„Ветувам дека ќе ја довршам и ќе ја објавам на неговиот роденден“: Слаткар објави дел од песната која ја снимаше со Владо Јаневски
Додека тагува по загубата на својот пријател и соработник Владо Јаневски, Марко Маринковиќ-Слаткар се наврати на моментите кога работеле на заедничка песна, која за жал никогаш не беше објавена.
Популарниот рапер сега сподели дел од дуетот и вети дека ќе го заврши и ќе го објави на денот на роденденот на Јаневски.
Денес, кога го испративме Владо, сфатив колку работи останале недовршени.
Со години чувам една песна што ја снимивме заедно. Не затоа што не верував во неа, туку затоа што секогаш кога работам со некој што неизмерно го ценам, сакам да го дадам својот максимум. Постојано мислев дека може уште подобро и затоа ја одложував, убеден дека ќе имаме време повторно да работиме на неа.
За жал, тоа време не дојде.
Ова е само мал дел од песната.
Ветувам дека ќе ја довршам и ќе ја објавам на неговиот роденден.
Фала ти за довербата, Владо.
Фала ти за сè што направи за сите нас.
Ќе ми недостигаш. На сите ќе ни недостигаш
Слаткар беше дел од толпата обожаватели и пријатели на Владо кои му оддадоа последна почит пред Арената „Борис Трајковски“.

Јаневски почина по кратко боледување во една од болниците во Скопје. Точната причина за смртта сè уште не е јавно откриена.

