Полицијата во неколку европски земји истражува вознемирувачки случаи на пронајдени игли и други остри метални предмети во слатките кои децата ги собрале за Ноќта на вештерките. Родителите се предупредени внимателно да ги проверуваат чоколадите и бонбоните.
Она што требало да биде безгрижна детска забава, во неколку европски семејства се претвори во причина за страв и загриженост. По прославата, полицијата добила пријави за остри метални предмети скриени во чоколади и бонбони кои децата ги добиле додека оделе од врата на врата.
Случаи се истражуваат во Германија, Австрија, Унгарија и Ирска, а во некои од нив децата веќе се здобиле со повреди. Во германскиот град Бремерферде, 9-годишно девојче го повредило јазикот додека јадело чоколадо во кое подоцна била пронајдена метална игла долга околу пет сантиметри. Во Австрија, 10-годишно девојче се здобило со полесни повреди во устата откако загризало чоколадо со метален предмет.
Според германските медиуми, пријави за вакви инциденти пристигнале од повеќе сојузни покраини, а полицијата во Баварија регистрирала бројни случаи на пронајдени игли, клинци и завртки во слатките. Слични откритија имале и родители во Унгарија, Австрија и две мајки во Ирска.
Иако истрагите се во тек, засега нема потврда дека сите случаи се поврзани или дека станува збор за организирана акција. Полицијата предупредува и на можноста ваквите инциденти да поттикнат имитатори, поради што апелира секоја сомнителна пријава да се проверува внимателно.
Полициските служби ги повикаа родителите да ги прегледаат сите слатки што нивните деца ги собрале за Халовин, особено ако амбалажата е оштетена, има необични дупчиња или изгледа како да била отворена и повторно затворена.
Доколку забележат сомнителен предмет или знак на манипулација со пакувањето, родителите треба да избегнуваат понатамошно ракување со слаткото и веднаш да ја контактираат полицијата.
По предупредувањето, родители ги проверуваа слатките со магнет:
Вакви случаи се појавиле и во Канада: