Убава вест по трагедијата: Девојка која преживеа во пожарот во „Пулс“ роди здраво машко дете
По големата трагедија во дискотеката „Пулс“, која остави длабоки лузни кај многумина, пристигна една прекрасна вест која ќе ви го згрее срцето.
Девојка, која го преживеа ужасниот пожар, неодамна стана мајка. Таа роди здраво машко бебе, а убавата вест со многу емоции ја соошти директорката на болницата во Кочани, д-р Катерина Паниќ Мирчовска.
Во гостувањето во „Kanal77“, Мирчовска зборуваше за позитивниот ефект од рехабилитацијата од проектот „Пониква“, како и за важноста на меѓусебната поддршка по вакви колективни трауми.
„Имаше многу убави приказни помеѓу повредените. Имаме девојче кое што на свет донесе здраво машко бебе после пожарот. Да речам тоа беше една од најубавите вести и сега ете убаво чувство ми предизвикува кога знаете дека нешто убаво излегло од цело тоа неубаво.
Можам да кажам дека можеби и проектот Пониква ги зближи, додека беа таму. Да, тие беа познаници меѓу себе, меѓутоа мислам дека ги зближи тоа, посебно по разговори со колегите, по такви колективни трауми како во Кран-Монтана и Букурешт кои се поврзани со дискотеки, после такви трауми, многу недостасува социјалната и психолошката поддршка на тие луѓе, односно како да се ресоцијализираат, како да се вратат во нормала и како повторно да им се смени цел тој „мајндсет“ дека мора животот да продолжи понатаму. Да се прифатат со лузните, со настанот, со сè што им се случило дека не е како што биле претходно“ - изјави д-р Мирчовска.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март минатата година. Животот го загубија 63 лица, а околу 200 лица беа повредени.