„Зад изгледот на голема ротвајлерка се крие едно големо маче“: Приказната за Кармен која по 142 дена во „Лајка“ конечно го најде својот дом
Пред четири месеци Соња Николовска и нејзиното семејство ги отворија вратите од својот дом за Кармен, куче кое помина 142 дена во ЈП „Лајка“, надежно чекајќи некој да ѝ даде нова шанса.
Сега, оваа ротвајлерка безгрижно трча низ дворот во Драчево, има свое семејство и место кое конечно може да го нарече дом.
За Николовски ова не е прва одлука за вдомување, па затоа веднаш биле сигурни во својот избор.
„Кај нас вдомувањето животни никогаш не било нешто необично. Со години наназад сме чувале вдомени кучиња. Прво имавме едно мешанче кое го земавме затоа што моја другарка повеќе не можеше да го чува во стан. Потоа, едно по друго, вдомивме три самоједа од семејства кои веќе немаа услови да се грижат за нив или сопствениците беа повозрасни. Две починаа од старост, а едното го изгубивме поради болест. Денес дома имаме и три мачки, така што љубовта кон вдомените животни кај нас отсекогаш била нешто сосема природно“ - раскажува Соња за Фемина.
Кога повторно решиле да вдомат куче, секој имал своја замисла. Нејзиниот татко посакувал волчјак, но таа и сестра ѝ веќе ја забележале Кармен на фотографија од роденденската фотосесија на дизајнерката Ивана Кнез.
„Искрено, уште тогаш се заљубивме во неа“ - открива 38-годишната скопјанка.
Во тој период, сè почесто ги следеле и кампањите на „Лајка“, кои, како што вели, придонеле повеќе луѓе да размислуваат за вдомување, наместо за купување миленик.
„Некако ни дојде сосема природно следното куче да го вдомиме токму од таму. Знаевме дека со тоа не само што даваме дом на едно куче, туку и ослободуваме место за друго куче да биде згрижено и да добие шанса за нов почеток.“
Првата средба со Кармен ги урнала сите предрасуди коишто луѓето често ги имаат за оваа раса.
„Кога отидовме во 'Лајка', првата средба со Кармен помина одлично. Разговаравме со вработените, ни објаснија каков карактер има, што сака, како реагира и што ѝ е потребно. Тогаш сфативме дека зад изгледот на една голема ротвајлерка всушност се крие едно големо маче. После тоа веќе немаше дилема, после втората средба Кармен си дојде дома со нас.“
Четири месеци подоцна, црномурестата убавица веќе е неразделен дел од нивниот дом.
„Еве веќе четврт месец Кармен е дел од нашето семејство. Како што таа се навикнува на нас, така и ние ја запознаваме неа.
На почетокот беше потивка и повнимателна, а денес веќе почна да лае, да ни се радува штом ќе се вратиме од работа и да нè пречекува секого на свој начин. Секој од нас има посебен поздрав со неа, па дури и свој звук со кој ја повикува. И, секако, како и во повеќето домови, мажот во куќата, татко ми, стана нејзиниот омилен човек“ - раскажува Николовска, која работи како проектен менаџер.
Кучето сега живее во голем, целосно ограден двор каде што слободно трча, си игра и ужива.
„Најважно од сè е што денес се чувствува сигурно. Најубаво е кога ќе видиш дека куче кое некогаш немало свој дом, денес се однесува како отсекогаш да било тука“ - вели таа.
Семејството Николовски се надева дека ќе успее да мотивира барем уште некого да донесе ваква хумана одлука за вдомување и целосно да го промени животот на некое кученце, но воедно и својот.
„Она што особено ми се допаѓа е што приказната не заврши со вдомувањето. И понатаму сме во контакт со тимот од „Лајка“, одиме на нивните настани и навистина ми е драго што гледам како сè повеќе луѓе почнуваат да гледаат на вдомувањето како на прв избор, а не како на последна опција.
Ако барем уште едно семејство ја прочита нашата приказна и одлучи да му даде шанса на некое куче, тогаш Кармен веќе направила многу повеќе отколку што можеме да замислиме.“
Вработените во тимот на ЈП „Лајка“ се пресреќни и токму ваквите вдомувања им даваат сила да продолжат со својата мисија:
„Направивте повеќе од херојство. Направивте едно исплашено, оставено и однапред осудено како ‘опасна раса’ куче денес да ужива во сите благодети на вистинскиот дом. Со ова помогнавте да се рушат бариерите и стереотипите, а нам ни дадовте уште поголема инспирација и волја да продолжиме да се трудиме.
Тажната судбина на една Кармен, која веќе еднаш имала дом, со ваша помош ја избришавме и напишавме ново поглавје – Кармен има свое ново семејство и свој нов дом.“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk