„Забраните не го решаваат проблемот“: Психологот Христина Стефановска за влијанието на социјалните мрежи врз младите
Во време кога дигиталниот свет станува неизбежен дел од секојдневието, прашањето како социјалните мрежи влијаат врз најмладите станува една од најважните теми во современото родителство и образование. Децата растат со телефон во рака уште пред да научат да читаат, опкружени со екрани, брза содржина и виртуелни модели на однесување, што неминовно го обликува нивниот развој – од начинот на кој учат и комуницираат, до тоа како се гледаат себеси и светот околу нив.
Во обид подобро да се разбере оваа сложена динамика, разговаравме со м-р Христина Стефановска, детски психолог со долгогодишно искуство во работа со деца, адолесценти и родители.
Авторката на библиотерапевтски приказни, за Фемина зборува за она што навистина се случува „зад екранот“, за предизвиците на генерацијата која расте во дигитална ера, важноста од критичко размислување и потребата од балансиран пристап што ќе ги заштити децата, но и ќе им помогне да се снајдат во свет што непрекинато се менува.
Преку нејзиниот стручен поглед кон влијанието на социјалните мрежи врз развојот на децата, Христина опишува како изложеноста на дигитални содржини го менува вниманието, концентрацијата, вокабуларот и дури физичкиот развој:
„Влијанието на социјалните мрежи не го остава никого рамнодушен. Изложеноста на истите влијае врз психо-физичкиот развој кај децата и тинејџерите, особено врз когнитивните способности, намалена концентрација и фокус во извршните функции, оскуден вокабулар полн со странцизми и жаргони. Тоа најчесто се должи како последица на видео игри и прегледи на кратки видеа (рилсови).
Содржината која ги привлекува таму ја намалува интринзичката мотивација што едно дете треба да ја има во совладување на академски вештини и училишни градива, бидејќи споредено со таа содржина, училишното градиво изгледа досадно и тешко, непривлечно. Што значи дека употребата на телефоните во рамки на училиштниот ден го попречува правилниот тек на наставата. Учениците се фокусирани на исчекување на одмор за време на кој воглавном ги користат мобилните телефони.
Во современата настава, учениците користат таблети или дигитални форми на учење и дополнително користење на уреди влијае и врз соматизации како главоболка, црвенила во очите итн. Во однос на физичкиот развој, се забележуваат се почести деформитети на склететот, како последица од неправилно седење и држење на телото за време на користење на уреди.“
Таа додава и дека дигиталниот свет влијае врз самодовербата и емоционалната стабилност на младите, особено во време кога инфлуенсерите се новите „херои“ на генерацијата.
„Во долгорочна употреба и изложеност на социјалните мрежи, истите може да влијаат екстринзички врз интересите на едно дете, некогаш позитивно на пример да засака некаков спорт, некогаш негативно како инспирација за правење на предизвици и ризични поведенија. Влијаат врз мотивацијата и самодовербата, особено кај тинејџерите.
Тука треба да се обрне особена важност за градење на свеста и совеста кај инфлуенсерите и јутјуберите за вистинското влијание кои тие го имаат врз следбениците. Како што едно дете се идентификува со некој херој од приказните, така ќе се идентификува и со животот на личноста која секојдневно ја следи. Децата не го разбираат феноменот социјална мрежа наспроти реалност, за нив животот на интернетот е можен и реален што претставува честопати огромна фрустрација и емоционална нерегулираност.“
Сè повеќе земји бараат начин да ги заштитат децата во рамки на образовниот систем, а примерот на Хрватска, каде мобилните телефони се забранети во училиштата, привлекува внимание и кај нас. На прашањето дали ова е мерка што може да ја подобри концентрацијата, дисциплината и социјалната интеракција меѓу децата, Стефановска вели:
„Секако, училиштето е место каде се градат вредности, позитивни особини и позитивни модели на однесување. Тоа е простор каде децата освен знаење собираат информации за животот, искусувајќи секојдневни искуства со своите врсници. Присуството на мобилните за време на училишната настава само може да ја оскуди социјалната интеракција меѓу врсниците и да ја намали концентрацијата за време на часовите.“
Во друга насока се движат земји како Австралија, каде веќе се воведува забрана за користење на социјални мрежи кај помладите. Христина има јасен став за тоа како овие мерки функционираат и каде се нивните ограничувања.
„Примарната цел на социјалните мрежи беше да се развива јавна дебата и размена на мислења за најразлични животни теми и збиднувања каде вмрежувањето обезбедува поддршка. Потоа, со текот на времето, социјалните мрежи постанаа простор за дигитална социјализација. Сметам дека целосна забрана на социјални мрежи кај младите не го решава проблемот со нивното штетно влијание врз нив.
Кај младите ќе се создава потреба да бараат поинакви начини на вмрежување во интернет просторот, особено земајќи го во предвид тоа дека генерацијата деца родени во дигитална ера се и дигитално многу вешти и спретни во интернет просторот. Достапни четови за комуникација тие имаат и во самите видео игри. Сметам дека видео игрите најпрвин треба да се предмет на расправа, па потоа социјалните мрежи. Особено важно е да развиеме деца кои ќе имаат критичко мислење да се справат со секаков вид ситуации и во реалниот и во виртуелниот свет. Наместо тоа видео игрите им дозираат допамин чие што влијание подоцна ќе има невролошка детерминација.“
Реалноста која не можеме да ја игнорираме е дека децата ќе растат во дигитална ера, но наша е одговорноста да растат во неа без да ја изгубат човечката страна која ги обликува како личности. Затоа тука се поставува и суштинското прашање: како родителите можат да воспостават здрави дигитални граници без да создадат отпор, притисок или рестрикции кои ќе бидат контрапродуктивни?
„Решението е баланс помеѓу животот на денешните генерации, за кои не можеме да оспориме дека со самото раѓање тие се во дигитална ера, и вистинските човечки вредности. Поставување на здрави родителски граници околу времето и содржината помината пред екран и системска едукација и поддршка, како до родителите и сите останати чинители во правец на дигитална писменост. Решението на долгорочен план е да се изгради младина со критичко размислување и здрави ставови која е отпорна на негативни влијанија, преку образовниот процес и преку воспитниот процес дома“ - заклучува Христина.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk