Грижата за убавината денес подразбира многу повеќе од секојдневна нега. Благодарение на современите естетски технологии, достапни се различни третмани кои помагаат во подобрувањето на изгледот и цврстината на кожата, како и во долготрајното намалување на несаканите влакна. Но, како да знаеме кој третман е вистинскиот избор за нас, какви резултати можеме да очекуваме и на што треба да внимаваме пред да се одлучиме?
За HIFU третманот, можностите кои ги нуди ласерската епилација и важноста на индивидуалниот пристап кон негата разговараме со Билјана Магловска, сопственичка на салонот за убавина „Laurel“ од Битола. Таа ни открива повеќе за овие современи технологии, најчестите дилеми на клиентите и значењето на правилната информираност при изборот на естетски третман.
Што те мотивираше да се посветиш на светот на убавината и колку се променија потребите на клиентите низ годините?
Светот на убавината отсекогаш ме привлекувал, но најголемата мотивација ми е чувството кога клиентот е задоволен, кога ќе ја забележи промената и ќе си замине со поголема самодоверба.
Низ годините многу се променија и технологијата и потребите на клиентите. Денес луѓето бараат современи, ефикасни и персонализирани третмани, со што поприроден изглед и минимално време за опоравување. Токму затоа и во „Laurel“ постојано се стремиме да ги следиме новитетите и да им понудиме на клиентите современи услуги, индивидуален пристап и внимание кон квалитетот.
Што најчесто ги интересира клиентите кога првпат доаѓаат во твојот салон?
Најчесто ги интересира какви резултати можат да очекуваат од третманите, колку време е потребно за да ги забележат и дали третманот е соодветен за нив.
За мене е многу важно секој клиент да се чувствува сигурно, да добие точни информации и да знае дека сме тука да му помогнеме да го избере најдоброто решение за своите потреби.
Да започнеме со HIFU третманот, кој сè почесто се споменува кога станува збор за затегнување на кожата. Што претставува и како функционира?
HIFU е технологија која користи прецизно насочени ултразвучни бранови кои продираат во подлабоките слоеви на кожата и ткивото, без да ја оштетат површината на кожата. Се користи првенствено за неинвазивен (нехируршки) лифтинг, затегнување на кожата и обликување на телото.
Апаратот испраќа фокусирана ултразвучна енергија која поминува низ површинскиот слој на кожата (епидермисот) без да го повреди. Оваа енергија се концентрира во точно одредена точка во подлабоките слоеви на кожата (дермисот) или во таканаречениот SMAS слој.
На кои делови од лицето најчесто се применува HIFU и какви резултати може да се очекуваат?
HIFU најчесто се применува на лицето и вратот, со цел подобрување на цврстината на кожата, подигнување на одредени опуштени делови и подобрување на контурите на лицето.
Во зависност од состојбата на кожата и индикациите, третманот може да се користи за подобрување на изгледот на образите, дефинирање на линијата на вилицата, третирање на подбрадокот, затегнување на вратот и деколтето, како и за суптилно подигнување на пределот на веѓите.
Резултатите се индивидуални и зависат од состојбата на кожата, возраста и други фактори.
Кога може да се забележат првите резултати од HIFU третманот и колку долго траат?
Кај некои клиенти може да се забележи почетен ефект веднаш по третманот, но вистинските резултати се развиваат постепено, во текот на следните два до три месеци, додека се создава нов колаген.
Резултатите може да траат околу една година, понекогаш и подолго, зависно од возраста, состојбата на кожата и индивидуалниот процес на стареење. Најважно е да имаме реални очекувања и правилно да го избереме третманот.
Освен за лицето, какви придобивки може да понуди HIFU третманот за телото?
HIFU може да се користи и за подобрување на цврстината на кожата на одредени делови од телото. Во зависност од типот на уредот и неговата намена, третманот може да биде насочен кон области како стомакот, натколениците и рацете. Помага и по слабеење за подобрување на цврстината и еластичноста на кожата.
Ултразвучната енергија ги таргетира подлабоките слоеви на кожата и масните ткива без да ја оштети површината на епидермисот. Ја поттикнува регенерацијата на колагенот за цврстина и подобрен тонус, а помага и во разградување на локализираните масни наслаги во третираните зони.
Да преминеме на ласерската епилација. Што претставува овој третман и кои се неговите главни придобивки?
Ласерската епилација е медицински и естетски третман за долготрајно отстранување на несаканите влакна од лицето и телото со помош на паметна ласерска технологија.
Принципот на работа е едноставен. Ласерот емитува концентриран сноп светлина што го апсорбира пигментот (меланин) во влакното. Таа светлина се претвора во топлина, го оштетува фоликулот (коренот) на влакното и го оневозможува неговиот понатамошен раст, додека околната кожа останува целосно неоштетена.
Дали ласерската епилација е долгорочна инвестиција во негата на кожата и како може да заштеди време и пари?
Иако почетната инвестиција може да биде поголема, на долг рок се заштедуваат време и пари кои инаку би се потрошиле на бричеви, восок и други методи за отстранување на несаканите влакна.
Ласерската епилација овозможува долготрајно намалување на растот на влакната, со што се намалува потребата од чести третмани и секојдневна нега. Сепак, за посакуваниот резултат обично се потребни повеќе сесии, а кај некои лица и повремени дополнителни третмани за одржување.
Која е најчестата заблуда која ја слушаш за HIFU третманот или ласерската епилација?
Една од најчестите заблуди е дека со еден третман може да се постигне целосен и траен резултат, кај HIFU резултатите се развиваат постепено, додека кај ласерската епилација се потребни повеќе третмани поради различните фази на раст на влакната.
Исто така, важно е да се знае дека резултатите се индивидуални и дека правилната процена и придржувањето до препораките се многу важни. Затоа секогаш сакам клиентите да имаат реални очекувања и да знаат дека квалитетот е поважен од брзото ветување.
Дали HIFU и ласерската епилација се соодветни за секого? На што треба да се внимава пред да се започне со третман?
Не секој третман е соодветен за секого, затоа процената пред започнување е многу важна.
Кај HIFU ги земаме предвид состојбата на кожата, степенот на опуштеност и возраста на клиентот. Кај ласерската епилација важни се типот на кожата, бојата и дебелината на влакната, изложеноста на сонце и евентуалните контраиндикации.
Секогаш прво разговараме, ги проверуваме безбедносните услови и дури потоа одлучуваме дали и како ќе го направиме третманот.
Колку е важен индивидуалниот пристап и како им помагаш на клиентите да го изберат вистинскиот третман?
Индивидуалниот пристап значи дека не ги третираме сите клиенти на ист начин, бидејќи секоја кожа и секоја потреба се различни.
Прво разговараме за нивните желби и очекувања, ја проценуваме состојбата и објаснуваме што реално може да се постигне со одреден третман. Не ми е целта само да понудам услуга, туку клиентот да замине со чувство дека направил правилен избор, дека добил искрен совет и дека е во сигурни раце.
Што би им препорачала на оние кои долго размислуваат да пробаат естетски третман, но сè уште имаат дилеми или страв од непознатото?
Би им препорачала прво да се информираат и да дојдат на консултација, без никаква обврска да започнат со третман. Сосема е нормално човек да има прашања или страв кога пробува нешто ново.
Тука сме да објасниме како функционира третманот, какви резултати може да се очекуваат и дали е соодветен за нив. Најважно е одлуката да ја донесат информирано и да се чувствуваат сигурно и опуштено.
За крај, која е твојата порака до сите што сакаат да се грижат за својот изглед и да си посветат повеќе внимание?
Нашата цел во „Laurel“ е да им овозможиме на клиентите професионален пристап, стручни совети и третмани приспособени на нивните потреби.
Ги поканувам сите што сакаат да се погрижат за себе, да откријат нешто ново или едноставно да си подарат малку време за убавина и релаксација, да нè посетат во нашиот салон „Laurel“. Ќе ни биде задоволство да ги запознаеме со можностите што ги нудат современите естетски третмани и заедно да го пронајдеме најсоодветниот пристап за нивните потреби.