сè треба да биде добро измиено, а зимницата да се складира во чисти и стерилизирани тегли. На крај, важно е да се направи и пастеризација, а потоа теглите да се чуваат на темно, суво и ладно место.
Кога ќе кажете „домашна зимница“, на што прво ве потсетува – на детството, на бабината кујна, на семејните собирања? Кој е најубавиот спомен кој го имате поврзан со подготовката на зимница?
Мене зимницата најмногу ме потсетува на моето детство. Во семејната куќа кај родителите, секоја година од крајот на август па сè до средината на октомври се подготвуваа домашни зимници.
Во дворот се собираше целото семејство и сите, како вредни мравки, работевме сложно за да подготвиме вкусна домашна зимница за зимата. Тоа се едни од оние спомени што и денес ми будат посебни чувства.
Што за вас значи мирисот на печени пиперки и домати во есенските денови?
За мене тоа е мирис на нешто топло и домашно. Мирис што го собира семејството на едно место и некако ни кажува дека летото завршува, доаѓаат постудените денови и време е да се подготвиме за зимата.
Ако мора да изберете само една тегла за цела зима – ајвар, салца, лутеница или туршија?
Уфф, тешко ми е да се одлучам помеѓу ајварот и салцата, но сепак би ја одбрала салцата, бидејќи најмногу ме потсетува на лето. 😊
Лут или благ ајвар?
Благ.
Со што најмногу сакате да јадете домашен ајвар?
Со сирење и варено јајце. Класика која никогаш не ми здосадува.
Кој член од семејството е најголем критичар на вашата зимница?
Мајка ми. 😊
Што никогаш не би купиле готово, затоа што домашното е неспоредливо подобро?
Ајвар. Зошто домашно си е домашно. 😊