„Титулата носи убави можности, но образованието ми е на прво место“: Празнично со македонската мисица Чарна Невзати
Македонската јавност ја запозна Чарна Невзати како Мис на Македонија, убавица која достоинствено ја носеше круната и ја претставуваше нашата земја на изборот за Мис на светот во Индија. Но, додека камерите ја следеа нејзината насмевка и сигурниот чекор на сцената, една поинаква Чарна остануваше тивко присутна – студентката на Правниот факултет, победничката на ораторски вечери, девојката за која професорите зборуваат со искрена почит.
Имено, зад титулата која привлекува внимание и носи јавна одговорност, стои личност што верува во знаењето, правдата и автентичноста како најсилни вредности. Празнично за Фемина, оваа 20-годишна девојка искрено зборува за мирот што го наоѓа во тивките семејни вечери, за балансот меѓу убавината и интелектот, за притисокот и поддршката, но и за визијата која ја води напред.
Како за тебе изгледаат празниците што следуваат? Дали ја сакаш празничната еуфорија?
Навистина ја сакам оваа атмосфера. Го сакам времето, мирот што го носат празниците. Најмногу уживам кога сум дома, во мојот комфор, опкружена со топлина и спокој!
Постои ли празничен обичај или традиција која ти е особено драга и која секогаш те враќа во детството?
Моментите поминати заедно со семејството, дома, без брзање. Тие едноставни, тивки вечери ме враќаат во детството.
Како успеваш да го балансираш вниманието што го носи титулата Мис на Македонија со сериозните обврски како студентка на Правниот факултет?
Со добра организација и јасни приоритети. Титулата носи убави можности, но образованието ми е темел и секогаш останува на прво место.
Што те мотивираше да го избереш правото како животен и професионален пат и дали веќе гледаш каде би сакала да се насочиш понатаму?
Ме мотивираше разликата меѓу правото и правдата, тие не секогаш одат заедно. Сакам преку правото да ја доближам правдата до луѓето, за доброто на целото општество. Го сакам јавното говорење и секогаш сум имала потреба да застанам во одбрана на другите.
Дали сметаш дека убавината и интелектот денес одат рака под рака?
Апсолутно! Кога убавината е проследена со знаење и свест, таа добива вистинска вредност.
Во празничниот период луѓето често прават лични резимеа – на што си најгорда во изминатата година?
Најгорда сум што изградив платформа на која се трудам да ја користам за значајни теми. И тоа е нешто што сакам и ќе продолжам да го развивам и во иднина.
Како младa жена под лупата на јавното око, што научи за себе откако ја понесе титулата Мис на Македонија?
Научив дека најважно е да останеш своја. Автентичноста е најголемата сила.
Колку поддршката од семејството и блиските е важна во моментите кога притисокот е поголем од вообичаено?
Неизмерно важна! Тие се мојата сигурност, мојот мир и потсетник која сум, особено кога притисокот е голем.
Која е твојата порака до младите девојки, но и до сите луѓе кои се двоумат дали се „доволно добри“?
Мојата порака до сите луѓе е да веруваат во себе и да не се ограничуваат. Секој има своја вредност и свој пат, најважно е да бидеш доследен на себе и на своите соништа.
По што би сакала да те запамети јавноста – по титулата, по знаењето или по влијанието што ќе го оставиш?
По знаењето што сум го стекнала и по влијанието што сум го искористила на правилен начин како алатка за промена, инспирација и поддршка на другите.
Што си посакуваш во годината што доаѓа?
Здравје, среќа, љубов и внатрешен мир! И да продолжам да растам и да се развивам како личност.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk