• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Семејство

Стравот од етикетата ’лоша мајка‘ принудува многу жени да молчат за измореноста: Психологот Тиана Ивановска за менталното здравје на мајките

26 мај 2026, 12:25
  • cподели

„Само среќна и исполнета мајка може да биде добра мајка за своето дете“.

Од почетниот страв од непознатото, до прашањето „Дали сум доволно добра мајка?“, меѓу обврските, непроспиените ноќи, кариерата и грижата за детето, многу жени чувствуваат дека полека ја губат личноста која биле пред да станат мајка. Токму затоа, враќањето кон себе и зачувувањето на менталниот мир мора да станат апсолутен приоритет.

Бидејќи мај е месец посветен на менталното здравје на мајките, со психологот и психотерапевт Тиана Ивановска разговараме за клучни моменти како рушењето на митот за совршенство, препознавањето на постпородилната депресија и зошто барањето помош е покажување на љубов кон своето дете.

Тиана Ивановска, психолог и психотерапевт
Тиана Ивановска, психолог и психотерапевт 

Кои се најчестите психолошки предизвици со кои се соочуваат мајките по породувањето?

Периодот по породувањето претставува една од најголемите психолошки, емоционални и физички транзиции во животот на жената. Иако раѓањето на дете често се доживува како период исполнет со радост, реалноста за многу мајки е многу посложена. Покрај љубовта кон бебето, често се јавуваат страв, несигурност, исцрпеност, чувство на вина и емоционална преоптовареност.

По породувањето, жената поминува низ огромни хормонални, физички и психолошки промени. Најчесто се појавуваат емоционална нестабилност и плачливост, анксиозност и постојана грижа за бебето, чувство на несигурност и страв дали е „добра мајка“, хроничен замор и раздразливост и слично.

Истражувањата покажуваат дека околу 10 до 20% од жените развиваат постпородилна депресија, но многу случаи остануваат непрепознаени поради страв од осуда или чувство дека треба да бидат само среќни и ништо поразлично од тоа.

Како мајките можат да препознаат разлика помеѓу нормален замор и знаци на постпородилна депресија?

Заморот е очекуван дел од мајчинството, особено во првите месеци. Но, кога покрај физичката исцрпеност се јавуваат:

  • постојана тага
  • чувство на празнина
  • губење интерес за секојдневни активности
  • чувство на безвредност
  • силна анксиозност
  • проблеми со поврзување со бебето
  • често плачење без јасна причина
  • чувство дека „не можам повеќе“

и кога овие симптоми траат повеќе од две недели и го нарушуваат секојдневното функционирање, тогаш е важно да се побара стручна помош.

Уморна мајка

Колку е важно мајката да побара стручна помош кога чувствува анксиозност, тага или преоптовареност?

Психолошката поддршка не значи слабост

Многу е важно. Психолошката поддршка не значи слабост, туку грижа за себе и за детето. Мајката која е психички стабилна полесно создава сигурна и топла средина за своето бебе.

Колку порано се препознаат симптомите, толку полесно и побрзо може да се помогне. Разговорот со психолог или психотерапевт може да помогне жената да ги разбере своите чувства, да добие поддршка и да научи стратегии за справување со стресот и притисокот.

Како недостатокот на сон влијае врз менталното здравје на мајките?

Недостатокот на сон има директно влијание врз емоционалната стабилност. Кога мозокот нема доволно одмор:

  • се зголемува раздразливоста
  • опаѓа концентрацијата
  • се засилува анксиозноста
  • се намалува способноста за емоционална регулација
  • расте ризикот за депресивни симптоми

Хроничната ненаспаност може да направи и мали секојдневни ситуации да изгледаат преоптоварувачки. Затоа, поддршката од партнерот и семејството околу ноќните обврски и одморот е исклучително важна.

Кои техники или стратегии можат да им помогнат на мајките подобро да се справат со стресот?

Најважно е мајката да престане да очекува совршенство од себе. Неколку важни стратегии се:

  • прифаќање дека е нормално да не се може сè
  • барање помош без чувство на вина
  • кратки периоди на одмор во текот на денот
  • отворен разговор со партнерот и блиските
  • ограничување на споредувањето со други мајки на социјалните мрежи
  • техники на дишење и релаксација
  • прошетки и физичка активност кога е можно
  • време за сопствени потреби, дури и ако тоа се 20 минути дневно

Мајката не треба да преживува сама за да докаже дека е добра мајка.

Каква улога има партнерот и семејството во зачувувањето на психичката благосостојба на мајката?

Поддршката од околината е еден од најважните заштитни фактори за менталното здравје на мајката. Жената има потреба да биде слушната, разбрана и поддржана, а не само советувана или критикувана.

Понекогаш најголемата помош не е советот, туку едноставно:

„Одмори, јас ќе го земам бебето.“
„Не мора сè да биде совршено.“
„Добро се снаоѓаш.“

Кога мајката чувствува дека не мора сама да носи сè, значително се намалува психолошкиот товар.
Многу мајки, и покрај тоа што секојдневно даваат сè од себе за децата, домот и семејството, често живеат со чувство дека не се доволно добри и дека секогаш можеле да направат повеќе.

Од каде доаѓа ова чувство на вина и како може мајката да излезе од тој постојан „магичен круг“ на обврски и самокритика? Како да се надмине тоа чувство на вина, да се одвои време за себе, без да се мисли дека се занемаруваат обврските?

Жената треба да си дозволи да не биде совршена, да каже дека е уморна, да побара помош

Многу жени растат со пораки дека „добрата мајка“ мора да биде постојано достапна, смирена, организирана и пожртвувана.

Денес, социјалните мрежи дополнително создаваат нереални стандарди за совршено мајчинство.

Проблемот е што жената почнува да верува дека нејзината вредност зависи од тоа колку успева да издржи и колку малку мисли на себе.

Но, мајка која се грижи и за своето ментално здравје не е себична. Таа создава поздрав однос и со детето и со себе.

Излегувањето од тој „магичен круг“ започнува кога жената ќе си дозволи да не биде совршена, да каже дека е уморна, да побара помош, да постави граници, да има време за себе без чувство на вина.
Детето нема потреба од совршена мајка. Има потреба од емоционално присутна и доволно стабилна мајка.

Уморна мајка

Колку стравот од осуда, од други мајки, семејството или околината, влијае врз менталното здравје на мајката? Како жената може да се ослободи од потребата да ги исполнува туѓите очекувања и да си дозволи да биде „доволно добра“ мајка?

Многу жени се плашат дека ќе бидат прогласени за „лоши мајки“ ако признаат дека се изморени

Стравот од осуда е огромен товар. Многу жени се плашат дека ќе бидат прогласени за „лоши мајки“ ако признаат дека се изморени, преоптоварени или психички исцрпени. Токму затоа многу мајки страдаат во тишина. Важно е жената да разбере дека туѓите очекувања никогаш нема целосно да исчезнат. Но, менталното здравје не смее да се жртвува заради туѓо одобрување.

Концептот на „доволно добра мајка“, кој потекнува од психологот Доналд Виникот, покажува дека на детето не му е потребен совршен родител, туку родител кој е доволно присутен, топол и автентичен.

Кога е вистинскиот момент да се побара психолошка поддршка?

Во моментот кога жената чувствува дека не може сама да се справи, емоциите ја преплавуваат, се чувствува постојано исцрпено, анксиозноста и тагата траат долго, нема чувство на поддршка, почнува да се повлекува од луѓето или пак ако секојдневното функционирање станува претешко.

Не треба состојбата да стане „многу сериозна“ за да се побара помош.

Што би им порачале на мајките за важноста на грижата за сопственото ментално здравје?

Грижата за сопственото ментално здравје не е луксуз

Грижата за сопственото ментално здравје не е луксуз. Таа е основа за стабилноста на целото семејство. Мајката не треба да се изгуби себеси за да биде добра мајка. Нејзините потреби, одмор, емоции и психичка состојба се подеднакво важни.

Жена која знае да застане, да побара поддршка и да се грижи за себе, не потфрлила како мајка. Напротив. Таа му покажува на своето дете што значи здрав однос кон себе и сопственото ментално здравје. Но, менталното здравје не смее да биде запоставено поради притисокот од околината.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Тиана Ивановска
ментално здравје

Најнови

  • Џеси Џеј

    Немам веќе рак, плачев со часови: Џеси Џеј сподели дека го победи ракот на дојка

    Tue, 05/26/2026 - 13:25
  • Неутешната сопруга на Ристе Велков, кој загина во сообраќајка со синот, сподели негова изведба на „Ave Maria“

    Tue, 05/26/2026 - 12:50
  • Тиана Ивановска за менталното здравје на мајките

    Стравот од етикетата ’лоша мајка‘ принудува многу жени да молчат за измореноста: Психологот Тиана Ивановска за менталното здравје на мајките

    Tue, 05/26/2026 - 12:25
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.