• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„За првпат прославив роденден на 13 години, тоа што го поминав ме направи посилна личност“: Инспиративната приказна на Марија од СОС Детско село

16 април 2026, 21:00
  • cподели
Марија Самарџиска

Од девојче со неизвесна иднина до моќна и амбициозна млада дама со јасна визија за животот кој го посакува... Марија Самарџиска е вистинска инспирација и незаборавна лекција за храброст и непоколеблива верба во себе.

На само 12 и пол години, го пронаоѓа својот втор дом во СОС Детско село, местото каде што наместо празнина, пронаоѓа поддршка и каде што стравот од различноста го претвора во борбен карактер.

Сега, на прагот на нејзината 25-та година, храбрата девојка е магистер по право во областа на меѓународното право и меѓународните односи на „Јустинијан Први“. Паралелно со практикантската работа во адвокатско друштво, таа гради и лидерска кариера како дел од „Safe Life“ академијата, каде што веќе раководи со сопствен тим.

И покрај сè, за себе скромно ќе рече дека е една сосема „обична“ девојка, вљубеник во адреналинот, млада тетка која ужива во секој миг поминат со внукот и личност која обожава да ги открива светот и новите вкусови преку патувања.

Во интервју за Фемина, Марија отворено зборува за минатото, предизвиците, предрасудите и внатрешната сила која ја носи со себе.

Марија Самарџиска
Марија, твојата животна приказна започнува во СОС Детското село. Какви се твоите најрани спомени од детството и по што го паметиш тој период?

Баш добро се сеќавам на моментот кога пристигнав во СОС Детско село. Беше лето, штотуку завршив шесто одделение. По мене дојде СОС мајката која се грижеше за мене и брат ми. Кога пристигнав, уште на влезот се воодушевив од тоа колку беше уреден дворот и колку имаше играчки за сите деца. Потоа, кога се запознав со децата во куќата во која израснав, сфатив дека конечно ми се исполнила мојата желба да имам помали братчиња и сестричиња.

Првпат во мојот живот го прославив мојот 13-ти роденден

По неколку месеци таму, за првпат во мојот живот го прославив мојот 13-ти роденден. Покрај секојдневните школски обврски, посетував разни хоби активности – карате, теквондо, кошарка. Едно време дури и летото секогаш ни беше исполнето со различни активности и кампови, потоа одевме на одмор во Италија, Охрид, Струга, како и на разни проекти низ Прага, Словачка и слично.

И покрај сите овие можности кои ми ги нудеше системот на грижа таму, мене особено драг ми беше блискиот однос со СОС мајката, која во секој момент беше тука за сите нас и со која до ден-денес се гледам, како и со нејзините родители. Во тој период, можам да кажам дека направија да не ја почувствувам празнината и копнежот кон моите вистински баба и дедо, кои набрзо по моето доаѓање во СОС Детско село починаа.

Марија Самарџиска
Имаш ли денес контакт со твоите биолошки родители?

Да, имам контакт со мајка ми, која е дел од сите важни моменти и случувања во мојот и животот на брат ми, но поради нејзината здравствена состојба, не живее со нас.

Растењето во ваква заедница често носи поинакви искуства. Што беше различно во твоето детство во однос на врсниците надвор од таа средина? Што ти недостасуваше, а што можеби те направи посилна уште тогаш?

Сега веќе како возрасна личност, искрено немам конкретен одговор на ова прашање. Можеби ако ме прашавте порано ќе имав, но денес не. Единствено што можам да кажам е дека ми недостасуваше блискоста со баба и дедо, бидејќи тој период не ги гледав секој ден како што бев навикната. Можеби во еден период бев љубоморна на девојчињата кои имаат близок однос со нивниот татко, па се прашував какво е тоа чувство, што јас сум го немала. Но, секако, сето тоа што сум го поминала дефинитивно ме направи посилна личност. Сега полесно се справувам со сите препреки кои животот ми ги задава. Научив како полесно да ја пребродам загубата на некои личности.

Дали во текот на растењето се соочи со предрасуди или стереотипи поради тоа што си порасната во СОС Детско село? Како се справуваше со нив?

Па имаше, но не толку често како кај други мои врсници. Можеби јас бев во средина која беше помалку осудувачки настроена. Се сеќавам еднаш, кога се враќав од тренинг по карате, едно девојче ме праша: „Зарем вас таму ви дозволуваат да излегувате за викенд, нели треба постојано некој да е со вас?“ Јас на шега одговорив: „А да, дури и во кафез не држат“, па тогаш сфати дека не е баш така.

Имаше коментари од типот „воопшто не ми личиш на такво дете“

Додека пак, можам да кажам дека со предрасуди повеќе се соочив подоцна, кога излегов од системот на грижа. Имаше коментари од типот „воопшто не ми личиш на такво дете“, па често ги прашував како изгледаат тие деца според нив и по што ги препознаваат. Обично добивав одговори како „па не знам, поразлични, немирни и слично“, но ниту еднаш тоа не ми засмета, бидејќи јас самата знаев која сум и какви сме ние навистина. Секогаш тргнував од помислата дека можеби немало кој да ги научи тие деца, но никогаш, ни до ден-денес, не можам да ги разберам возрасните луѓе кои во 21 век, во ера кога можат да се информираат и едуцираат, сè уште имаат предрасуди за овие деца.

Марија Самарџиска
Имаше ли момент кога најмногу се почувствува „различна“ и како тоа влијаеше на твојата самодоверба?

Си велев дека кога ќе пораснам, еден ден нема да дозволам моите деца да го поминат тоа што јас го имам поминато

(се смее) Можеби ќе биде чудно, но јас баш напротив, отсекогаш сум сакала да сум различна од другите. Имено, никогаш тоа што сум го преживеала не сум го гледала како некаква флека која ќе ја носам низ мојот живот, бидејќи за тоа јас не сум била виновна. Туку, баш спротивно, секогаш сум го гледала како предност и сум се гордеела, бидејќи сѐ тоа сум го преживеала и сум останала нормална, велејќи си: „којзнае што ќе беше со мене доколку не дојдев тука, каде ли животот ќе ме одведеше“. Можеби и немаше да сум таму каде што сум сега

Мојот статус уште од мала повеќе ме мотивираше, од аспект што секогаш си велев дека кога ќе пораснам, еден ден нема да дозволам моите деца да го поминат тоа што јас го имам поминато. Нема да дозволам да бидам како моите родители, ќе учам, ќе се надоградувам, за еден ден да видат луѓето дека сите ние деца кои, за жал, поради сплет на околности сме дошле во понеповолна позиција од другите, вредиме и дека со труд, верба и правилна поддршка успеваме.

Кој беше најголемиот предизвик во твоето образование и патот до магистерските студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“?

Искрено, првата година од моите додипломски студии кои се неизбежен дел, со оглед на тоа што беше период на корона, сè се одвиваше онлајн, а мене ми беше полесно кога сè е во живо, и настава и испити. Особено тој период беше потежок, бидејќи штотуку се привикнував на живот надвор од СОС Детско Село, паралелно со подготовка на обемни испити, а воедно и мајка ми сериозно се разболе. Сето тоа некако се совпадна, но за среќа, тој период брзо помина. Потоа повторно се вратив во ритамот. Додека пак, двете години од магистерските студии ги поминав навистина убаво, без некои поголеми тешкотии, освен во процесот на пишување на магистерскиот труд, кога се соочив со предизвик да пронајдам доволно национална судска пракса за мојата тема.

Марија Самарџиска
Кој ти беше најголемата поддршка низ годините – личност или ментор што ти даде сила кога ти беше најпотребно?

На прво место секогаш го ставам мојот инает и бунтовност, односно самата себе. А низ годините, тоа биле различни луѓе со кои и ден-денес сум во комуникација. Во периодот пред да дојдам во СОС детско село, тоа беше наставничката Оле. Потоа, во СОС детско село - мама Нате и нејзините родители, како и моите другарки од таму. Во младинската куќа, моето одговорно лице Боре, Иренка, чичко Илчо и чичко Јане, како и мојот брат. Денес, сите овие луѓе се збогатени со мојата братучетка Вики, мојата помала сестра Маријана, мојот дечко и други блиски луѓе.

Кога ќе се навратиш назад, кој период ти беше најтежок и што те извлече од него?

Искрено, ретко зборувам за тешките периоди во мојот живот, бидејќи сметам дека тоа го споделувам само со луѓето на кои навистина им верувам. Но, од сè она што досега ми се случило, сум извлекла неколку поуки:

  • Често сме похрабри отколку што мислиме, само важно е да го направиме првиот чекор.
  • Не можеш да знаеш дали нешто ќе успее без да се обидеш.
  • Пази со какви луѓе ќе се опкружиш, не сите што се смеат и ти велат дека си во право, ти мислат добро. Повеќе ги ценам оние кои во лице ќе ми кажат конструктивна критика.
  • Не сфаќај сè лично.
  • Биди себична кога станува збор за твоето здравје и енергија, не секој ги заслужува.
  • А најважно, низ животот не мора да поминуваш сè сама, за да те сфатат, треба да кажеш.
Марија Самарџиска
Колку искуството од СОС Детското село те обликуваше како личност и дали го гледаш како предност во животот?

Растењето во СОС Детското село го гледам како предност

Искрено, многу големо влијание врз моето растење имаше времето поминато таму, бидејќи ме научи од самиот почеток како правилно да ги разбирам и изразувам своите емоции. Преку индивидуалните планови за развој, ме мотивираше да ги надградувам моите јаки страни и да ги подобрувам слабите.

Денес, слободата која ја имам при јавен говор се темели токму на различните обуки и семинари на кои сум учествувала во склоп на Детското село. И навистина, растењето таму го гледам како предност, бидејќи многу од можностите кои таму ни беа пружени, за жал, многу биолошки семејства не можат да си ги дозволат за своите деца.

Се чувствуваш ли денес како инспирација за другите млади со слична животна приказна и што би им порачала?

Се надевам дека им сум, со оглед дека не сите на ист начин се мотивираме. Најважно од сè е да сфатат што сакаат, не мора тоа да биде строго право или медицина. Има деца кои се талентирани за спорт, за занет; нека најдат она во што уживаат, она што добро го прават и нека се надградуваат во тоа. Да не се споредуваат со никого, секој си има свое време и свое темпо. Дисциплината и организацијата во времето се клучот и да не се плашат од неуспех доколку сакаат да успеат.

Ако можеш да ѝ се обратиш на малата Марија од детството, што би ѝ кажала денес, од оваа перспектива?

Би рекла: „Браво, фала ти што не се откажа. Гледаш дека секој пат твојата упорност и инает ти го носат тоа што го сакаш. Не им замерувај на луѓето кои не те разбираат, тие не го поминале истото.“

Даница Караташова Илиоска /  Femina.mk

Tags
СОС Детско село
Марија Самарџиска

Најнови

  • Марија Самарџиска

    „За првпат прославив роденден на 13 години, тоа што го поминав ме направи посилна личност“: Инспиративната приказна на Марија од СОС Детско село

    Thu, 04/16/2026 - 21:00
  • Бигорски манастир

    Верниците им осветлуваа на свештениците: Магична велигденска глетка од Бигорски

    Thu, 04/16/2026 - 19:44
  • По 6 години борба со неплодност и спонтан абортус, скопјанка стана мајка со инвитро во „Плодност“

    Thu, 04/16/2026 - 12:58
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.