• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

Жестоки реакции за недоличното скандирање на фудбалерите на Вардар и споменувањето на Каролина Гочева

18 мај 2026, 12:36
  • cподели

Жестоки реакции предизвика недоличното скандирање на фудбалерите на ФК Вардар, во кое беше споменато името на македонската поп-ѕвезда Каролина Гочева. 

Видеото од прославата брзо се прошири на социјалните мрежи, а јавноста бурно реагираше, оценувајќи дека ваквото однесување е недолично, навредливо и мизогино.

Во центарот на вниманието се најде и Миленко Неделковски, директорот на Вардар, кој по бурните реакции упати „извинување“ до Каролина Гочева, но на погрешен начин. Неговата дополнителна изјава предизвика уште поголем револт во јавноста и нов бран критики.

Меѓу првите кои реагираа беше Тоше Зафиров, кој порача дека ваквиот речник и однесување не му прилегаат на клуб со традиција како Вардар, додека министерот за спорт Борко Ристовски исто така се огласи со осуда за скандирањата и повика на достоинство и почит во спортот.

Новинарот Борјан Јовановски напиша дека „Каролина Гочева е институција која заслужува почит без разлика на нашите музички вкусови“, додавајќи дека „вулгарната дискредитација на Каролина е навреда за секој цивилизиран Македонец“.

Погледнете дел од објавите на социјалните мрежи:

Тоше Зафиров

Да освоиш титула е успех🏆.

Но, да бидеш спортист значи и да знаеш како да се однесуваш.
Вардар е премногу големо име за навреди, омаловажување и ширење омраза.
Битола е наш град, а битолчани се наши браќа, сестри и пријатели.

Спортот треба да обединува, а не да дели.
Особено оние што се идоли на младите мора да бидат пример со своето однесување, а не со навреди и ниски страсти.

Вистински шампион не е само тој што победува на терен туку и тој што знае да покаже достоинство надвор од него. 👊🏻

 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Tode Zafirov (@tosezafirov)

Борко Ристовски, Министер за спорт

Во однос на синоќешните видеоснимки кои се појавија од прославата на ФК Вардар, како Министерство, но и од мое лично име како министер за спорт, сакаме да ја известиме македонската јавност дека недвосмислено го осудуваме ваквиот тип прослави, кои вклучуваат навреди по која било основа, особено доколку во нив се вклучени спортски работници, играчи, селектори и лица од јавниот живот.

Слични случувања имаше и минатата недела во Кавадарци, со политички конотации и навреди кон спортски институции, меѓу кои и ФФМ, а истото сега повторно се повторува.

Министерството за спорт најостро ги осудува ваквите провокации и јавно бара чинителите да и се извинат на македонската јавност. Воедно апелираме вакви случувања во иднина да не се повторуваат, затоа што Министерството за спорт ќе изнајде начин секој ваков настан соодветно да биде санкциониран.

Ги разбираме ривалствата меѓу екипите, но не треба да се заборави дека спортот се игра за публиката и дека сите чинители имаат одговорност кон јавноста и општеството - се вели во објавата на Министерството за спорт.

Димитар Андоновски

✨🎶Музиката и спортот се нешта што ги спојуваат луѓето, ги обединуваат и ги прават среќни. Секоја победа и секој пораз заслужуваат почит, затоа што токму тие не прават посилни за следниот предизвик што доаѓа.

Како уметник, но и како човек кој искрено го почитува спортот, остро ги осудувам навредите и недоличните зборови упатени кон јавни личности. Особено кога станува збор за Каролина Гочева — наш музички амбасадор на Балканот, една од најголемите македонски ѕвезди и дама која со години ја претставува Македонија достоинствено, со талент, култура и вредности.

Недозволиво е со леснотија да се навредуваат луѓе кои се гордост на нашата земја — исто како што сме горди и на многу наши спортисти кои не радувале, не обединувале и не претставувале пред светот.

Се надевам дека свеста, културата и почитта во нашето општество ќе се кренат на повисоко ниво. Да научиме повеќе да го цениме нашето, да ги почитуваме луѓето кои оставиле белег и да шириме поддршка наместо навреди.

Тони Коњановски, Градоначалник на Општина Битола

Како градоначалник на Битола и во име на Општина Битола, силно го осудувам навредливото скандирање од страна на претставници на ФК Вардар на објавеното видео на социјалните мрежи од нивната прослава на шампионската титула.

Прославата на победата или било кој дел од еден спортски настан секогаш мора да се одвива достоинствено без навреди и вулгарности кон било која личност.  

Исто така очекувам дека раководството на клубот ќе се огласи и извини за ваквото непримерно однесување.

Борче Димитровски, секретар на Општина Битола

Митко Јанчев

Како човек кој долги години е дел од спортот, но и како градоначалник, чувствувам обврска јавно да се обратам по повод последните случувања поврзани со прославата на шампионската титула на ФК Вардар.

Честитки за освоената титула, успехот на терен треба да се почитува.

Но, шампионите мора да знаат дека големите победи носат и голема одговорност. 

Прослава со навреди, деградирање и нарушување на угледот на Каролина Гочева, наш национален уметник, е нешто што не смее да биде дел од спортската култура.

Спортот треба да обединува, да инспирира и да биде пример за младите генерации. Ривалството е на терен. Навивањето на трибини. А почитта мора да постои секаде!

Ја разбирам еуфоријата по голем успех и верувам дека дел од присутните биле понесени од моментот. Но, очекувам Фудбалската федерација на Македонија да реагира и соодветно да го осуди однесувањето на раководството на клубот, испраќајќи јасна порака дека ваквите постапки немаат место во македонскиот спорт.

Да бидеме фер играчи.
Да ги почитуваме луѓето кои не’ претставуваат сите нас.
Да покажеме дека спортот и културата се наши заеднички вредности!

Ирена Јакимова

Што ме тера во сабота навечер да пишувам на ФБ?

Кратката линија, брзата лента меѓу "простачки песни" и (зачестените) убиства на жени.

Го видов видеото (јавно споделено) со песната во која што играчите на Вардар слават победа, изразувајќи притоа агресија врз жена, особено страшно што таа е наша позната уметница и високо професионална личност, наша афирмација и реализација. И мажена жена.

Зошто велам "агресија"?

Зашто глаголот што го употребуваат во песната, Каролина Гочева сигурно доброволно не би им го дозволила на тие примитивци.

Тие би морале да ја силуваат.
Агресивно.
Мажена жена.

Толку за традиционалните, патриотски семејни вредности.
Спортисти, еј! 
Не локални пијаници, навивачки хулигани. Спортисти. 

Можете ли да го замислите еден Новак Ѓоковиќ да пее таква песна? Или Меси?
Зинедин Зидан?

Но, да бидеме реални - не се тие први, ниту единствени. 
Со векови, силата на недозреаната машкост и машка енергија многу често се докажувала низ агресија кон жена. Има ли бројка да ги преброи сите силувања на жени во војните? 

Дури и денес...

Најмалку што можеме да направиме е - да се побуниме, гласно. Да слушнат деца и млади дека ова, не само што не е фраерски, туку е лошо! Повраќаница.

Во денешно време, на толку гласност и информации, можеме да викаме тивко (или гласно) дека жената не е предмет- на сопственост, на изживување, на агресија.

И тоа, истрајно и со инсистирање, да го ставаме во закони, во казни, во оставки, во општествено прифатливи/неприфатливи норми, во гласност. 

Во осуда. Во презир.
Не е ова "се занеле будали, пушти ги"... 

Тоа е коренот, тоа се пипците на општествените верувања, сфаќања, навики, однесувања... 

Во оваа битка и општествена трансформација - потребни ни се сите зрели мажи, со здрава машкост и машка енергија која што има улога на планетава да заштитува, да создава, да гради, да води. Да сака и почитува.

 

Марко Виденовиќ

Неа да ја засакаш
и во неа лудо да се заљубиш,
онака најлудо, дури и да се избезумиш
и од памет да не ја вадиш...
знај, не треба многу.
Еднаш од сабајле да излезиш,
кафе на тој сокак волшебен да испиеш, 
ќе те магепса и ќе те збудали,
во срцето ќе ти остани.
Додека кафето мераклиски си го пиеш,
сонцето врз асфалтот сјаен,
отсјај да прави како чупе битолско
пред огледало што се дотерува и сјае.
Минувачи си врват,
секој по своето си тера
и секој со секого поздрав си дава.
Еден ќе поздрави и муабет ќе скрши,
пет чекори ќе стори и со друг ќе застане,
а ти како читател книга што чита
и сиот во неа влегол,
меѓу нив да бидеш, 
како спореден лик да ги слушаш 
муабети дур плетат.
Мирис на врел ѓеврек 
ветерот ќе ти нанесе од некоја фурна,
низ устата плунка ќе бликне
како снег кога се топи
и низ олук тече,
а ти тонеш во убавината
и како да заспиваш во најсладок сон
после сладок ручек и вино црвено.
Тука живееш, а не старееш,
оти сѐ е живо и бавно,
мераклиско и спокојно,
а така е оти никој не те брза 
и никој никаде не брза.
И за да не потонеш во сонот,
во книгата што сега се пишува
и веднаш се брише
за само во сеќавањата да остане,
саатот ќе запее само колку да те потсети
дека и навечер е волшебна таа,
со месечината штом се здружат
магија создаваат како во бајка.
Ќе те разбуди саатот колку да те отрезни 
за ниту  миг да не пропуштиш
од магијата што само таа ја создава.
А навeчер штом во постела ќе легнеш 
и од убавини не ќе можеш да заспиеш,
ветерот нејзин нежно ќе дувне
и мирис на молика низ пенџер ќе провне,
за убав сон тебе да ти дари дур таа те гали,
оти утре нов ден е со магија нова.
              Мојата Битола

Билјана Ванковска

Го видов скандалозното славење на фудбалерите, како и објаснувањето и божемното “извинување” од Миленко Неделковски. 🤢

Но кога видов дека еден Бранко Тричковски станал да ја брани Каролина, навистина ми се слоши 🤮
Нема жена од јавната сфера која и двајцата ја немаат навредувано и валкано. Фати го едниот, тресни го од другиот! На Миленко своевремено му напишав колумна Porca miseria. Веројатно сум мислела на сите “мажишта” кои се силеле врз жени (вклучувајќи го и БТ). 

Се сеќавам дека тогаш Горазд Росоклија ме прекори дека јас сум била на Олимп и не ми дочекувало да се занимавам со оние од “калта”/дното. Му реков тогаш, а и сега мислам : мизогинија е и патријархален став да мислиш дека жените се фини по дефиниција и треба да игнорираат примитивци. 

Не, не! Доста сме веќе ние фини, воспитани и нежни. На простак треба да му се каже дека е простак. Ова се однесува и на фудбалерите и сите оние кои мислат дека нивните гениталии се импресивни за да се опеваат. 

Се надевам ќе има институционална реакција. И за Каролина и за Бендевска и за секоја жена која е предмет на јавен напад само затоа што е жена.

Билјана Јаневска

Tags
Каролина Гочева

Најнови

  • ЕУ

    Писмо на лекарите до ЕУ: Погрешно е да ги изедначувате алтернативните производи без чад со традиционалните цигари

    Mon, 05/18/2026 - 14:21
  • Секогаш поволно во dm

    Dontodent паста за заби за 49 денари е само почеток: во dm ве очекува широк избор производи по секогаш поволни цени

    Mon, 05/18/2026 - 14:02
  • Хит во најава: Слаткар со спот за новата песна „Hola“ снимен во Барселона

    Mon, 05/18/2026 - 12:48
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.