• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Во планината владеат закони на хармонија и соживот, во општеството – хаосот и омразата“: Интервју со Илина Арсова

8 март 2026, 17:20
  • cподели
Илина Арсова

Храбра, непоколеблива, своја и длабоко сплотена со природата. Илина Арсова е жена која не познава граници, таа едноставно ги поместува. Како алпинистка и прва Македонка што го исполни предизвикот „Седум врвови“, освојувајќи ги највисоките точки на сите континенти, таа со своите подвизи испиша историја. Но, нејзините височини не се само планински. Инспиративната дама е доктор на науки, талентирана уметница и писателка, жив доказ дека 8 Март е празник кој им припаѓа на независните и истрајни жени кои се осмелуваат да бидат сè што ќе замислат.

Нејзиниот пат до врвот е крунисан со бројни признанија, меѓу кои наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2020 година и статуетка на „Златна Бубамара“. Својата животна филозофија ја преточи во автобиографската книга „Седумте“, додека за најмладите ја создаде сликовницата „Највисокиот врв“, која служи како незаборавен потсетник дека соништата се остваруваат чекор по чекор. Преку своите изложби, пак, таа континуирано ѝ оддава почит на суровата, но фасцинантна убавина на природата.

Во ексклузивен разговор за Фемина, 43-годишната авантуристка се навраќа на првите чекори, на предизвиците низ кои чекорела и на планината како животна определба. Низ нејзините зборови одекнува силна, освестувачка порака до сите нас: природата не е наша сопственост, туку наша најголема одговорност. Зашто, колку и да забораваме на тоа, сè започнува и завршува со неа.

Илина Арсова
Илина Арсова
Ако се вратите во детството, каква бевте како дете и што од тоа девојче сè уште живее во вас денес?

Љубопитност. Верувам дека љубопитноста која е водилка на секое дете, секогаш остана мој сопатник и пораснавме заедно. Ако тогаш љубопитното девојче се интересираше за билките и погледот од врвот на старата цреша во дворот, денес истата ме води кон нови знаења и сознанија за светот во и околу мене.

Кој беше првиот момент кога почувствувавте дека планината не е само место, туку дел од вашиот идентитет? Како се роди таа љубов? Дали на почетокот ве премислуваа за оваа професија или пак имавте потполна поддршка?

Иако ова повеќе звучи на констатација отколку прашање, од денешна перспектива би се согласила дека планината не е само место, туку и дел од мојот идентитет. Имено тоа е процес што доаѓа постепено и природно. Чувството на припадност кон планината кај мене често било посилно од чувството на припадност кон градот и кон општеството организирано според туѓи стандарди и социјално конструирани норми. Наместо постојано приспособување на сопствените цели и соништа кон она што некој друг го смета за прифатливо — родови поделби, социјални очекувања и репродуцирање на нееднаквости, јас одбрав поинаков пат. Токму затоа сум се соочила со недоверба, завист и осуди за она што го правам, а кое отстапува од типичното балканско секојдневие. Со постепено зајакнување на чувството на припадност кон себеси, ваквите критики сѐ помалку допираа до мене.

Наидувам на илјадници пофалби од луѓе кои сум ги поттикнала да направат чекор надвор од комфор зоната

Од друга страна, секојдневно наидувам и на илјадници пофалби од луѓе кои постојано ми пишуваат дека сум ги инспирирала и поттикнала да направат чекор надвор од комфор зоната. Најблагодарна сум на тоа дека отсекогаш сум ја имала поддршката и вербата од најблиските. Сепак да напоменам, планинарењето кај нас не е професија, повеќе би рекла, начин на живот.

Илина Арсова
Илина Арсова
Планината често е место на тишина и соочување со себе. Што ве натера да научите за сопствените стравови, слабости и сила?

Благодарноста е пат кон среќата

Планините ме прават да се чувствувам потполно слободна и среќна, потсетувајќи ме на маленкоста на нас луѓето во однос на моќната природа. Тоа чувство ве прави да бидете благодарен и за најситните нешта во животот, а благодарноста е пат кон среќата. Во планините токму имам научено многу работи и за стравот, односно стравовите кои се наши постојани сопатници. Соочувањето со стравот е навистина непроценливо искуство. Во тој момент, одлучувате дали ќе продолжите заедно, рака под рака, со стравот како критичен пријател што ве приземјува кога е потребно. Или ќе му дозволите да стане ваш непријател — токсичен „контрол фрик“ што постојано ќе ја диктира насоката и ќе ги контролира одлуките во вашиот живот.

Илина Арсова
Илина Арсова
Искачувањето на Монт Еверест е историски момент. Што се случуваше внатре во вас кога успеавте да го достигнете највисокиот врв на светот? На што ве научи овој подвиг?

Искачувањето на Монт Еверест не беше потешко од соочувањето со корупцијата, дискриминацијата и неправдите по патот

Постојано учам од планините. Учам за истрајност, трпеливост, скромност. Како и многупати досега, и сега ќе повторам: искачувањето на врвот не беше потешко од соочувањето со корупцијата, дискриминацијата и неправдите по патот. Зборувам за појави што, за жал, станаа препознатлива одлика на нашето општество. Тоа длабоко ме растажува.

Токму затоа, уште од мала сум поборник за еколошка, човекова и социјална правда. Потребна ни е критична маса што ќе бара одговорност и ќе придонесе за вистински промени. Во планината владеат закони на хармонија, соживот и прифаќање на различностите. Во нашето општество, пречесто доминираат хаосот, омразата и изместените вредности. Би сакала секој човек, особено оние што носат јавна одговорност, да умее да ги препознае тие разлики и да учи од нив.

Илина Арсова
Колку ве променија годините поминати на докторски студии во САД, зошто решивте да се вратите во Македонија и тука да бидете доктор на науки? Што има Македонија, што можеби нема ниту една друга земја на светот?

Македонија има душа, има планини што зборуваат, има луѓе со топлина и инает истовремено

Премногу ја сакам Македонија, со сите нејзини убавини и несовршености, за да можам на подолго време да ја напуштам. Сепак, годините поминати на докторски студии во САД ме променија длабоко, ме научија на дисциплина, критичка мисла и храброст да ги преиспитувам системите, па и самата себе. Ми дадоа перспектива да ја видам Македонија отстрана, но токму таа перспектива ми покажа колку силно ѝ припаѓам. Семејството, спокојот, блискоста и социјалните врски, тоа е богатство што не се мери со титули, кариера или инфраструктура. Македонија има душа, има планини што зборуваат, има луѓе со топлина и инает истовремено. И можеби токму таа мешавина од суровост и убавина, од предизвик и припадност, е нешто што не може да се најде никаде на друго место во светот.

Илина Арсова
Како ја балансирате вашата писателска, уметничка, научна и алпинистичка страна. Дали тие се одвоени светови или сепак дел од една иста приказна? Во што најмногу се пронаоѓате себе си?

Апсолутно тоа е една иста приказна во различен формат и повеќе продолженија. Планината е мојата теренска лабораторија, извор на знаење и искуство. Науката е начин да го разберам тоа искуство, уметноста да го почувствувам, а пишувањето да му дадам смисла и структура. Не ги гледам како одвоени светови, туку како различни јазици преку кои го истражувам истото, границите, слободата и идентитетот. И буквално и метафорично, најмногу се пронаоѓам во самиот процес на искачување, било да е тоа врв, идеја или уметничко дело.

Кои беа најтешките жртви што моравте да ги направите за да го следите овој животен пат на алпинистка? Што изгубивте на овој пат, а што добивте што никогаш не би го замениле?

Овој пат носел многу откажувања, но добив чувство на слобода, јасност за тоа која сум и мир со сопствените избори

Жртва или избор? Верувам дека тоа е суштинската разлика. Менталитетот на жртва е многу присутен и често станува хендикеп што нè држи во место. Наместо да зборувам за жртви, јас за секоја своја одлука преземам целосна одговорност. Секако, овој пат носел многу откажувања, од удобност, сигурност, па и од одредени односи. Но, добив нешто што никогаш не би го заменила: чувство на слобода, јасност за тоа која сум и мир со сопствените избори.  

Илина Арсова
Илина Арсова
Дали некогаш сте посакале „поинаков“, помирен живот и што ве враќаше повторно кон планината?

Токму планината ми го нуди тој помирен живот. Живот во согласност со природата, природните појави и циклуси, кои за разлика од општеството се движат многу побавно, поискрено и со повеќе смисла.  

Во каква жена ве обликуваа сите тие искуства и како би се опишале себеси денес, надвор од титулите и достигнувањата. Која е Илина?

Велат среќата ги следи храбрите, но навраќајќи се на детските сништа, сепак љубопитноста, посветеноста и отвореноста да се научи, надгради, освести, или осознае нешто ново и поинакво, е она што ме обликува во личноста што сум денес. 

Илина Арсова
Илина Арсова
Како некој што поминал години во недопрена природа, што најмногу ве загрижува кога ќе ја видите состојбата на животната средина денес, особено во Македонија? Што мислите дека како општество правиме погрешно кога станува збор за односот кон природата и од каде треба да започне вистинската промена?

Во Македонија, природата често се третира како ресурс за експлоатација, а не како жив систем од кој зависиме

Како да стана вообичаено да гледаме исечени шуми, загадени реки, диви депонии и урбанизација без план, а притоа да не чувствуваме итност. Во Македонија, природата често се третира како ресурс за експлоатација, а не како жив систем од кој зависиме. Тоа е и прашање на моќ - кој одлучува, кој профитира, а кој ги носи последиците. Во древните цивилизации, односот кон природата е поврзан со односот кон телото, грижата и ранливоста. Денес капитализмот ни наметнува систем што ја вреднува доминацијата, профитот и „освојувањето“ наместо одржливост, грижа и заедништво, било да се тоа планини или пазари.

Вистинската промена треба да започне од културата на одговорност и грижа: преку едукација во образованието, во локалниот активизам, во политиките што ги поддржуваме и во секојдневните избори што ги правиме. Но, исто така, мора да започне и од гласно зборување и критичка мисла.

Планината ме научи дека ништо не се освојува, туку се оди чекор по чекор, со почит. Така треба да ѝ пристапиме и на природата.

Илина Арсова
Илина Арсова
Што прави во моментов и кои се идните планови на Илина?

Во моментов Илина заинтересирано ги одговара прашањата за Фемина, а во малку поширока временска рамка, Илина тренира, пишува, слика, се капе во студените води на нашите прекрасни реки и езера, качува карпи во секој слободен момент и сонува за некоја голема планина. 😊

Што сакате да оставите зад себе, и каква порака сакате да им пренесете на идните генерации?

Не верувајте слепо во сè што ќе ви се каже — дури ни родителите не се секогаш во право

Пред сѐ, сакам да бидам своја и автентична. А кога веќе сум видлива и во јавноста, сакам да оставам трага од искреност и интегритет. Доказ дека може да се живее доследно на себе и во почит кон природата.

На идните генерации би им порачала: не верувајте слепо во сè што ќе ви се каже — дури ни родителите не се секогаш во право. Градете критичка мисла кон себе, кон светот и кон вашите цели. И искачувајте се кон вашите врвови. Но, правете го тоа со почит кон себе, кон другите и кон околината околу вас, затоа што планината не се освојува, туку се почитува и заштитува за оние после нас.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Илина Арсова

Најнови

  • Илина Арсова

    „Во планината владеат закони на хармонија и соживот, во општеството – хаосот и омразата“: Интервју со Илина Арсова

    Sun, 03/08/2026 - 17:20
  • 8 Март

    Меѓународен ден на жената: Подобра заштита на жените и децата од родово базирано и семејно насилство

    Sun, 03/08/2026 - 09:07
  • 8 март колумна

    Моќен повик наместо честитка: За промена драги мажи, барем годинава да си ги зачуваме цвеќињата за себе

    Sat, 03/07/2026 - 21:34
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.