Вереницата го изгуби бебето, работел со спортисти со попреченост: Животната приказна на Кристијан Јосип Периш, кој почина во психијатриска болница во Хрватска
Јавноста сè уште е во неверување по ужасната смрт на Кристијан Јосип Периш.
32-годишниот атлетичар починал откако бил физички нападнат од страна на вработени лица во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб кои требало да му пружат помош.
Неговата смрт првично била објаснета како последица на срцево затајување, но семејството забележало повреди на неговото тело и побарало истрага. По прегледувањето на снимките од надзорните камери и спроведените истражни дејствија, четворица медицински техничари беа уапсени и осомничени за тешко убиство.
Снимките кои кружат на социјалните медиуми покажуваат како Кристијан е насилно притискан од повеќе лица додека е врзан за креветот, а врз неговата глава е држена перница околу 8 минути.
Претходните обдукциски наоди откриле повеќе повреди, меѓу кои и скршеници на ребрата и градната коска. Конечната причина за смртта треба да биде утврдена со дополнителни вештачења.
Јавноста дополнително беше потресена кога семејство Периш обвини дека насилните лица индиректно одзеле уште еден живот. Имено, вереницата на Кристијан била бремена, но го изгубила бебето пред неколку дена.
Зад веста за трагичната смрт на Периш се крие животна приказна на млад човек кој голем дел од своето време и енергија ги посветил на спортот, но и на помагањето на другите. Поранешен атлетичар, дипломиран кинезиолог и тренер, Кристијан бил особено посветен на вклучувањето на лицата со попреченост во спортот.
Луѓето кои го познавале го опишуваат како мирен, пристоен, духовит и шармантен човек, кој оставил силна трага кај оние со кои работел.
Кристијан уште од младоста бил посветен на атлетиката. Во 2013 година станал дел од Атлетскиот клуб „Аграм“, каде што настапувал во дисциплините фрлање ѓуле и диск. Меѓу неговите спортски успеси се издвојуваат две титули зимски јуниорски шампион на Хрватска, како и три бронзени медали на сениорски натпреварувања.
Но, спортот за Кристијан не бил само натпреварување и освојување медали. По завршувањето на студиите на Кинезиолошкиот факултет при Универзитетот во Загреб, се насочил кон кинезитерапијата и работата со лица со попреченост. Бил тренер и работел и со деца и лица со развојни тешкотии, меѓу кои и лица со церебрална парализа и аутизам.
Токму за оваа страна од неговиот живот зборувал и во интервју за емисијата „Нова визура“ на Универзитетот во Загреб, објавено во април годинава. Неговата порака била едноставна, но силна: „Ако можеш - мораш, за оние кои не можат“.
За него, инклузијата во спортот била начин на луѓето да им се даде простор, поддршка и можност да ги поместуваат сопствените граници.
По неговата смрт, пријателите и колегите проговорија за човекот кој го познавале далеку од спортските резултати и медиумските наслови.
Тренерот во Атлетскиот клуб „Аграм“, Марко Каталиниќ, за хрватскиот портал „24сата“ раскажал дека Кристијан имал посебен однос со луѓето и дека бил исклучително пристоен и смирен.
Неговите колеги истакнале дека бил посветен на спортистите и дека неговото присуство им значело многу. Веста за неговата смрт особено тешко ја примиле оние со кои секојдневно тренирал и работел.
Адвокатот Леон Зрниќ, кој го застапува семејството Периш, исто така зборувал за неговиот карактер и посветеноста кон блиските, пријателите и заедницата.