• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Три дена по операцијата, шетав низ Истанбул со дренови во џебовите“: Лила Филиповска за борбата со ракот на дојка

30 октомври 2026, 09:25
  • cподели

„Не секоја бура доаѓа да ти направи хаос, некоја доаѓа да ти го расчисти патот“.

Со тие зборови Лила Филиповска денес гледа на еден од најтешките периоди во животот. Борбата со ракот на дојка ја соочила со стравот, неизвесноста и прашања за кои немала подготвени одговори, но истовремено ја научила поинаку да гледа на животот, здравјето и сопствените приоритети.

Иако навикнати сме да ја гледаме насмеана и полна со енергија, сепак зад нејзината препознатлива ведрина се кријат и моменти на ранливост. Еден од нив засекогаш ѝ останал врежан во сеќавањето: првото станување од болничкиот кревет по операцијата во Истанбул, кога со инфузија прикачена на раката, гласно се запрашала: „Боже, што ми се случи?“

Само три дена по хируршката интервенција, Лила веќе шетала низ празнично украсениот Истанбул, со дренови скриени во џебовите од капутот и со желба да ја зачува ведрината и во најтешките денови.

Во интервју за Фемина, 55-годишната водителка се навраќа на дијагнозата, лекувањето и личните искушенија низ кои поминала. Отворено зборува за губењето на косата, за силата која ја пронашла во себе и за промените кои ги направила во животот по соочувањето со болеста.

Во месецот посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка, Лила ја споделува својата приказна со желба да ги поттикне жените да не ги одложуваат превентивните прегледи и да им даде надеж на оние кои денес ја водат истата битка.

„Можеби канцерот ќе ви го смени животот, но не и вашата вредност“ – порачува таа.

Смело и отворено зборуваш за борбата со ракот на дојка. Бидејќи првите симптоми понекогаш жените лесно ги занемаруваат, можеш ли да споделиш кој симптом ти вклучи аларм дека нешто не е во ред и како ја дозна дијагнозата?

Секогаш кога имам оправдана причина, зборувам за таа моја битка со еден од најголемите непријатели на денешницата-канцерот!

Можев да го видам канцерот како мал израсток на градата

Јас можев и да го видам како мал израсток на градата и во почетокот беше третиран како бенигно, но кога почна да се зголемува, тоа ми беше аларм дека треба да направам и некои дополнителни испитувања, како магнет и биопсија, која непогрешиво ја дава вистинската дијагноза.

Велиш дека најхрабри сме кога немаме друг избор. Кога се соочи со дијагнозата, дали храброста дојде веднаш или ѝ претходеше период на страв, неверување и прифаќање на реалноста?

Да, сѐ уште стојам на тој став! Секако дека ги поминав сите фази и страв, и неверување и одбивање на таа реалност, но, за среќа, сето тоа многу кратко траеше!

Брзо ги средив мислите и реков „за да победиш, мораш да се спротивставиш“

Знаев дека сето тоа нема да ми помогне, па затоа брзо ги средив мислите и реков „за да победиш, мораш да се спротивставиш“ и тогаш започна мојата битка!

Хируршката интервенција ја направи во Турција. Како помина операцијата и како течеше закрепнувањето? Што ти остана најсилно врежано во сеќавањето од тој период?

Морам да признам дека целата организација, професионалноста и поддршката на тимот кој ме водеше во Мемориал Хоспитал во Истанбул многу ми го олесни целиот процес. Особено што мојот доктор Фатих Ердоан ми влеа доверба и со оглед на неговата репутација, знаев дека сум во вистински раце. Така и беше!!! 

После третиот ден веќе шетав низ Истанбул со другарка ми, со дренови ставени во џебовите од капутот

Инаку, процесот на опоравување беше релативно брз, по третиот ден јас веќе шетав низ Истанбул со другарка ми, со дренови ставени во џебовите од капутот, бидејќи беше зима. Периодот беше пред Нова година, па таа предновогодишна атмосфера многу позитивно влијаеше на моето добро расположение! А она што секогаш ќе го паметам е моето прво станување од креветот да прошетам со инфузија прикачена на мојата рака и тогаш ми дојде многу тешко и гласно се запрашав во тој бесконечно долг ходник: ‘Боже што ми се случи?’

Фотографија направена половина час пред нејзината петчасовна операција на рак на дојка

Како го доживеа губењето на косата за време на лекувањето и дали тоа искуство го промени твојот однос кон убавината, женственоста и самодовербата?

Верувале или не, тоа воопшто не го гледав како проблем. Навреме си нарачав перика и ми беше најважно да сум жива и здрава, а косата ќе порасне. Така и беше. Не сакав да губам енергија на нешто што ќе почне да расте по последната хемотерапија. 

Навреме си нарачав перика и ми беше најважно да сум жива и здрава, а косата ќе порасне

Тоа и им го кажувам на оние кои ми кажуваат дека тоа го гледаат како проблем. Тоа е само последица која е од времен карактер и не треба да им буди негативни емоции!

По големи животни искушенија, човек повеќе не е истиот. Како се промени Лила по борбата со ракот? Што денес ти е поважно од порано, а на што престана да трошиш време и енергија?

Не секоја бура доаѓа да ти направи хаос, некоја доаѓа да ти го расчисти патот! Така и јас го доживеав сето тоа што ми се случи. Искушение, лекција и ставање граници и приоритети. 

Верувам дека на крајот секогаш доброто го победува злото

Легитимно е да кажеш НЕ, да не се обидуваш да го промениш светот и да ги спасиш сите… не престанав да верувам дека на крајот секогаш доброто го победува злото, дека секогаш ќе остане во мода да си воспитан, културен и образуван, дека самиот на себе секогаш мора да си приоритет и дека здравјето е најважната работа за еден човек!

Твојата приказна допре до многу жени. Дали ти се случило непозната жена да ти пријде или да ти напише порака дека токму твоето искуство ја охрабрило да направи преглед или полесно да се соочи со сопствената дијагноза?

Многу често добивам пораки и на социјалните мрежи и секогаш се трудам на сите да им одговорам. Ме радува фактот што чувствуваат слобода да ми се обратат и да ги споделат со мене нивните дилеми и стравови. И да, знам неколку жени кои ми кажаа дека непосредно по мојата приказна, биле на преглед и се соочиле со иста или слична дијагноза. И за среќа, сите се здрави и живи и со многу од нив сум сѐ уште во контакт!

Октомври нè потсетува на важноста на раното откривање на ракот на дојка. Колку се промени твојот однос кон сопственото здравје и што би им порачала на жените кои ги одложуваат превентивните прегледи?

Најпрво, да не го чекаат само октомври за да направат преглед. Превенцијата е секогаш најважна, особено кога станува збор за канцерот. 

Избегнувајте колку можете стресни ситуации и негативни мисли кои се чести тригери за ваквите болести

Раното откривање на дијагнозата значи голема можност за излекување, затоа не правете аверзија кон прегледите, туку правете ги редовно и избегнувајте колку можете стресни ситуации и емоции како тагата и негативните мисли, кои се чести тригери за ваквите болести заедно со начинот на живот и генетиката!

Твојата приказна е сведоштво за истрајност и надеж. Кога би можела да ѝ се обратиш на секоја жена која во моментов ја води истата битка низ која помина ти, што би сакала да ѝ кажеш?

А на оние кои во моментов го поминуваат истово, би им кажала да не се плашат, да не дозволат да ги парализира стравот, да не мислат веднаш на најлошото, да се опкружат со позитивни луѓе, да шетаат во природа, да гледаат комедии на ТВ, да ги гушкаат децата и домашните миленици…

Можеби канцерот ќе ви го смени животот, но не и вашата вредност!

И да, можеби канцерот ќе ви го смени животот, но не и вашата вредност! Само храбро, зошто светот ги памети само победниците❤️

Емилија Ристиќ / Femina.mk

Tags
Лила Филиповска

Најнови

  • Пријавете се на работилницата на „Реплек“ со Марко Пејчиновски: „РЕсет за внатрешна сила. РЕсет за добросостојба“

    Fri, 10/30/2026 - 10:35
  • Ким Кардашијан за операцијата на хранопровод: „Тоа е истото што го имаше татко ми. Тој почина од рак“

    Fri, 10/30/2026 - 09:31
  • „Три дена по операцијата, шетав низ Истанбул со дренови во џебовите“: Лила Филиповска за борбата со ракот на дојка

    Fri, 10/30/2026 - 09:25
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.