„На син ми во градинка му облекле сукња“: Вељко Ражнатовиќ бесен поради костимот на син му
Вељко Ражнатовиќ јавно реагираше откако неговиот најмлад син Исаија во градинка добил костим на бубамара кој вклучувал црвено здолниште од тул.
Синот на Цеца Ражнатовиќ објави фотографија од парчето облека и го изрази своето незадоволство од начинот на кој во установата им се дозволува на децата да избираат костими.
Во видео на Instagram, Вељко објасни дека неговата сопруга Богдана се соочила со незгодна ситуацијата кога отишла да го земе нивниот син од градинката во Тител. Тој смета дека воспитувачите требало да му објаснат на детето каква облека е наменета за момчиња, а каква за девојчиња.
„Добар ден. Не правам често какви било објави на Instagram, но мислам дека ова е многу важно за секое дете, а и генерално за српството и христијанството во Србија.
Доживеав мојата сопруга да дојде во градинка и на мојот најмлад син да му биде облечен костим бубамара, кој всушност е здолниште. Женско здолниште, кое ќе ви го покажам и на фотографија.
Кога прашавме зошто е тоа така, ни рекоа дека сите костими се слободни за децата и дека секое дете може да го земе оној што го сака. Јас прашав дали воспитувачот не е таму за да му објасни на детето:
Сине, ова е за женско, а ова е за машко? Зарем не треба да се прави таква разлика?“ – раскажа Ражнатовиќ.
Тој додаде дека од градинката му одговориле дека тоа е дозволено според новата програма и дека вработените немаат право да прават такви разлики.
„Ми рекоа дека според новата програма сè е во ред и дека немаат право да прават таква разлика, а ако ние сакаме така да правиме, тогаш треба да ја смениме градинката. Луѓе, дојде последното време. Внимавајте и грижете се за своите деца“ – порача тој.
„Една од причините зошто останав на село е да се спасам од вакви прогресивни, демонски работи, но еве можете да видите дека нема спас ни во малите места. Така да пазете се и чувајте ги своите деца“ – додаде Ражнатовиќ.
Тој објави и фотографија од црвеното здолниште од тул, на која напиша:
„Еве унисекс фустан за момчиња и девојчиња, како што велат од управата на градинката“.
Од градинката дадоа поинакво објаснување за настанот. Директорката Јованка Андриќ испратила порака до вработените, во која повикала ситуацијата да се погледне од перспектива на детето, а не низ очекувањата на возрасните.
„Двегодишно момче кое избрало да облече здолниште не направило ништо необично ниту загрижувачко. За него тоа било само дел од костимот, интересно парче облека и дел од играта, без значењата и поделбите што ние возрасните често ѝ ги припишуваме на облеката“ – се наведува во пораката која ја пренесе „Мондо“.
Директорката посочила и дека децата на таа возраст спонтано истражуваат, испробуваат и избираат, па врз основа на таквите избори не треба да се носат заклучоци за нивниот идентитет.
„Наша задача е да им овозможиме слободна игра и истражување, без осудување и без создавање чувство дека направиле нешто погрешно“ – се наведува во пораката.
Инаку, Вељко и Богдана имаат три сина, Жељко, Крстан и Исаија, а живеат во Тител. Ражнатовиќ претходно зборуваше дека таму пронашол мир подалеку од градската гужва и дека сака неговите деца да растат во рурална средина.