Моментот кога научник им кажува на трите деца дека доби Нобелова награда, нивната реакција стана хит
Слатко семејно видео од домот на нобеловецот Карл Дејсерот стана хит на социјалните мрежи.
Во него, познатиот научник им кажува на трите деца дека ја добил Нобеловата награда за физиологија или медицина само неколку часа откако ја дозна веста.
На снимката, која ја објавија од Унивезитетот „Стенфорд“, професорот им кажува на 16-годишниот син и ќерките дека е еден од добитниците на престижното признание. 10-годишната Софи и 13-годишната Ема веднаш започнуваат да врескаат од среќа и да го прегрнуваат таткото.
Подоцна, Карл ја споделува веста и со Хадсон.
„Само што добив телефонски повик дека ја освоив Нобеловата награда“ – му вели Дејсерот во видеото.
На Хадсон му требаат неколку секунди за да ја сфати големината на веста, а потоа го прегрнува татко си.
Дејсерот ја дели Нобеловата награда со германските научници Питер Хегеман и Георг Нагел „за откритијата кои доведоа до развојот на оптогенетиката, со која е овозможено вклучување или исклучување на активноста на поединечни нервни клетки во живиот мозок“.
Нивната работа овозможила нервните клетки да се контролираат со помош на светлина, што на научниците им дало нов, исклучително прецизен начин да истражуваат како функционира мозокот.
Оптогенетиката денес е една од клучните алатки во истражувањето на мозокот и се користи за проучување на меморијата, емоциите и однесувањето, како и на состојби како Паркинсоновата болест и депресијата. Се истражува и нејзината потенцијална примена во медицината, вклучително и за враќање на видот.
Научникот, кој се опишува себеси како ноќна птица, раскажал дека бил буден до доцна во ноќта, работејќи на трудови и испраќајќи пораки до своите студенти. Кога конечно легнал, стигнал телефонскиот повик од Нобеловиот комитет.
„Воопшто не спиев“ – изјавил тој.