„За имињата се имавме решено пред да бидат зачнати“: Ивана од Кичево за ќерките-близначки Липа и Молика
Липа и Молика имаат само три месеци, но нивната приказна започнала долго пред да дојдат на свет, дури и пред нивните родители да знаат дека еден ден навистина ќе добијат две ќерки.
Ивана Маркоска Докоска и нејзиниот сопруг Никола однапред ги избрале овие две имиња, инспирирани од заедничката љубов кон шумите, зеленилото и природата. Желбата била толку силна што Ивана уште пред бременоста во своја тетоважа вметнала детали од липа и молика, како мала тајна која ја делела само со сопругот.
По речиси две години обиди за бебе, позитивниот тест конечно ја донел долгоочекуваната радост. Но, вистинското изненадување дошло на долгоочекуваниот ехо преглед.
„Ама, злато... две се!“ – ѝ рекла докторката.
Следувала близначка бременост која, на изненадување на Ивана, поминала исклучително лесно, а во 37-мата недела на свет пристигнале две здрави девојчиња – Липа со 3.140 и Молика со 2.890 грама.
„Дали затоа што бев толку вртоглаво среќна, па не видов мака, или навистина беше толку лесно, не знам, ама знам дека поминав одлично“ - ни вели Ивана, која живее и работи во Скопје.
За Фемина, среќната мајка зборуваше за необичниот избор на имињата, реакциите кои ги добиваат, различните карактери на близначките и првите лекции од мајчинството.
Од каде идејата за имињата Липа и Молика?
За имињата се имавме решено пред воопшто да бидат зачнати, уште кога решивме дека сакаме да имаме деца. Јас имам завршено Шумарски факултет и заедно со Нино (сопругот) многу сакаме шуми, паркови и шеткање со саати низ природа. Поради тоа, знаевме дека сакаме имињата на некој начин да бидат поврзани со зеленило. Одлуката за Молика беше бидејќи моликата е ендемичен балкански вид, особено специфичен за Македонија, па девојчето кај и да шета да знае од каде си потекнува.
Дополнително, сакав да се породам во болницата „Плодност“ во Битола, па некако соодветно беше Молика да биде родена во градот под моликите. Липа, пак, е дрво кое многу го сакаме, и иако не е ендемски вид, во Македонија е многу распространето, особено низ трите наши градови – Струга, Кичево и Скопје. Дополнително одлуката за Липа ни се осигура кога пресметавме дека терминот за пораѓање паѓа во јуни, месецот на цветање на липите.
Знам дека ова ќе звучи малку налудничаво, но толку силно сакавме еден ден да имаме ќерки Молика и Липа, што детали од молика и липа си имав инкорпорирано во дизајн на тетоважа која ја направив во 2024 година, пред воопшто да забременам. Тоа беше тајна меѓу мене и Нино, на тетоважата има доста други елементи и желбата вешто ја сокрив меѓу нив.
Дали има коментари од страна или ве гледаат со чудење кога ќе кажете како се викаат?
Коментарите за имињата се само позитивни. Можеби меѓусебно луѓе си зборуваат поинаку, но пред нас, реакциите им се баш убави. Јас не ни мислам дека имињата се нешто толку необични, исто како што постојат имиња како Ела, Јагода, Роза, можат да постојат и Липа и Молика! 😊
Каква е Липа, каква е Молика?
Двојајчани близначки се и се доста различни, и на карактер и на изглед. Молика е посветла, со светли очиња, и е помирна и потрпелива. Липа, од друга страна, ме потсетува на вервериче и на изглед и на карактер - има кафеави, итри очиња, многу е жилава и доста понемирна, скоро секогаш прва се буди и многу понетрпеливо бара јадење од Молика. Секако, имаат и сличности - двете многу уживаат во шетање, обожаваат галење и мазење, убаво им е кога околу нив има луѓе и џагор, и обожаваат кога татко им им свири на синтисајзер, а јас им пеам. 😊
На што те научи мајчинството?
Мислам дека големите лекции доаѓаат допрва (засега имам само кратко мајчинско искуство 😊), но, неколку работи кои би можела да ги издвојам се:
1. Имам новосоздадена почит и емпатија кон сите родители, особено кон моите. Порано бев многу строга кон моите родители, зборувајќи им како требало да постапуваат, а сега на лично ниво сфаќам дека буквално давале сѐ од себе, дека и тие се само луѓе и дека и нив ова им е прв живот на планетава. Да се разбереме, не е дека претходно не сум го знаела тоа, но сега многу повистински го чувствувам тоа, на своја кожа.
2. Колку е битно кој ќе ти биде партнер во животот. Како и за претходната „лекција“, и за ова бев свесна, но особено ми се зацврсти ставот во текот на бременоста и во овие месеци гледајќи го мојот човек во улога на најпосветениот партнер и татко што некој може да замисли. Јас го имам луксузот на наспаност, одмор и дури и време за себе и за хобиња, бидејќи Нино не ми помага, туку родителствува паралелно и еднакво со мене.
3. Новитет ми беше дека јас ќе бидам позависна од моите деца отколку тие од мене! Тие можеби се зависни од мене за практични работи, ама јас сум толку емоционално приврзана што не можам да си се препознам себеси. Досега сме биле два пати излезени без нив и јас цело време надвор гледав слики од нив и се враќав дома расплакана бидејќи ми фалеле. Ова била најстрашната, најлудата, најубавата, најчудесната и најнежната љубов, и јас сум една неверојатна среќница што ја имам привилегијата да ја чувствувам секој ден!
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk