Прозборела со македонска песна, хуманоста ѝ е секојдневие: 16-годишната Велина од Врање го освојува Балканот со својот глас
Пред да научи слободно да се изразува со зборови, Велина Стаменковиќ го открила јазикот на музиката. До петтата година многу малку зборувала, но пеењето ѝ овозможувало да ги изрази емоциите.
Денес, 16-годишната девојка од Врање плени со моќниот глас и со изведбите на македонски изворни песни, кои со особена љубов ги истражува, учи и споделува со илјадници луѓе на социјалните мрежи.
Всушност, Македонија има посебно место во нејзината семејна историја. Дедо ѝ потекнува од Куманово, а баба ѝ, од која ја наследила музикалноста, со многу емоции ги пеела песните од нашето поднебје.
За Фемина, Велина зборува за музиката и посебната поврзаност со македонските изворни песни, но и за својата хуманитарна страна и идните планови.
Кога се роди твојата љубов кон музиката и пеењето?
Мојата љубов кон музиката се роди уште кога бев многу мала. Со музика почнав да се занимавам на пет години, а пијаното беше еден од првите инструменти преку кои го открив тој прекрасен свет.
Денес посетувам музичко училиште, каде што изучувам пијано, но паралелно одам и во гимназија. Тоа бара многу работа, дисциплина и организација, но музиката е нешто што навистина го сакам.
Со текот на времето сфатив дека пеењето не е само нешто што го сакам, туку нешто преку кое можам да ги изразам своите чувства, да раскажам приказна и да допрам до луѓето.
Денес со гордост ги носам титулите „Најмлад чувар на градската песна во Врање“ и „Музички амбасадор на Балканот“, но за мене тие титули не се само признание. Тие се и голема одговорност да продолжам да ја чувам традицијата и да им ја пренесувам на новите генерации.
Раскажи ни за твојата љубов кон македонската традиционална музика? Од каде доаѓа таа поврзаност со македонските песни?
Мојата љубов кон македонската традиционална музика започна додека го проучував мелосот на Балканот. Колку повеќе навлегував во традицијата, толку повеќе македонската музика ме привлекуваше. Покрај толку прекрасни македонски песни кои ги научив, на мене можеби најголем впечаток оставија „Да сум бистра вода“ и „Киниса да ода о В'мбел на гости“.
Овие песни ги доживеав многу подлабоко кога почнав да ја проучувам нивната историја, потекло и приказните кои стојат зад нив. Особено ме трогна приказната за В'мбел. Додека ја проучував песната, дознав дека В'мбел некогаш бил македонско село во Егејска Македонија, кое за време на Граѓанската војна во Грција било целосно разурнато.
Тоа многу ме потресе, бидејќи сфатив дека кога исчезнува едно место, не исчезнуваат само куќите и улиците. Со него можат да исчезнат и трагите од животот, спомените, приказните, обичаите и гласовите на генерациите кои живееле таму.
Тогаш почнав да сфаќам дека некои песни не се само мелодии. Тие се сведоштва за луѓе и места кои повеќе не постојат. Во македонската музика почувствував нешто што е тешко да се објасни само со зборови – една посебна душа, длабока емоција и приказна која живее во секој тон. Македонската душа преку песната толку ме трогна што почувствував потреба она што го чувствувам јас да им го пренесам и на другите. Затоа не сакав само да ги пеам познатите песни. Посакав да истражувам подлабоко, да пронаоѓам стари и заборавени песни кои денес речиси никој не ги изведува.
Особено ме интересираат песните од различни краеви на Македонија – како од краевите кои некогаш постоеле како дел од историскиот и културниот простор на Македонија, а денес повеќе не постојат во рамките на истите граници, така и од краевите кои и денес постојат и ја чуваат својата традиција.
Во тие песни постои нешто непроценливо. Тоа се музички сведоштва за луѓето, времето, љубовите, радостите, тагите и судбините на генерациите кои живееле пред нас. Затоа денес сакам токму тие песни да ги оживувам, да им дадам нов живот и преку мојот глас да допрат до нова публика. За мене тоа не е само пеење. Тоа е чување на едно музичко наследство од заборав.
Како започна да снимаш „кавери“ на македонски песни и да ги објавуваш на социјалните мрежи?
Сè започна од мојата желба да ја пеам музиката што ја чувствувам. Почнав да снимам песни кои навистина ми се допаѓаат и да ги објавувам на социјалните мрежи. Не очекував дека толку брзо ќе стигнат до македонската публика. Подоцна сфатив дека преку социјалните мрежи можам да направам нешто многу повеќе – на луѓето да им ги претставам и оние песни кои можеби долго не ги слушнале или целосно ги заборавиле.
Така снимањето македонски песни постепено прерасна во една мала мисија – старите песни да им се вратат на луѓето и повторно да оживеат.
Имаш ли омилена македонска песна или песна која најмногу сакаш да ја пееш?
Имам повеќе македонски песни кои ги сакам, па тешко ми е да издвојам само една. Сепак, „Да сум бистра вода“ и „Киниса да ода о В'мбел на гости“ имаат посебно место во моето срце токму поради приказните кои ги открив зад нив. Особено ме привлекуваат песните во кои постои силна емоција и простор пејачот на свој начин да ја пренесе приказната. Најмногу ги сакам песните кои не се пеат само со глас, туку со душа. А токму такви песни во македонската традиција има многу.
Како реагираш кога добиваш коментари и пораки од македонската публика? Што ти значи големата поддршка која ја добиваш од Македонија?
Искрено, тоа многу ми значи. Секој коментар и секоја порака ги доживувам како знак дека некој ја препознал емоцијата која сакам да ја пренесам.
Особено ми е драго кога луѓето од Македонија ќе ми напишат дека сум успеала на свој начин да ја почувствувам и пренесам нивната песна. За мене тоа е голем комплимент, бидејќи не сакам само да ја отпеам песната - сакам да ја разберам и почувствувам. Поддршката од Македонија ми дава уште поголема желба да продолжам со она што го правам и да откривам уште песни кои заслужуваат повторно да бидат слушани.
Што правиш денес, дали активно пееш и снимаш и кои се твоите следни музички планови?
Да, активно се занимавам со музика. Покрај тоа што одам во гимназија, посетувам и музичко училиште, каде што изучувам пијано. Паралелно пеам, снимам и работам на нови музички проекти.
Јас сум и основач на „Velina Vocal & Piano Atelier“, кое функционира во рамките на нашата фондација. Тоа е проект кој ми е особено важен, бидејќи сакам музиката да им биде достапна на сите, а не само на оние кои можат финансиски да си ја дозволат. Таму можат да учат и да ги развиваат своите музички способности луѓе од 5 до 80 години. Можат да добијат знаење и поддршка од областа на пеењето, пијаното и музиката, и тоа целосно бесплатно.
Мене особено ми е убаво кога ќе видам дете кое првпат ќе седне на пијано, млад човек кој ќе открие дека има талент за пеење или возрасна личност која можеби цел живот сакала да се занимава со музика, но никогаш немала можност. Сакам да покажам дека за музиката никогаш не е доцна и дека талентот не треба да зависи од тоа колку пари има некој.
Во овој период особено сакам да продолжам со истражувањето на старите и заборавени македонски песни од различни краеви. Некои од нив денес речиси никој не ги изведува и токму поради тоа чувствувам уште поголема одговорност да ги зачувам и да им дадам нов живот. Во иднина би сакала да снимам уште многу македонски и балкански традиционални песни, но и авторска музика.
Паралелно со тоа, моја голема желба е по завршувањето на средното образование академски да се усовршувам на Музичката академија во Скопје. Скопје и Македонија веќе имаат посебно место во моето срце и би ми било голема чест таму да го продолжам својот музички пат, да стекнам нови знаења и да се усовршам како вокал и музичар. Како „Музички амбасадор на Балканот“, сакам мојата музика да ги поврзува луѓето и културите на Балканот.
Кажи ни нешто повеќе за твоите хуманитарни активности и зошто ти е важно да им помагаш на другите?
Хуманоста во мојот живот не започна на сцената, туку дома. Моите родители се познати по својата долгогодишна хуманитарна работа и се основачи и сопственици на хуманитарна фондација. Растев гледајќи ги како им помагаат на луѓето на кои помошта им е најпотребна – како посетуваат семејства, носат храна, лекови и неопходни работи, организираат хуманитарни акции и, што е најважно, како никогаш не прашуваат што ќе добијат за возврат.
Она што го гледав кај нив природно премина и кај мене. Така и јас влегов во хуманитарните води. Можеби сум млада, но уште како мала сфатив дека човек не треба да го мери своето богатство само според тоа колку има, туку и според тоа колку може да му даде на некој кој нема. Кога ќе сретнам човек кој се бори со болест, семејство кое нема доволно ни за основните потреби или дете на кое му е потребна помош, тогаш сфаќам колку всушност сме благословени поради работите кои често ги земаме здраво за готово.
Затоа сакам и мојата музика да има една друга, повисока цел. Кога ќе излезам на сцена на хуманитарен настап, не пеам само поради аплаузот. Пеам со надеж дека мојот глас може некому да му помогне да издржи уште еден ден, да се соберат средства за лекување или едно семејство да почувствува дека не е само.
Моите родители ми покажаа дека хуманоста не е еден ден во годината, една фотографија или една објава. Хуманоста е начин на живот. И јас сакам да продолжам со тој начин на живот.
Ако мојот глас може да донесе радост, а мојата песна да поттикне некого да помогне, тогаш чувствувам дека музиката ја добива својата најубава смисла.
Како се гледаш себеси во иднина и дали би сакала музиката да биде твоја професија?
Сè уште имам само 16 години и мислам дека најважно е да продолжам да учам, да работам и да растам и како човек и како музичар. Покрај гимназијата, моето музичко образование ми е многу важно и сакам постојано да напредувам – и вокално и инструментално.
Би сакала музиката да биде моја професија и затоа моите планови не се поврзани само со сцената. Сакам и академски да се усовршувам. По завршувањето на гимназијата и музичкото училиште, моја голема желба е да го продолжам школувањето на Музичката академија во Скопје. Сакам таму да стекнам уште поголемо музичко знаење, да работам со врвни музичари и педагози и да продолжам да растам и вокално и инструментално.
Мојот сон е еден ден да бидам препознатлива по тоа што искрено ја чувам и пренесувам традиционалната музика, а истовремено создавам нешто свое. Не сакам да бидам само пејачка која ќе отпее една песна и ќе продолжи понатаму. Сакам зад мене да остане нешто што има вредност – песни, приказни, ученици и музика која ги поврзува луѓето.
Денес сум „Најмлад чувар на градската песна во Врање“ и „Музички амбасадор на Балканот“, но јас тоа пред сè го доживувам како обврска. Обврска да учам, да ја чувам традицијата, да ги оживувам заборавените песни и на младите да им покажам дека нашето музичко наследство е нешто со кое треба да се гордееме.
За мене музиката не е само сцена, аплауз и популарност. Музиката е јазик кој ги поврзува луѓето. А ако преку својата песна можам да ги поврзам Врање, Македонија и целиот Балкан, да зачувам нешто што можело да биде заборавено и да му помогнам некому на неговиот најтежок пат – тогаш ќе знам дека сум го избрала вистинскиот пат.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk