„Во оваа тишина се собра сета тага на Кочани што ја почувствува светот“: Светска премиера на филмот на Милчо Манчевски за пожарот во „Пулс“
Документарниот филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски синоќа имаше светска премиера пред публика која не можеше да ги скрие силните емоции.
Филмот се прикажа во официјалната документарна конкуренција на 32. Сараевски филмски фестивал.
По проекцијата, во салата завладеа заглушувачка тишина, која траеше бесконечно за потоа да биде разбиена со силен аплауз од емотивната публика.
„Во оваа громогласна тишина се собра сета тага на Кочани што ја почувствува светот“ – изјави режисерот Манчевски.
По аплаузот се одржа разговор со публиката која одушевено го прими филмот. Во разговорот, кој го водеше селекторката на програмата Рада Шешиќ, учествуваа Манчевски, директорот на фотографија Иван Ивановски и дел од соговорниците во филмот – преживеани од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На премиерата присуствуваше и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој дојде од почит кон Манчевски, иако „Добри луѓе“ е реализиран без финансиска поддршка од државата. Денеска е закажана уште една проекција на филмот во рамки на фестивалот.
„Добри луѓе” е снимен со минимална филмска екипа, само еден месец по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 млади луѓе. Манчевски го сними со свои средства, во знак на почит кон жртвите и преживеаните и на публиката ѝ ги носи непосредните сведоштва на тивките херои, кои се обидувале да спасуваат животи, но и на преживеаните. „Естетиката на филмот“, истакна селекторката Шешиќ „е воздржана и минималистичка за на тој начин уште посилно и поверодостојно да го соочи гледачот со страшните факти на трагедијата“.
За „Блиц“, Манчевски зборува за границата до која може да се оди во раскажувањето на туѓата болка:
„Границата е таму, каде што ќе ја постават луѓето кои живеат со таа болка. Никој друг не може да каже каде е границата. После ова искуство ми требаше многу време повторно да почнам да дишам нормално.