Тамара Грујеска запиша ново поглавје во својата музичка кариера со првото учество на „Макфест“. Младата пејачка ја претстави песната „До небо“ на 41-вото издание на фестивалот во Штип, а дебитантскиот настап ѝ донесе и место во финалната вечер.
По изведбата на 30 октомври, Тамара се најде меѓу шесте учесници кои добија можност да ја изведат својата композиција и следната вечер, заедно со дел од познатите имиња на македонската музичка сцена. Музиката, текстот и аранжманот на „До небо“ се потпишани од Роберт Билбилов.
Сценското претставување го надополнија четири танчарки, чии костими беа усогласени со тексас-креацијата со блескави детали што за Тамара ја изработи Златко Јовановски.
Видео
Иако е на почетокот од својот музички пат, младата гостиварка зад себе веќе има искуство на меѓународна сцена. Во 2023 година ја претставуваше Македонија на Детската Евровизија со песната „Кажи ми кој“, а има освоено и повеќе признанија на домашни и меѓународни натпревари. Меѓу нив е и Гран при на фестивалот „Angel Voice“ во Белград во 2024 година.
Фото: Тоши Трајчев, Дејан Коцев / Femina.mk