Париз повторно беше сцена за препознатливата женственост на Ели Сааб. За новата колекција ready-to-wear, насловена „À Fleur de Peau“, славниот креатор се навраќа кон сопствените модни кодови: проѕирни слоеви, деликатна тантела, корсети, цветни апликации и флуидни силуети кои се движат по телото со речиси бестежинска леснотија.
За сезоната пролет/лето 2027, либанскиот дизајнер пронајде инспирација во безвременската привлечност на холивудската икона Џин Харлоу, а резултатот е колекција во која гламурот на Стариот Холивуд се среќава со современиот тренд на долна облека носена како дел од секојдневниот стајлинг.
„Сите славни личности и младата генерација се враќаат кон она што навистина се кодовите на Elie Saab. Затоа сакав преку оваа колекција да ја изразам моќта на брендот“, изјави дизајнерот зад сцената.
Уште првите изгледи ја поставуваат насоката, па така градници и корсети стануваат видлив дел од комбинациите, тенки прерамки намерно се лизгаат од рамениците, а свилата и тантелата нежно го следат телото. Палетата е мека и романтична, со пудресто розови и сини тонови, жалфија и песочни нијанси, повремено „пресечени“ со драматична црна тантела.
Цветовите се една од најсилните нишки низ целата колекција. Извезени рози се искачуваат по фустаните инспирирани од долна облека, ситни цветови ги украсуваат корсетите, а раскошните тридимензионални апликации создаваат впечаток како моделите да минуваат низ пролетна градина.
Романтиката продолжи и на самата писта опкружена со диви цвеќиња. Ситни вистински цветови и капки налик на утринска роса беа поставени и на лицата на моделите, внесувајќи неочекувана, разиграна нота во гламурозната слика.