Ким Кардашијан за операцијата на хранопровод: „Тоа е истото што го имаше татко ми. Тој почина од рак“
Ким Кардашијан се соочи со здравствен проблем кој ѝ ги разбуди најтешките спомени од детството.
46-годишната ѕвезда од „The Kardashians“ доби дијагноза која во минатото ја имал и нејзиниот покоен татко Роберт Кардашијан. Таа откри дека имала неправилности во хранопроводот поради кои лекарите препорачале медицинска интервенција.
Нејзината здравствена состојба дополнително ја загрижила бидејќи татко ѝ почина од рак на хранопроводот.
Во најновата епизода на реалното шоу „The Kardashians“, емитувана на 29 октомври, Ким откри дека веќе извесно време не се чувствувала добро и дека имала силни болки во грлото.
„Во последно време се чувствувам малку чудно. Грлото денес навистина ме убива“ – сподели таа.
По консултациите со неколку лекари, на Ким ѝ бил дијагностициран езофагитис, односно воспаление на хранопроводот. Доктор ѝ препорачал терапија со лекови, а потоа и дополнителна процедура за да се утврди што точно се случува и дали е потребен понатамошен третман.
Иако првично се надевала дека состојбата ќе се подобри со лекови, Ким морала да се подложи и на медицинска интервенција.
Странските медиуми пренесуваат дека Ким веќе ја поминала процедурата, а деталите ќе бидат прикажани во претстојната епизода.
Ким признала дека не сакала да зборува за здравствениот проблем со многу луѓе, бидејќи тој ја потсетувал на нејзиниот татко.
„Не им кажав на многу луѓе за ова, бидејќи мислам дека е нешто што навистина ме погодува. Едноставно, не сакам да навлегувам во тоа, бидејќи татко ми почина од рак на хранопроводот“ – откри таа.
Во најавата за следната епизода на „The Kardashians“, која ќе биде емитувана на 5 ноември, таа се појавува во болница, а мајка ѝ Крис Џенер е покрај неа.
„Лекарот вели дека мојот хранопровод има неправилности кои мора да бидат отстранети. Тоа е истото што го имаше татко ми“ – вели Ким во најавата.
Засега не се објавени детални информации за природата на неправилностите, ниту за конечните резултати од интервенцијата.
Роберт беше многу познат американски адвокат. Тој почина во септември 2003 година, на 59-годишна возраст, по борбата со рак на хранопроводот.