„Ти благодарам за сè“: Балерината Стефанија Гаштарска со фотографии „пред и потоа“ за роденденот на мајка ѝ
Стефанија Гаштарска со емотивна објава ѝ го честиташе роденденот на мајка ѝ, од која ја наследила љубовта кон балетот.
Во Instagram објава, македонската балерина сподели фотографии „пред и потоа“ и ѝ се заблагодари на мајка си Марија Крстевска за поддршката која ѝ ја давала во текот на животот и кариерата.
Ако почнам да пишувам за тебе, мамо, никогаш нема да завршам. Можам да пишувам бесконечно, но и тоа бесконечно е премалку. Некои нешта едноставно не се опишуваат со зборови... ❤️
Затоа само ќе кажам: ТЕ САКАМ, МАМО!
Најмногу што посакувам во животот е да си среќна, здрава и СЕКОГАШ насмеана. Никој на светот не го заслужува тоа повеќе од тебе.
Ти благодарам за сè...
СРЕЌЕН РОДЕНДЕН💝 - стои во нејзината објава.
Инаку, Стефанија е дипломирана на Академијата за балет на Бољшој и е солист првенец во Перм Опера и Балет. Нејзината мајка е солист во Македонска Опера и Балет, балетски педагог и сопственик на балетско студио.
Во неодамнешно гостување во подкастот на Нина Ред, Стефанија искрено проговори за тешките моменти низ кои поминувала по разводот на родителите и сподели дека мајка ѝ била нејзина најголема поддршка.
„Мајка ми и татко ми се разведени. Сето тоа беше многу тешко. Мајка ми не можела да спие и сум ја гледала како плаче... А татко ми, на пример, си живеел свој живот. Имам некоја лутина“ – изјави таа.
Гаштарска со татко ѝ не разговара повеќе од една година, бидејќи се тргнал на страна кога најмногу ѝ бил потребен. Вели дека сите свои успеси ѝ ги должи токму на мајка ѝ, која целосно се посветила на нејзиниот развој и на кариерата.
Стефи со години живее и работи во Русија, а за животот во Санкт Петербург за Фемина изјави: „Во Санкт Петербург буквално се чувствувам како да сум дел од некој советски филм. Она што најмногу ме фасцинира тука е почитта кон балетот – тоа не е само обична професија, туку нешто што сите навистина го ценат. За работа е суров, бидејќи стандардите се превисоки, но токму тоа е она што ме фасцинира“.