• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

Три деца, четврто на пат и животот во Шведска: Македонката Катерина за семејството, родителството и кампувањето

31 август 2026, 00:40
  • cподели
Катерина Краљевска со семејството

Животот на Катерина Краљевска е испишан меѓу две земји и две култури. Родена и порасната во Стокхолм, 30-годишната Македонка таму го изградила и својот семеен свет со сопругот Симеон, нивните три деца Лука, Дион и Лаура и ротвајлерот Хуго.

Дел од тоа шарено, динамично и далеку од совршено секојдневие Катерина го споделува и на Instagram на пофилот kkraljevska, каде токму со искреноста и животот „без филтри“ ја освои наклонетоста на многубројни следбеници.

Летово, нивната семејна приказна доби уште неколку убави епизоди. Со автомобил тргнаа од Стокхолм кон Скопје, авантурата ја продолжија со кампување во Грција, а во меѓувреме пристигна и најубавата вест дека семејството Краљевски наскоро ќе добие уште еден член.

За Фемина, Катерина зборува за родителството во Шведска, растењето меѓу две култури, животот со три мали деца, долгите патувања, кампувањето и она што најмногу ѝ недостига од Македонија.

Катерина Краљевска со семејството
Катерина Краљевска со семејството

Раскажете ни како е да се порасне во Стокхолм... Дали имавте некои потешкотии како Македонка во Шведска?

Родена сум и израсната во Стокхолм и генерално сум имала многу убаво детство. Не би рекла дека сум имала некои големи потешкотии поради тоа што сум Македонка во Шведска. Но, кога бев помала, имаше моменти кога се чувствував малку поразлично, затоа што моите родители беа доселеници, а во тоа време немаше толку многу деца со странско потекло во моето училиште.

Благодарна што сум израсната со две култури

Подоцна, кога тргнав во гимназија, запознав многу повеќе луѓе од поранешна Југославија и некако тогаш уште повеќе го почувствував тоа чувство на припадност. Денес сум благодарна што сум израсната со две култури, затоа што мислам дека сум го земала најдоброто од двете.

Како започна вашата љубовна приказна со сопругот Симеон и дали беше тешко тој да се пресели во Шведска? Со што се занимавате денеска?

Се запознавме во Скопје во 2017 година. Нашата љубовна приказна почна многу интересно и спонтано, а за многу кратко време прерасна во нешто посериозно. Јас тогаш живеев во Шведска, а тој во Македонија, така што на почетокот имавме врска на далечина. Подоцна тој се пресели во Шведска, на 25 години. Морам да кажам дека многу брзо се снајде. Брзо го научи јазикот, почна да работи и добро се интегрираше во шведското општество.

Денес, после околу седум години брак, имаме изградено заеднички живот овде, семејство и свои бизниси. Имаме сопствена компанија преку која се занимаваме со продажба на автомобили, а паралелно работиме и со креирање содржини за социјалните медиуми.

Катерина Краљевска со семејството

Родители сте на три мали деца, а наскоро ќе станете и четиричлено семејство. Како изгледа еден ваш сосема обичен ден во Стокхолм?

Најчесто денот започнува со тоа што ги носам машките во градинка. Таму се само неколку часа, а потоа ги земам и најчесто продолжуваме со некоја активност. Многу време поминуваме надвор – одиме во паркови, на базен, во библиотека или едноставно шетаме и наоѓаме нешто што е интересно за децата. Машките тренираат и бразилско џиу-џицу три пати неделно, така што и тоа е дел од нашата рутина. Навечер се трудиме околу 20 часот децата веќе да бидат подготвени за спиење. Со три мали деца, секако, ниту еден ден не изгледа целосно исто, но отприлика тоа е нашата секојдневна рутина.

Катерина Краљевска со семејството
Катерина Краљевска со семејството

Шведска важи за земја со поинаков пристап кон родителството. Што најмногу ви се допаѓа во нивниот начин на воспитување и грижа за децата?

Во Шведска ги оставаат децата да бидат деца

Тоа што најмногу ми се допаѓа кај шведскиот менталитет околу децата е што навистина ги оставаат децата да бидат деца. Да се извалкаат, да трчаат, да скокаат, да се качуваат и да истражуваат. Исто така, децата поминуваат многу време надвор без разлика на времето. Во Шведска често се вели дека нема лошо време, туку само несоодветна облека, и тоа многу се гледа и во градинките.

Тоа е нешто што многу сум го презела. Јас им дозволувам на моите деца да истражуваат и не трчам веднаш по нив со „не се качувај таму“, „не прави го тоа“, „ќе паднеш“. Секако дека има граници кога нешто е навистина опасно, но генерално сакам да им дадам слобода да пробуваат сами.

Катерина Краљевска со семејството
Катерина Краљевска со семејството

Дали вашите деца ги учите на македонски обичаи и култура, како се трудите да им ја пренесете традицијата на вашите корени?

Сакам децата да знаат од каде потекнуваат и да имаат врска со Македонија

Многу ми е важно. Иако децата растат во Шведска, сакам да знаат од каде потекнуваат и да имаат врска со Македонија. Дома секојдневно зборуваме македонски. Ги одбележуваме нашите празници и традиции, славиме слава, Бадник и Божиќ и одиме во Српската православна црква во Стокхолм.

Исто така, често одиме во Македонија, така што за нив Македонија не е само нешто за кое слушаат од нас, туку место со кое имаат вистинска врска.

Катерина Краљевска со семејството
Катерина Краљевска со семејството

Какво е вашето искуство со градинките во Шведска?

Не е важно дали врне или има снег, децата во градинка излегуваат и си играат надвор

Мене многу ми се допаѓа пристапот на шведските градинки, особено тоа што децата поминуваат толку многу време надвор. Не е важно дали врне, дали има снег или е студено – ако децата имаат соодветна облека, тие излегуваат и си играат. Исто така, ми се допаѓа што има многу простор за слободна игра. Не е сè организирано и контролирано од возрасните. Децата добиваат можност сами да истражуваат, да создаваат игри и да учат преку нив.

Како ги делите обврските со сопругот? Дали имате некое непишано правило кое ви помага сè да функционира?

Со три мали деца не може секогаш поделбата на обврските да биде 50-50

Немаме некакви напишани правила кој што треба да прави. По седум години брак, веќе многу добро се познаваме и мислам дека најважна е комуникацијата. Јас преземам поголем дел од секојдневните работи со децата, а сопругот помага кога е дома. На пример, некогаш ќе ги земе децата и ќе оди со нив на базен или ќе помине време еден на еден со некое од нив, а јас тогаш имам малку време за себе.

Со три мали деца не може секогаш сè да биде 50-50. Некогаш едниот презема повеќе, некогаш другиот. Најважно е да си кажеме кога сме уморни или кога ни треба помош.

Катерина Краљевска со семејството

Бевте на кампување во Грција, со три мали деца и куче. Многумина би рекле дека тоа е вистински подвиг. Како изгледа еден ден на одмор кај вас?

Ова ни беше втор пат да кампуваме и искрено, првиот пат мислев дека е многу потешко.

Кампувањето е нешто кое го правиш на подолг рок и секоја година сè подобро се подготвуваш.

Оваа година чувствувам дека нашето место за кампување е многу подобро опремено и тоа прави многу работи полесни. Исто така, сега знам што да очекувам, што не беше случај првиот пат. Многу ми се допаѓа тоа што децата тука се слободни на еден посебен начин и можат цело време да бидат надвор. На плажа се со часови секој ден и како никогаш да не им здосадува. А во кампот има и многу други деца, што навистина е прекрасно.

Утрата ни се прилично бавни. Стануваме без брзање, го шетаме кучето, појадуваме и полека се подготвуваме за плажа. Најчесто одиме на плажа околу 12 часот и остануваме до 17 или 18 часот. Често и ручаме таму, па практично најголемиот дел од денот го поминуваме покрај море. Потоа се враќаме во кампот, децата се тушираат, се средуваме и навечер најчесто одиме на прошетка во некое од блиските места. Многу е едноставно, но токму тоа ми се допаѓа.

Катерина Краљевска со семејството
Катерина Краљевска со семејството

Често патувате од Шведска до Македонија со автомобил. Колку трае тоа патување и кои се најголемите предизвици? Споделете ни го искуството од последниот пат.

Ова ни е втор пат да патуваме со автомобил и овој пат беше многу полесно од минатиот пат. Правевме паузи по пат и видовме многу слатки мали места и паркови. Наместо целото патување да го гледаме само како нешто што треба да го „издржиме“, паузите ги направивме дел од самото патување. Секако, имавме и моменти кога едно дете ќе го разбудеше другото што спие или некоја слична ситуација. Но, кога ќе го ставиш тоа во споредба со целото патување, сфаќаш дека навистина не е толку голема работа.

Што научивте од тие долги патувања? Кои совети би им ги дале на родителите кои планираат слична авантура со децата?

Научив дека не треба да очекуваш сè да биде совршено

Најмногу научив дека не треба да очекуваш сè да биде совршено. Со мали деца секогаш ќе има некој момент кога некој ќе плаче, некој ќе биде уморен, некој ќе сака да застане или едно дете ќе го разбуди другото. Многу е важна и комуникацијата меѓу партнерите. Ако едниот е преморен или му треба пауза, подобро е веднаш да го каже тоа отколку сите да продолжат нервозни. Кога ќе престанеш секоја мала ситуација да ја гледаш како проблем, патувањето станува многу полесно.

Катерина Краљевска со семејството
Катерина Краљевска со семејството

Неодамна споделивте прекрасна вест дека го очекувате четвртото дете. Како реагираше вашиот сопруг, а како децата кога дознаа дека ќе добијат братче или сестриче?

Всушност, тестот го направивме и го чекавме резултатот сите заедно со децата, така што сите дознавме практично во ист момент. Нивните реакции беа преслатки. Мојот сопруг исто така отсекогаш сакал големо семејство, така што е пресреќен.

Сега речиси секој ден зборуваме за бебето. Децата зборуваат за тоа дали ќе биде момче или девојче, како ќе се вика и како ќе изгледа животот кога ќе дојде. Сите сме многу возбудени, а сега особено едвај чекаме да дознаеме дали ќе биде момче или девојче.

Како ја поминувате оваа бременост со три мали деца покрај себе? Дали е потешка отколку претходните бремености и како успевате да постигнете сè?

Оваа бременост некако ми испадна најлесна. Дали е затоа што сум со сосема поинаков „mindset“ или има нешто и до самата бременост, не знам – мислам дека е комбинација од двете.

Четвртата ми е најпозитивната и најлесната бременост досега

Дефинитивно ми е најпозитивната и најлесната бременост досега, иако сега имам три мали деца. Немав толку многу мачнини и тоа многу ми помогна. Во почетокот бев многу уморна и тоа можеби ми беше најтешкиот дел. Знаеше да ми се случи да заспијам со децата и, на пример, кујната долу да остане несредена. Но, сега размислувам поинаку – ќе ја средам утре и тоа е тоа. Не е толку голема работа. Сега сум веќе скоро на половина од бременоста и навистина се чувствувам добро. Времето ми помина неверојатно брзо.

Какво е вашето искуство со досегашните породувања во Шведска? Што најмногу ве изненади во здравствениот систем и грижата која ја добиваат мајките?

Во Шведска не форсираат индукција, речиси сите деца ги надносив

Моето искуство со бременоста и породувањето во Шведска е многу позитивно. Многу ми се допаѓа тоа што овде се трудат целиот процес да биде што е можно поприроден, секако, доколку бременоста го дозволува тоа. Моите три деца ги родив природно. Не форсираат индукција или порано породување доколку за тоа нема потреба. Речиси сите деца ги надносив, а второто и третото дете ги родив без анестезија.

Ми се допаѓа и самиот пристап на системот, особено тоа што многу работи оставаат на мајката сама да ги одлучи. Се чувствува дека твоето мислење, твоето тело и начинот на кој сакаш да се породиш се почитуваат.

Исто така, ми се допаѓа нивниот пристап дека секое дете е уникатно. Не очекуваат сите бебиња да се развиваат идентично или да се вклопат во една иста бројка, туку најважно им е детето да ја следи сопствената крива на раст и развој.

Катерина Краљевска со семејството

Иако живеете во Шведска, што најмногу ви недостига од Македонија?

Во Македонија луѓето повеќе и поспoнтано наоѓаат време едни за други, во Шведска не е баш така

Тоа што најмногу ми недостига од Македонија е спонтаноста и начинот на кој луѓето се дружат. Мислам дека во Македонија луѓето некако повеќе и поспoнтано наоѓаат време едни за други. Во Шведска не е баш така. Тука многу се приоритизираат рутините, работата, обврските и однапред планираните работи. Секако, и тоа има свои позитивни страни, но понекогаш ми недостига токму таа спонтаност што сè уште ја има во Македонија. Да можеш едноставно да се слушнеш со некого, да се видите без многу планирање, да седнете на кафе и да поминете време заедно. Мислам дека токму тоа најмногу ми недостига од Македонија кога сум во Шведска.

Катерина Краљевска со семејството
Катерина Краљевска со семејството

Што би им порачале на младите семејства кои размислуваат да се преселат во странство? Што треба да знаат пред да ја донесат таа голема животна одлука?

Би им порачала пред сè да знаат дека никаде не е лесно. Мислам дека многу луѓе сè уште го имаат тоа мислење дека надвор од Македонија сè е поубаво или полесно, а реалноста не е баш таква. За некои работи, да – можеби Шведска има систем и можности кои Македонија ги нема. Но, во исто време, луѓето овде имаат многу поинаков менталитет и начин на живот од оној на кој сме навикнати во Македонија. Мислам дека токму тоа може да биде една од поголемите пречки, особено кога се преселуваш на 25 или повеќе години, кога веќе си израснат и оформен во една друга средина.

Исто така, многу е различно кога ќе дојдеш во држава во која немаш никој свој. Немаш фамилија, немаш круг на луѓе кој што го имаш градено цел живот и практично треба да започнеш сè од почеток. Тоа знае да го направи животот многу потежок отколку што изгледа од страна.

Затоа, мислам дека пред да се пресели некој, треба да гледа на целата слика, а не само на платите, работата или на тоа колку е среден системот. Секоја земја има свои предности, но и свои недостатоци, и никаде животот не станува автоматски лесен само затоа што си заминал во странство.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Катерина Краљевска

Најнови

  • „Нестварна убавина“: Нина Бадриќ одржа спектакуларен концерт во волшебниот Охрид, се одушеви од Св. Наум

    Mon, 08/31/2026 - 12:25
  • Згодниот Октај Сејди ќе ја претставува Македонија на Mister International 2026

    Mon, 08/31/2026 - 11:44
  • Дама во црвено: Каролина Гочева сензуална во креација со висок шлиц во нова кампања

    Mon, 08/31/2026 - 09:53
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.