• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Кај Русите нема многу простор за нежност, но токму тоа те тера да пораснеш преку ноќ“: Балерината Стефанија Гаштарска за животот во Санкт Петерсбург

25 февруари 2026, 12:50
  • cподели
Стефанија Гаштарска

Од детски сон инспириран од мајка ѝ, до грандиозните сцени на светската балетска елита, патот на Стефанија Гаштарска е симфонија од храброст и челична дисциплина. Амбициозната македонска балерина е доказ дека границите не постојат за оние кои имаат храброст да сонуваат и дисциплина да не се откажат.

Имено, на само 18 години таа стана дел од престижниот Бољшој театар во Москва, а нејзиниот талент беше препознаен и од рускиот „Форбс“, кој ја вброи меѓу 8-те идни ѕвезди во балетската сцена во Русија.

Денес, шармантната и талентирана девојка живее и работи во Санкт Петербург, метропола која ја фасцинира со својата грандиозност, историја и безрезервна почит кон уметноста. Таму секојдневно се соочува со студот на северот и високите стандарди на една балетска традиција која не простува слабости. Но, токму во таа строгост, во тој „војнички“ менталитет и професионализам, вели дека го пронаоѓа својот раст. Природна, елегантна и автентична и надвор од сцената, Стефи е пример дека убавината е во едноставноста, а успехот – во истрајноста.

За Фемина, 24-годишната скопјанка искрено зборува за животот во Русија, магијата на руската зима, носталгијата по Македонија и испраќа силна порака за сите млади кои се плашат да сонуваат големи соништа.

Стефанија Гаштарска
Како би го опишала Санкт Петербург за живеење и работа? Што те фасцинира најмногу таму?

Во Санкт Петербург стандардите се превисоки, но токму тоа ме фасцинира

Во Санкт Петербург буквално се чувствувам како да сум дел од некој советски филм. Она што најмногу ме фасцинира тука е почитта кон балетот – тоа не е само обична професија, туку нешто што сите навистина го ценат.

Иако градот е огромен и честопати премногу ладен, има некоја посебна енергија што те мотивира да не застануваш. Најмногу ме воодушевува тоа колку е сè грандиозно и поврзано со историјата, па дури и кога само одиш до театар, чувствуваш одговорност да го дадеш својот максимум.

За работа е суров, бидејќи стандардите се превисоки, но токму тоа е она што ме фасцинира.

Стефанија Гаштарска
Стефанија Гаштарска
Колку Русите се разликуваат од нас по менталитет, дисциплина и секојдневие и што најмногу те изненади кога се пресели?

Руската дисциплина на моменти делува сурово, но всушност е само екстремен професионализам

Русите имаат дисциплина која на моменти делува сурово, но всушност е само екстремен професионализам. Кај нив не постои изговор – ако си на работа, не постои умор, не постои лошо време, лошо расположение...
Најмногу ме изненади токму таа нивна директност. Не губат време на празни муабети и непотребна љубезност. Ако нешто не чини, ќе ти го кажат в лице веднаш. Кога ќе се преселиш тука, сфаќаш дека ако сакаш да те почитуваат, мораш да го прифатиш тој „војнички“ менталитет. Нема многу простор за нежност, но токму тоа е она што те тера да пораснеш преку ноќ.

Стефанија Гаштарска
Стефанија Гаштарска
Што најмногу ти недостига од дома, од Македонија кога си далеку?

Најмногу ми недостига леснотијата на живеење. Во Македонија го имаме тој посебен дух, каде што и покрај сите обврски, секогаш наоѓаме време за блиските. Тука во Русија сè е пребрзо, па често ми фали таа наша спонтаност и топлина. И секако – сонцето. Колку и да е убав Петербург, ништо не може да ја замени светлината, топлината и мирисот на Скопје во пролет.

Стефанија Гаштарска
Можеш ли да ни ја доловиш магијата на руската зима – студот, снегот, светлината, атмосферата пред проба или по претстава?

Руската зима е сурова, но има некоја неверојатна естетика. Најголемата магија е всушност во контрастот. Пред проба, додека одиш кон театарот на -20 степени, градот изгледа замрзнато и сиво, но штом влезеш внатре, атмосферата се менува во секунда. Салата е местото каде што е топло, светло... Излегуваш од сала сè уште загреана од пробите, а надвор те пречекува тој остар, леден воздух. Иако е студено, имаш чувство дека градот ти дава некој посебен мир по сиот тој интензитет во сала.

Стефанија Гаштарска
Фотографии на Стефанија Гаштарска
Фотографии на Стефанија Гаштарска
Важиш за исклучително природна и елегантна девојка, како ја негуваш убавината без да ја нарушиш таа автентичност?

Убавината е во тоа како се чувствуваш во сопственото тело

За мене, убавината е во тоа како се чувствуваш во сопственото тело. Не користам тешка шминка надвор од сцената, бидејќи балетот веќе ми наметнува доволно „тежина“ со костимите и сценскиот изглед.

Приватно, се држам до едноставноста – квалитетна нега на кожата и минимализам. Најголемата тајна на автентичноста е всушност тоа кога си исполнет со тоа што го правиш. Едноставно, не сакам да ја изгубам својата природност во морето од трендови.

Фотографии на Стефанија Гаштарска
Дали професијата ти наметнува строг режим на исхрана и како изгледа еден твој типичен ден во тој поглед?

Фокусот ми е на протеини и баланс, а не на броење калории

Не се работи за тоа колку јадеш, туку што. Се работи за тоа како го храниш телото за да може да издржи десет часа во сала. Мојот режим не е строг во смисла на гладување, туку во смисла на дисциплина – точно знам што му треба на моето тело за енергија, а што му пречи.

Еден мој типичен ден почнува со многу лесен појадок, бидејќи не можам да вежбам со полн стомак. Најголемиот дел од калориите ги внесувам по пробите, кога на мускулите им треба опоравување. Фокусот ми е на протеини и баланс, а не на броење калории. Искрено, кога имаш толку интензивно темпо, телото само ти кажува што му треба. Не си го скратувам задоволството од добра храна, но свесна сум дека моето тело е мојот инструмент и затоа се однесувам одговорно кон него.

Стефанија Гаштарска
Каков е твојот личен стил кога не си во балетска сала, како сакаш да се облекуваш и што значи модата за тебе?

Искрено, кога не сум на сцена и во сала, најмногу сакам да ми е згодно. По цел ден поминат во стегнати костими, шпиц-патики, приватно ми треба нешто тотално спротивно.

Мојот стил е релаксиран и едноставен. За мене модата надвор од театарот е начин да се опуштам, па затоа најчесто носам нешто широко и лежерно. За некои посебни прилики сакам да се дотерам и да носам убав накит.

Стефанија Гаштарска
Кога не си во балетска сала, што најмногу те опушта и те враќа во рамнотежа?

Кога ќе излезам од сала, најмногу ме опуштаат работи што немаат никаква врска со балетот. Кога сакам комплетно да се исклучам, земам да бојам – тоа ми е еден вид терапија каде што не морам да мислам на ништо. Обожавам да истражувам нови ресторани и кафулиња низ градот, да шетам и едноставно да го менувам амбиентот.

А ако сакам вистински да се „извадам“ од сопствениот свет, гледам тенис. Има нешто во тој спорт што ме фасцинира, можеби таа ментална сила и фокус, па тоа ми е совршен начин да се релаксирам.

Стефанија Гаштарска
Стефанија Гаштарска
Има ли нешто за себе што досега не си го споделила јавно, а сметаш дека те дефинира надвор од сцената?

Ретко грешам во првиот впечаток за луѓето и ситуациите

Она што луѓето можеби не го знаат за мене е дека јас многу повеќе се потпирам на мојата интуиција отколку на логиката. Надвор од сцената, јас сум човек кој „чувствува“ сè – енергијата во просторијата, енергијата и емоциите на другите околу мене. Ретко грешам во првиот впечаток за луѓето и ситуациите. Тоа е таа моја невидлива страна која ми помага да преживеам во овој суров професионален свет.

Стефанија Гаштарска
Кое е твоето животно мото и која личност или идеја најмногу те инспирира да истраеш на овој пат?

Најголема инспирација ми е „малата јас“

Моето животно мото е: „Секогаш поставувај си високи цели, дури и во тој момент да звучат невозможни и нереални".

Верувам дека само со таков пристап човек може да ги надмине сопствените граници и да постигне нешто.

Моја најголема инспирација ми е „малата јас“. Таа е она девојче кое прво ги постави тие „нереални“ цели и сонуваше за сцени кои тогаш навистина изгледаа недостижни. Малата Стефи ми е најголемиот потсетник дека она што некогаш изгледало како невозможен сон, со истрајност и работа, и тоа како може да стане реалност.

Што би им порачала на младите кои сонуваат големи соништа, но се плашат од патот до нив?

Бродот е побезбеден на копно, но дали е направен за таму? :)

Стравот не смее да ни биде кочница. Честопати трошиме премногу енергија на сценарија за неуспех. А, што ако успее? Сте се запрашале ли?

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Стефанија Гаштарска

Најнови

  • „Панчо повика да излеземе... Паднав во стампедото, настана хаос“: Ана Костадиновска сведочеше за спасувањето од пожарот во Кочани

    Wed, 02/25/2026 - 14:31
  • СептаНазал

    СептаНазал: За полесно дишење и поудобно патување дури и кога имате настинка

    Wed, 02/25/2026 - 13:57
  • Антон (Тони) Баталаковски

    Промоција на монографијата „Мојот пат“ – културен настан посветен на Антон (Тони) Баталаковски

    Wed, 02/25/2026 - 13:39
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.