„Тина е дома“: Александра Јанева со новородената ќеркичка ја напушти болницата, сега ќе ужива во мајчинството
Александра Јанева си замина дома со новородената ќеркичка Тина.
Македонската пејачка и нејзиниот сопруг Иван Ангелов споделија фотографии од напуштањето на болницата денови по раѓањето на нивното бебенце и сега ќе уживаат дома во новата улога на родители.
На една од фотографиите Александра и Иван позираат насмеани со својата ќеркичка и не ја кријат среќата што го носат дома најновиот член на семејството.
На друга фотографија е прикажано бебенцето завиткано во розово ќебенце на кое е извезено името „Тина“, а покрај фотографијата стои кратка порака: „Tina is home“.
Пред неколку дена Јанева ја израдува јавноста со веста дека се породи и откри дека ќеркичката го добила името Тина.
Ти си доказ дека љубов постои. 🌎
Цел наш свет собран во овие дланки.
Тина 🤍✨ - напиша Александра на првите фотографии со бебенцето.
Александра и Иван се во брак од август 2024 година, а во интервју за Фемина таа зборуваше за моментот кога дозна дека е бремена.

„Првата реакција беше шок и неверување, помешано со огромна возбуда и среќа. Дознав доцна навечер преку тест за бременост и не можев да заспијам цела ноќ од целиот тој ролеркостер од емоции. Бев сама дома во Скопје, а Иван беше во Струмица по работни обврски. Сакајќи да го изненадам, му напишав честитка во која му соопштив дека ќе стане татко и по неколку часа откако ја дознав веста отидов и јас за Струмица.
Употребив бела лага дека честитката е од наш комшија во Скопје кој сака да му се заблагодари за доброто дело кое му го направил, па му ја дадов да ја прочита. Само се сврте со вкочанета насмевка на лице (се смее), ме праша дали е вистина тоа што го чита и во прегратката што следуваше почувствував дека и неговото срце лупа од возбуда“ - рече таа во интервјуто.

Сега, по девет месеци исчекување, нивната најголема желба е исполнета.