Вики Чадиковска за силуваното 14-годишно девојче: „Пред да напишеме ‘сама си го барала’, да се запрашаме, ‘а што ако е наше дете?’“
По информацијата за случајот со 14-годишно девојче кое, според пријавата, било сексуално нападнато од 25-годишен маж со кого било во врска, јавноста не остана рамнодушна, но особено загрижуваат коментарите насочени кон самата жртва.
Наместо осуда на насилството, дел од јавноста повторно го насочи фокусот кон девојчето и нејзините постапки, со коментари од типот: „Сама си го барала.“
Токму оваа реченица ја потресе Вики Чадиковска, која реагираше за начинот на кој јавноста зборува за жртвите на насилство. Таа потсетува дека тоа што едно девојче било во врска не значи дека дало согласност да биде сексуално искористувано.
„А што ако е наше дете?“ – пишува Чадиковска, со што посочува да се размисли поинаку пред да се осуди жртвата.
Прочитајте го целиот текст:
„Сама си го барала.“ Е токму оваа реченица треба да нè засрами сите
25-годишен маж силувал 14-годишно девојче со кое бил во врска. И додека ја читам веста, уште повеќе ме погодуваат коментарите под неа.
„Сама си го барала.“
„Била во врска, што ли си мислела?“
„На 14 години во врска?!“
„Мајка ѝ е за тепање.“Ги пишуваат и мажи и жени. И тоа е можеби најстрашниот дел од целата приказна. Затоа што овие реченици не се само коментари. Тие се дел од еден длабоко вкоренет наратив, со кој, со години го оправдуваме, релативизираме или го префрламе товарот на насилството врз жртвата.
Не. Никако и никогаш таа не е сама виновна. Можела да биде во врска. Можела да сака. Можела да се предомисли. Можела да каже „не“. Можела да молчи. Можела да не знае како да реагира. Можела да се исплаши.
И ништо од тоа не му дава право некому, да го повреди нејзиното тело.
„Не“ значи „не“.
А уште повеќе кога зборуваме за 14-годишно дете и 25-годишен возрасен човек.
Да, во оваа приказна има многу прашања за кои треба да разговараме. За тоа како едно 14-годишно девојче воопшто се нашло во таква врска. За родителската одговорност. За образованието. За системот. За тоа како ги воспитуваме децата. За тоа како и дали ги препознаваме знаците на насилство. За тоа зошто некој возрасен човек смета дека има право на детското тело.
Но, ниту едно од тие прашања не треба да започне со: „Што барала таа?“
Прашањето треба да биде: „Зошто тој мислел дека има право?“
И тука доаѓаме до нешто што многу повеќе нè засега како општество.
Нашата неписменост не е само неспособност да прочитаме текст или да напишеме правилна реченица. Понекогаш сме неписмени за најважните работи: за согласноста, за границите, за правата, за одговорноста, за насилството.
Женското тело не е ничија сопственост.
Ниту врската е дозвола за сè.
Ниту љубовта е дозвола за сè.
Ниту бракот е дозвола за сè.
А особено не е дозвола за насилство.
И затоа, да, треба да разговараме. Да дебатираме. Да поставуваме тешки прашања. Но, дебатата не значи дека секое мислење е еднакво вредно само затоа што е изговорено гласно, тука на социјалните мрежи.
Слободата на говорот ни дава право да кажеме што мислиме. Но, ни носи и одговорност да размислиме што правиме со зборовите што ги оставаме зад себе.
Особено на социјалните мрежи, каде една реченица може да стане нормализација на насилството, а една осуда на жртвата може да му даде храброст на некој друг насилник да помисли дека можеби и не прави ништо толку страшно.
Затоа, пред следниот пат да напишеме:
„Сама си го барала“
Да застанеме за момент и да се запрашаме:
А што ако е наше дете?
Тогаш, можеби, ќе ни биде многу појасно што значи „не“. Затоа НЕ, секогаш значи НЕ. И да, во случаи на насилства, помудро е да помолчиме од зафаќање на страни, особено погрешни. Оваа агресија на непотребни коментари и ефектот кој тие го имаат, е огледало на сеприсутното насилство во општеството, особено кај младите.