„Требаше домот да биде полн со музика, да ти кажам колку си убава“: Таткото на Надица која загина во „Пулс“ скршен на денот на нејзината матура
Надица Наунова пред два дена требаше да ја прослави својата школска матура, но за жал, нејзиниот живот трагично згасна во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Нејзиниот татко Александар Наунов со емотивна и болна порака го одбележа денот кога неговата ќерка требаше гордо да зачекори кон ново животно поглавје, дотерана како матурантка, опкружена со другарите и соништата кои никогаш нема да успее да ги оствари.
Еве ја неговата објава која крши срца:
Денес требаше да ја славиш твојата школска матура, ќерко моја.
Требаше домот да биде полн со смеа, музика и возбуда. Требаше да те гледам како се подготвуваш, како со блесок во очите го чекаш денот што секое младо срце го сонува. Требаше да ти кажувам колку си убава, а ти да ми велиш да не се грижам и дека сè ќе биде совршено.
Требаше денес да стојам гордо покрај тебе, да го чувам во срцето секој твој чекор, секоја насмевка, секој миг од твојата младост. Да гледам како животот ти се отвора пред тебе, а не да стојам пред тишината што остана зад тебе.
Но, наместо радост, денес во мене има само празнина што не престанува да боли. Наместо да слушам музика и детска смеа, ја слушам тишината што ме прогонува откако те нема.
Ќерко моја, најмногу боли што не ти беше дадено да ги доживееш деновите што ги заслужуваше. Твојата младост, твоите соништа, твојата среќа — сè беше прекинато прерано.
Денес требаше да славиш. Да играш. Да се смееш. Да живееш.
А јас, како татко, останав со љубов што нема каде да ја оставам и со гордост што никогаш нема да згасне.Те сакам бескрајно. И каде и да си, за мене засекогаш ќе бидеш мојата најубава матурантка.
Животите на Александар, неговата сопруга Габриела и малата ќерка Ангела се тотално поразлични по загубата на Надица. Тие се дел од секој „Марш за ангелите“, барајќи правда за сите згаснати млади животи.
Во саботата, се навршија 14 месеци од трагедијата која им го одзеде животот на 63 млади ангели и обви многу семејства во црно. На тој тежок ден, Александар напиша уште еден пост кој допира длабоко во срцето.
14 месеци без тебе, ќерко моја…
14 месеци како да сум без душа, без воздух, без живот.
Од денот кога те изгубив во тој проклет пожар, ништо повеќе не е исто.
Времето не лечи. Болката не поминува. Само станува потешка.
Секое утро ги отворам очите со надеж дека сè било кошмар.
А после неколку секунди ме удира вистината — тебе те нема.
Нема да ми прозбориш.
Нема да ме гушнеш.
Нема да ја видам твојата насмевка што ми беше цел свет.
Ти беше мојата гордост, мојата сила, моето мало сонце.
А сега живеам само со спомени, фотографии и тишина што убива.
14 месеци се борам сам со оваа болка што не може да се опише со зборови.
Искрено, одамна веќе не живеам — само постојам.
Единственото што ме држи исправен е правдата за тебе.
Да не дозволам твоето име да биде заборавено.
Да не дозволам тие што дозволија да те изгубам да избегаат од одговорност.
Ќерко моја…
Секој ден умирам по малку без тебе.
Половина од мене остана во тој пожар засекогаш.
Те сакам повеќе од сè.
И колку и да боли, ќе издржам уште малку…
Само за да дочекам правда за тебе.
А потоа…
скоро се гледаме, ќерко моја.