„Во Кенија се слави Божиќ со заеднички собири на многу сонце, во Македонија е поинтимен и семеен“: Празнично со Ем Вандера Блажески
Публиката ја препознава по искрената позитивна енергија, непосредноста и автентичниот хумор со кој веќе години комуницира и преку телевизискиот екран и преку социјалните мрежи. Емакуате Вандера Блажески одамна не е само „Кенијка во Македонија“, туку жена која успешно го вгради своето потекло во нов дом и нова култура. Како сопруга на Михајло и мајка на малата Дариа, таа празниците ги доживува како интимен спој на личното и традиционалното.
За Фемина, Ем раскажува како македонските обичаи станале нејзини, како учењето да се меси лепче со паричка се претворило во симбол на припадност и како благодарноста останува најсилната нишка која ги поврзува празниците. Без разлика што е далеку од родната Африка, за неа семејството е центарот околу кој природно се вртат и традицијата и љубовта.
Бадник и Божиќ во Македонија се длабоко вкоренети во традицијата. Како изгледаат овие празници во вашиот дом и што најмногу ве привлече кај македонските обичаи?
Божиќ во Кенија е топол, радосен и силно семејно ориентиран. Луѓето најчесто патуваат во родните места за да празнуваат со поширокото семејство, одат на живописни црковни служби со пеење и танцување и делат богати трпези со јадења како скара (nyama choma), ориз и чапати. Фокусот е помалку на подароци, а повеќе на заедништво, благодарност, музика и заедница.
Она што веднаш ме привлече кај македонските празници е токму таа силна семејна поврзаност, ритуалите, храната, симболиката и чувството на припадност. Сè е исполнето со смисла и значење, од собирањето околу трпезата до споделувањето желби и приказни. Мојот омилен дел е традицијата со паричката и децата кои пеат коледарски песни од врата до врата.
Со текот на годините, дали започнавте да учествувате во подготовките за Бадник? Дали го месите лепчето со паричка и дали тоа има посебно значење за вас?
Да, апсолутно. На почетокот набљудував и учев, но со текот на времето, станав дел од сето тоа. Денес, месeњето на лепчето со паричка е нешто што навистина го негувам. За мене тоа симболизира надеж, единство и благослови за годината што доаѓа, како еден прекрасен начин да се поврзат генерациите и заедничките желби.
Колку сте вклучени во семејните подготовки и дали ѝ помагате на свекрвата околу бадниковата трпеза?
Многу сум вклучена. Помагам колку што можам и со годините научив да подготвувам традиционални јадења како сарма, а сè уште учам како да правам баклава. Но, не се работи само за готвење туку за поврзување, споделување знаење и чувство на прифаќање. Тие моменти во кујната се едни од моите најдраги празнични спомени.
Како вашата ќерка Дариа ги доживува Бадник и Божиќ? Дали преку неа уште подлабоко ги прифативте овие празници?
Преку мојата ќерка, овие празници добија уште подлабоко значење. Гледајќи ги низ нејзините очи, нејзината возбуда, љубопитност и радост уште повеќе ги прифатив како свои. Сакам таа да расте разбирајќи ги двете култури и да се чувствува горда на своето потекло.
Кога ќе се навратите на детството во Кенија, како се славеше Божиќ таму и по што се разликува од начинот на кој го славите сега во Македонија?
Во Кенија, Божиќ исто така беше силно семејно ориентиран, но почувствуван како полесен и повеќе на отворено со многу сонце, заеднички собири, музика и големи заеднички трпези. Во Македонија, Божиќ е поинтимен и исполнет со ритуали, со длабока духовна и традиционална симболика. И двата начини се убави на свој начин.
Дали постои обичај или вредност од вашата култура што се обидувате да ја вклучите во семејното божиќно празнување?
Да, заедништвото и благодарноста. Од мојата култура ја носам вредноста на отворени срца, дарежливост и грижата никој да не се чувствува изоставен. Музиката и смеата се исто така многу важни за мене, па се трудам тој дух секогаш да биде присутен за празниците.
Што значи за вас да живеете помеѓу две култури за време на празниците – предност или предизвик?
И двете, но повеќе предност. Понекогаш знае да биде предизвик да се балансираат традициите, но во суштина е многу збогатувачко. Тоа ни овозможува да создадеме нешто уникатно – наша сопствена семејна традиција, втемелена на љубов, почит и разбирање.
Која е најсилната емоција што денес ја поврзувате со Бадник и Божиќ, гледано низ призмата на семејството што го изградивте во Македонија?
Благодарност. Длабока благодарност за љубовта, прифаќањето и семејството што го изградивме заедно. Овие празници ме потсетуваат колку сум благословена.
Што му посакувате на вашето семејство во новата 2026 година?
Здравје, мир и континуирана љубов и секако, повеќе пари 😊 Посакувам раст, среќа и многу заеднички моменти кои ќе нè зближуваат уште повеќе. Над сè, посакувам секогаш да останеме обединети и благодарни еден за друг. ♡✨
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk