„Трчај тато! Како мама да те гоне кога е љута!“: Девојче со хит транспарент на „Струмица на улица“
Еден мал транспарент, една голема детска насмевка и една духовита порака упатена до тато успеаја да привлечат внимание и да измамат безброј насмевки на „Струмица на улица – Sunday Run“.
Пораката „Трчај тато! Како мама да те гоне кога е љута!“ на малата Софија Батева стана хит, а зад него се крие една симпатична семејна приказна за изненадување, љубов и поддршка.
Мајката на Софија, Јована, за Фемина откри дека идејата за креативниот транспарент дошла спонтано, од желбата да му приредат на тато нешто поинакво, интересно и незаборавно.
„Идејата за транспарентот дојде спонтано, од желбата да направиме нешто поинакво, интересно и пред сè да го изненадаме тато. Сакавме да му дадеме поддршка, но и да внесеме малку хумор и насмевки во целиот момент.
Натписот „Трчај тато! Како мама да те гони кога е лута!“ го избравме затоа што сакавме да биде духовит, оригинален и да предизвика насмевка кај сите што ќе го прочитаат.
Кога тато го виде транспарентот, моментот беше исполнет со изненадување, смеа и радост. Токму тоа и ни беше целта – да му приредиме нешто што ќе го памети“ - изјави Јована.
„Од моја перспектива како мајка, најубаво беше да го гледам детето со колкава радост го држи транспарентот и колку многу љубов има во една навидум едноставна порака. Сакавме да му порачаме дека секогаш сме тука за него, дека го поддржуваме и дека семејството е неговата најголема мотивација.
Понекогаш најубавите пораки се оние кажани низ шега, но зад нив се крие многу љубов“ - додаде мајката.