Во Бигорски Манастир и годинава Велигден беше одбележан со силна духовност, масовна посетеност и длабоко емотивна атмосфера. Многу верници присуствуваа на велигденската богослужба, која традиционално се одржува во текот на целата ноќ.
По завршувањето на литургијата, во раните утрински часови започна причестувањето, а токму тогаш беше забележан еден посебен момент што ги воодушеви присутните. Имено, поради големиот број верници и намалената видливост во дворот на манастирот, дел од присутните со своите мобилни телефони им осветлуваа на свештениците, за непречено да го извршуваат светиот чин.
Според објавите на Православно секојдневие, причестувањето се одвивало на седум различни места низ манастирскиот комплекс, со седум путири, со цел сите верници да можат да пристапат кон светата тајна.
Сцената, исполнета со тивка светлина од телефоните и силна вера, остави силен впечаток и е уште една потврда зошто Бигорскиот манастир важи за едно од најзначајните духовни светилишта во Македонија.
„Феномен во Бигорски манастир во 5 часот наутро за време на Велигденската богослужба: Големиот број на верниците после целоноќната богослужба беа причестувани од 7 путири кои беа поставени на 7 различни места околу манастирот.
Интересно е тоа што верниците кои што се причестуваа во дворот на манастирот им светеа на свештениците со своите телефони за да имаат подобра прегледност.Не залудно се тврди дека Бигорски манастир е трон на духовноста во Македонија! ☦️🇲🇰 Наше, а светско!“