Учениците од Домот за деца со оштетен вид го испратија својот матурант Павел: „Различностите се нашето најголемо богатство“
Учениците од ученичкиот дом при ДСУРЦ „Димитар Влахов“ – Скопје со аплаузи, насмевки и искрени желби го испратија својот матурант Павел, кој оваа година го завршува средното образование.
Домот претставува специјализирана воспитно-образовна средина во која престојуваат ученици со оштетен вид, но и млади лица од различни градови низ државата кои своето образование го продолжуваат во Скопје.
Испраќањето на Павел беше исполнето со искрени честитки и емоции од неговите соученици и воспитувачи, кои порачаа дека ваквите моменти се потсетник „дека вистинските вредности се градат преку почитување, блискост и човечност“.
„Секогаш ќе бидеш дел од нашето големо семејство“ – му порачаа на Павел од училиштето.
Еве ја нивната објава:
Ученичкиот дом при ДСУРЦ „Димитар Влахов“ – Скопје не е само место каде учениците престојуваат додека се школуваат. Тоа е простор каде секојдневно се градат пријателства, доверба, меѓусебна поддршка и вистински вредности ❤️
Покрај учениците со оштетен вид, во нашиот дом престојуваат и ученици од различни градови од државата кои своето средно образование го продолжуваат во средните училишта во Скопје. Различностите кај нас не претставуваат пречка, тие се нашето најголемо богатство 🌍✨
Токму затоа, нашиот дом е место на соживот, прифаќање и другарство, каде сите ученици растат заедно, си помагаат и создаваат спомени кои траат цел живот 🤝🏡
Еден од тие ученици е и нашиот Павел, кој оваа година матурира 🎓
Со многу емоции, искрени насмевки и другарска љубов, нашите ученици го испратија на неговата матура 💐✨
Овие моменти се најубав доказ дека вистинските вредности се градат преку почитување, блискост и човечност ❤️
Павел, ти посакуваме многу среќа, успех и исполнети соништа!
Секогаш ќе бидеш дел од нашето големо семејство 💙