• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Во маалото во Ресен не сакаа да си играат со мене“: Инспиративната Јована која има оштетен вид со моќна порака за лицата со попреченост

8 септември 2026, 22:50
  • cподели
Јована Трајчевска

Јована Трајчевска се отвори за својата животна приказна во првата епизода на подкастот „Не чекајќи го Годо“. Инспиративната девојка е студентка на прва година по специјална едукација и и покрај тоа што е на самиот почеток од својот професионален пат, зад себе веќе има низа значајни успеси.

Уште во основно училиште ја напишала својата прва книга, била прогласена за ученик на деценијата во ДСУРЦ „Димитар Влахов“, а во изминатите години учествувала и на повеќе меѓународни младински размени. Голем љубител е на патувањата, планинарењето, природата и животните, а нејзината желба е по дипломирањето да работи со деца со оштетен вид и нивните родители.

Јована разговараше со водителот Кристијан Лазарев, кој е нејзин поранешен наставник по македонски јазик во училиштето „Димитар Влахов“, но и долгогодишен активист и борец за правата на лицата со попреченост. Таа искрено зборуваше за своето детство, животот во интернатот, предизвиците, но и лекциите кои ја изградиле како личност.

Јована Трајчевска и Кристијан Лазарев

На почетокот на подкастот, таа сподели како е да се има две детства, односно едно во Ресен и едно во Скопје:

„Не би рекла дека е страшно, но дека е едно интересно искуство дефинитивно.“

Јована откри дека пред да се запише во училиштето за деца со оштетен вид и слепи, воопшто не знаела дека во Скопје постои ваква образовна установа. Но, уште при првата посета, иако имала само шест години, почувствувала дека токму таму припаѓа. За нејзините родители, тоа била една од најтешките одлуки – да го остават своето дете на 200 километри од дома, но верувале дека тоа е најдоброто за нејзината иднина.

„Немаше ден да не плачам за моето семејство, тоа беше така некои три години. Меѓутоа јас не плачев затоа што мене не ми беше убаво во интернат, туку затоа што ми недостасуваше семејството. Од друга страна пак, со сите таму другарчиња и вработени формирав една толку убава врска, се чувствував прифатено прв пат“ - раскажува таа.

Јована Трајчевска

Првичниот план бил да се запише во редовното училиште во Ресен, но уште при првата посета, сфатила дека тоа не е средина во која ќе може да се развива и да се чувствува прифатено:

„Моите родители беа одлучени мене да ме запишат во редовно училиште, односно во училиштето во Ресен. Тие ме спремаа мене за тој момент, татко ми ми ги правеше оние букви од видно писмо, ми ги режеше, ми ги сечеше од картон, па јас така ги научив, си пишував зборчиња со нив. Потоа ги читав регистрациите на автомобилите и така го вежбав писмото и очекував да дојде тој момент, јас да се запишам во прво одделение. Кога заминавме во училиштето за да се запишам, јас сфатив некако дека не е тоа тоа, некако самата се расплачев, викам 'Мамо не сакам тука да учам' . Некако не ми се допадна пристапот на вработените таму. Меѓутоа тие слушнале некако за училиштето во Скопје во меѓувреме дека постои, затоа што барале алтернатива дали ќе најдат некое училиште каде што јас ќе се чувствувам поприфатена и посреќна, затоа што растењето во Ресен искрено беше... па не можам да кажам некои позитивни искуства. Затоа што иако од мал град и реално наталитетот сите сме свесни дека ни е опаднат во државата, немаше толку многу деца во моето маало, ама и тие што беа не сакаа да си играат со мене. Едноставно сите ме доживуваа за поразлична од себе, колку и јас да се трудев да им го докажам спротивното, дека и јас сум дел од ова општество, дека и јас можам да ги играм сите оние игри што тие ги играа.“

Во интервјуто Јована истакнува дека токму животот во интернатот ѝ помогнал да стане самостојна. Според неа, тоа е една од најважните животни лекции кои треба да ги стекнат децата со попреченост – да не зависат постојано од некого, туку да научат сами да се снаоѓаат и да се борат за своето место во општеството.

„Немојте 'Еј јас имам оштетен вид' да ви е изговор за сѐ. Тоа е најголемата грешка што можете да ја направите во вашиот живот, искрено“ - потенцира храбрата девојка.

Јована Трајчевска

Посебна порака испрати и до родителите, советувајќи ги да не бидат премногу заштитнички настроени кон своите деца:

„Оставете го нека допре и врела рингла, нека оди надвор нека се извалка во калта, нека трча, нека падне. Значи оставете го да го живее животот и да го осознава светот околу себе... Некој ден ќе дојде како јас сега што живеам сама без моите родители, да треба само да си зготви, не може да не знае како, не може да не знае чашата од водата да си ја измие потоа...“

Денес, Јована е студентка по специјална едукација на институтот за Специјална едукација и рехабилитација во Скопје и ја завршува првата година од студиите. Нејзиниот поранешен наставник Кристијан Лазарев не крие дека верува во нејзиниот потенцијал и се надева дека еден ден ќе му стане и колешка, иако и студирањето само по себе ѝ носи нови тешки предизвици.

„Многу ми е полесно кога учам на Брајово писмо, отколку кога слушам информација од телефонот преку екранскиот читач. Меѓутоа на факултет немам ништо на Брајово писмо, морам сѐ да учам од телефон, односно благодарение на екранскиот читач и сѐ е навика во животот, само тоа можам да кажам. Колку и да ми изгледаше застрашувачки тоа во средно 'Како јас на факултет, како ќе учам?' ... љубовта кон професијата прави чуда“ - открива таа.

Под видеото на Youtube стои и коментар од сестрата на Јована која пишува:

„Прво би кажала нешто за Јована како моја сестра. Секогаш ми е главниот мотив во животот и секојдневно ме фасцинира. Учам и се надградувам благодарение на неа, а би рекла дека јас ѝ возвраќам со мојата неизмерна поддршка. Воедно нејзината приказна прво како личност, а потоа како член на нашето семејство ме мотивираше уште повеќе мојот избор за студии да биде на институтот за Специјална едукација и рехабилитација и да се залагам за еднаквост и инклузија.

Професорот Кристијан од друга страна е личност со неизмерно знаење. Неговите успеси треба да се наша водилка кон инклузијата. Овој подкаст е навистина правилната иницијатива што ја превзедовте за вистинска инклузија во нашето општество. Ви посакувам плодна соработка понатаму и успешно гледани подкасти.“

Позитивната девојка доби поддршка и од својата сограѓанка Ледената Бетика, која на социјалните мрежи напиша:

„Јована ја познавам уште од бебе.

За жал, токму во нашиот град Ресен, таа се соочи со многу осуди, навреди и тортура од луѓе кои не знаеја да ја прифатат различноста. Не затоа што ѝ недостасуваше нешто, туку затоа што ним им недостасуваше емпатија.
Но, душата на Јована е поголема од целиот наш град. Поголема од сите предрасуди, од сите навреди и од сите што некогаш се обиделе да ја скршат.

Денес сум неизмерно горда што токму таа стана глас на луѓето со попреченост. Наместо омразата да ја направи горчлива, таа избра да биде светлина, инспирација и надеж за многумина.

Јована уште во основно училиште напиша книга, беше прогласена за ученик на деценијата во ДСУРЦ „Димитар Влахов“, учествуваше на бројни меѓународни младински размени и денес студира специјална едукација, со желба целиот свој живот да го посвети на работа со деца со оштетен вид и нивните родители.

Во своето прво гостување во емисијата „Не чекајќи го Годо“, храбро зборува за своето искуство, за животот во интернат, за инклузијата, за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и за односот на општеството кон нив.
Јована е доказ дека нечија различност никогаш не е слабост. Слабост е кога не умееме да ја прифатиме.

Нека нејзината приказна нѐ потсети дека најголемата попреченост не е во телото, туку во недостатокот на човечност ❤️“

Целиот подкаст може да го погледнете тука:
 

Tags
Јована Трајчевска

Најнови

  • Јована Трајчевска

    „Во маалото во Ресен не сакаа да си играат со мене“: Инспиративната Јована која има оштетен вид со моќна порака за лицата со попреченост

    Tue, 09/08/2026 - 22:50
  • Македонската убавица Ева Величковска во креација со нашето знаме заигра оро на сцената на Мис на светот

    Mon, 09/07/2026 - 21:40
  • Убавица во црвено: Џејла Рамовиќ гламурозна на „Тиквешки гроздобер“

    Mon, 09/07/2026 - 15:10
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.