„Жените не се Ваш имот, а бракот не е дозвола за дресура“: Остри реакции за ставот на Богојески за „машкиот надзор врз жените“
Не стивнува бранот реакции по контроверзните изјави на Петар Богојески во кои тој го промовира концептот за т.н. „машки надзор“ врз жените.
Низа јавни личности испратија остри осуди за ваквите ставови, оценувајќи ги како опасни, ретроградни и директно понижување на женското достоинство.
Нивните пораки посочуваат дека жените не се нечија сопственост и дека контролата врз нивните животи не смее да се претставува како машка грижа или општествена норма.
Славјанка Петровска
Богојески, жените не се Ваш имот, а бракот не е дозвола за дресура. Засрамете се! ✋
Вашиот „машки надзор“ во нечие секојдневие значи проверување телефон, забрана да се види со пријателките и страв да каже што мисли. За тие жени ова е животот од кој се обидуваат да излезат.
Во Македонија, каде организациите за заштита на жените предупредуваат на пораст на семејното и родово базираното насилство, Вие јавно ја прогласувате контролата за машка обврска.
А нејзиното достоинство? Нејзиниот мир? Нејзиното право сама да одлучува?
Како жена, нема да премолчам некој да ни одредува колку слобода ни следува. Ниту љубомората, ниту неверството, ниту повредената суета оправдуваат закана, понижување или удар.
Должите јавно извинување и повлекување на кажаното.
Овде, во Македонија, жени се убиени од сопрузи и партнери. Други се плашат да се вратат дома. Во таква реалност, Вашите зборови можат да му послужат на некој насилник како оправдување дека само си ја вршел „обврската“.
Затоа ова нема да помине како уште една телевизиска провокација. Жените не мора да бидат послушни за да останат живи.
Викторија Лоба
„Машки надзор“? Со кое право?
Дали Петар Богојески ја смета жената за нечија сопственост?
Ваквите небулозни и опасни изјави треба да се сосечат во корен.
Навистина ми е преку глава контролата врз жените да се претставува како грижа, а за насилството да се бара оправдување.
Антонија Локвенец
Нема да го споделувам видеото кое кружи на социјалните медиуми, бидејќи ваков тип на мажиња не заслужуваат популарност. Ама дефинитивно имам нешто да кажам.
Феминизмот е тој што ги научи жените дека еднаквоста е возможна и природна.
Така наречениот „машки надзор“ е концепт смислен од мажите со цел да ги контролираат жените, со цел да се чувствуваат супериорни.Проблемот на машкиот род со феминизмот е фактот дека жените и во свет скроен за мажи успеваат да се поуспешни и посреќни.
А тука е и стравот дека потиснувањето на женскиот глас со векови, ќе предизвика желба за одмазда.
Таква желба нема, бидејќи жените знаат како да креираат успешни кариери, да имаат блиски пријателства и добар однос со околината.Одмаздата кон овој тип на мажи е губењето на интерес кон истите и фокусирање на својот прогрес. А и тоа е нивната болка. Кога веќе на една жена не ѝ е привлечен маж кој наводно само добро заработува а не нуди други квалитети, крив е одма феминизмот.
Криви се родителите кои не ги научиле на емпатија, емоционална интелигенција, ниту на почит кон другиот род. Но криви се и самите кои цел живот газат низ светот мислејќи дека мааната е во другите а не во себе.
Му посакувам на тој маж многу среќа во овој модерен свет и се надевам дека доколку има деца, ќе имаат можност од некој друг да научат животни лекции и вредности.
Можеби ќерка му ќе научи дека од партнерот треба да има поддршка, разбирање и љубов. А син му ќе научи дека жената е свој човек, еднаква на него и треба да би третирана како таква.
Можеби овој револт нешто ќе смени кај него, бидејќи ми личи дека ќе продолжи да биде многу изреволтиран и несреќен до крајот на својот живот.
Сара Мејс
„Е вакви шетаат по улици... И тоа доста да знаете... Еден опасен 'надзор' треба да му се изврши на господинов со оштетено мозоченце.“
Елена Најдоски
Навистина е загрижувачки што вакви содржини добиваат медиумски простор. Ова видео е проблематично и опасно од повеќе аспекти.
Ивана Кнез
Под машки надзор се подразбира манијакалното следење на постови на социјални медиуми проследено со слики од фалуси во инбокс? Или два три бокса лабаво, дека ти сакаш грубо? Или шифра од твој телефон, додека неговиот е со седум скриени кодови што ни ЦИА не може да ги пробие?!
ОДЕТЕ НА ТЕРАПИЈА, вложете во сопственото ментално здравје. Ниту една жена не е виновна за вашите трауми од детство што не умеете да ги канализирате во соодветни дејствија како возрасни. Што е до медиумите, започнете да превземате одговорност за тоа од што правите сензација и бркате гледаност.
Преку глава ни е од шунд, од турбо фолк етика и некоја лажна надменост сокриена под идеологија на семејни вредности! Сите веќе знаеме што вреди, ама за да го живееме потребен ни е систем на вредности без партиска определба!!! Толку!
П.С. Гадни, недолични коментари проследени со закани во инбокс ќе јадат блок и delete. Мој профил, мои правила.
Нина Ред
Колку е интересно што во 21 век сè уште постојат луѓе кои сметаат дека жените треба да имаат машки надзор. Жената што практикува јога, размислува самостојно, се осмелува да каже НЕ и сама го избира својот живот, не штети никому, наводно е „излезена од контрола“, а во светот во кој се воделе и сè уште се водат војни, се уништуваат животи и се злоупотребува моќта, некој сè уште смета дека најголемиот проблем е женската независност. Жените не се родени за да бидат контролирани, туку за да живеат! Зошто воопшто ова е тема на разговор прашувам?
Внимавајте со кого влегувате во врска или брак.
Таа сподели уште една фотографија за жените во Авганистан кои немаат право да живеат слободно.
„Кога ќе се спомене „машки надзор“ веднаш ме враќа кон овој пост и срце ме боли за овие жени. Ова е нечиј живот...“
Марија Митева
Со згрозување и длабоко неверување ги проследив изјавите на Петар Богојески за жените и наводната потреба од „машки надзор“.
Ова се понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања кои го навредуваат достоинството и директно удираат врз вредностите на едно демократско општество.
Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво.Најстрашно, во неговите изјави се релативизира насилството во партнерските односи и тоа е опасно и заслужува најостра јавна осуда.
Како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, но пред сè како жена, најостро ги осудувам ваквите ставови. Нашата заложба за „За една повеќе“ е токму спротивното од сè што слушнавме. За една жена повеќе која ќе добие можност, која ќе биде почитувана, која ќе биде слободна да одлучува, да создава, да води и да успева.
Ова е прашање на елементарни цивилизациски вредности. Нема место за вакви сфаќања и нема простор за молк, ниту за релативизирање. Слободата на говорот е темелна демократска вредност, но медиумската видливост не е право на секој што посегнува по навреда и понижување. Вреди да се размисли дали и во колкава мера на ваквите ставови треба да им се отстапува простор, особено кога со нив се поткопува достоинството.
Елеонора Костоска Јованоска
Како Претседателка на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите при Советот на Општина Прилеп, но пред се како жена, сопруга и мајка, чувствувам потреба да реагирам на изјавата дека „жената без машки надзор не може“ и дека кога е сама се „глупира“, која вчера ја слушнав во емисијата „Под лупа“ на Алфа ТВ, посветена на распадот на македонското семејство.
Изјавата длабоко ме засегна.
Верувам во традиционалното семејство, во неговите вредности, во љубовта, грижата и меѓусебната одговорност. Но, традиционалното семејство не значи надреденост на едниот над другиот. Тоа значи партнерство, доверба, почит и заедничко носење одлуки, а не контрола и надзор.
Жената не е создадена за надзор, туку за достоинство. Вистинската сила на мажот не е во контролата над жената, туку во почитта кон неа.
Зарем и по вековни борби и толку години посветени на подигнување на свеста за рамноправноста, се уште треба да се објаснуваме?
Едноставно е… На нашите ќерки да им оставиме самодоверба, а нашите синови да ги научиме на почит.
Сања Ристиќ
Лина Пејовска
Марија-Магдалена Петковска Микаровска
Софија Јанева
Мирела Василева
Изјавата дека жената треба да биде под „машки надзор“ не е само навредлива, туку претставува загрижувачка демонстрација на патријархална реторика и суштинско неразбирање на човековите права.
Особено е поразително кога вакви ставови јавно артикулира личност која претендира на општествен авторитет.
Бракот не воспоставува хиерархија на моќ, ниту мажот стекнува право на контрола врз автономијата, достоинството и слободата на жената.
Да се прогласува феминизмот за виновник за женската еманципација значи да се оспоруваат фундаменталните цивилизациски достигнувања во областа на човековите права.
Во 2026 година, ваквите ставови не се израз на традиционални вредности, туку јавна легитимизација на родова нееднаквост.
И навистина е срамно што во современо општество сè уште мораме да ја браниме елементарната вистина: жената е рамноправен човек, а не субјект на машки надзор.
Луна Стефаноска