„Бев вљубена до уши уште на самиот старт... Употребив бела лага за да му кажам дека сум бремена“: Александра Јанева за бракот, бременоста и музиката
Суперталентирана девојка од Струмица со моќен глас и препознатлива емоција, двократна победничка на „Макфест“ и име кое јавноста првпат масовно го запозна по победата во популарното музичко шоу „Сите наши песни“... Александра Јанева Ангелов денес го живее едно од најзначајните и највозудливите поглавја во својот живот. Имено, 30-годишната пејачка зад себе има кариера исполнета со награди и хитови, а пред себе мајчинство и нова авторска музичка приказна – албум посветен на женската сила, солидарност и емоционалната зрелост.
Во август 2024 година, со Иван Ангелов ја крунисаа љубовта со интимна свадба, а денес со нетрпение го очекуваат своето прво дете. Во шестиот месец од бременоста, шармантната Александра зрачи со спокој и радост, а за Фемина отворено зборува за животот по бракот, за односот што секојдневно го градат со нејзиниот животен сопатник, за бременоста како најнежна трансформација, но и за музиката која денес ја создава со уште поголема искреност и длабочина.
Како се запознавте со Иван и кој беше моментот кога почувствува дека тоа не е само „обична“ врска? Велиш дека врската ви почнала спонтано, без планови, па што беше клучно за таа спонтаност да прерасне во сериозна љубов?
Како да зборував со човек кој го познавав цел живот, за мене беше најубавиот маж кој сум го запознала
Се запознавме на 01.01.2020 година, на кафе-средба помеѓу две друштва. Другарка од моето друштво е сопруга на пријател од неговото и така некако се споивме првиот ден од новата година да го поминеме сите заедно. Но, првите искри на љубов и интензивна комуникација започнаа девет месеци подоцна, кога случајно ми испрати приватна порака на Инстаграм, со слика од кинеско јадење, кое за среќа ми е омилено, па „паднав” на сличниот вкус за храна и оттаму започна сѐ.
Искрено, не форсиравме ништо од самиот почеток. Кога јавна личност започнува романтична врска со некого, често знае да биде третирана како трофеј, па на партнерите најважно им е дали ќе биде врската официјална од почеток, сакаат уште веднаш да се пофалат на сите свои пријатели со кого се и тоа е нешто што може да создаде тензија и притисок за да понатаму релацијата остане природна и спонтана. Кај него го немаше тоа, не му беше важно што ќе мислат другите за нас, туку како ние двајца се чувствуваме еден за друг. Никој освен нашите најблиски пријатели не знаеше подолго време дека сме во врска, без притисок уживавме во секој миг поминат заедно. Не знам како да го опишам тоа чувство, но едноставно знаеш кога љубовта е ненаметлива и вистинска. Како да зборував со човек кој го познавав цел мој живот, се шегувавме за истите работи, имавме доста слични ставови на многу теми, а во исто време физички за мене беше најубавиот маж кој сум го запознала. Во превод, не сакав да си признам самата на себе дека бев вљубена до уши уште на самиот старт. :))
Предлогот за брак во Париз изгледаше како сцена од филм. Што се случуваше во тебе во тие неколку секунди кога сфати што следува?
Иако очекував запросувањето да се случи во Париз, во тој момент ме обзедоа силни емоции на љубов и еуфорија
Целиот тој ден енергијата што зрачеше од нас двајцата беше посебна. Времето ни беше сончево, насмевките ни беа постојано присутни и кога дојде моментот да ме запроси, возбудата и забрзаното срцебиење го достигнаа врвот. Слушајќи му ги зборовите кои му излегуваат од уста со треперлив глас, ја почувствував тремата кај него и знаев дека следното нешто што ќе го изустам јас ќе биде гласно „ДААА!“.
Иако потајно знаев и очекував запросувањето да се случи во Париз, во тој момент ме обзедоа силни емоции на љубов и еуфорија кои ми се одразуваа на говорот на телото. Почнав да скокам и најрадосно ја впивав информацијата дека ќе го поминам остатокот од животот со својата најголема љубов.
Свадбата беше интимна и традиционална. Што од тој ден ќе го паметиш засекогаш, а што те изненади најмногу?
Тоа што најмногу ме изненади всушност и најмногу ќе го паметам. Колку сите наши гости, пријатели и роднини вистински ни се радуваа на тој магичен ден. И покрај големите жештини на 17 август, сите играа и се забавуваа како никогаш порано.
Како изгледа животот по свадбата, што се промени, а што остана исто во вашиот однос?
Апсолутно ништо не се промени. Јас и Иван живеевме заедно подолго време пред да стапиме во брак и крунисувањето на љубовта во нашите глави се случи многу порано, пред свадбата. На тој ден, само ни се потврди тоа што го знаевме одамна, дека ќе чекориме заедно низ животот со сите негови полесни и потешки предизвици.
Колку бракот те промени како жена, а колку како уметник? Дали љубовта ти донесе нова емотивна длабочина во музиката?
Периодов пеам и творам многу поопуштено, поемотивно, позрело и многу посамоуверено
Секое ново поглавје од животот е инспиративно за креирање нова музика. Кога си спокоен и стабилен со твоите избори во приватниот живот, чувството на сигурност и личното задоволството се рефлектираат во сѐ што правиш. Периодов пеам и творам многу поопуштено, поемотивно, позрело и многу посамоуверено. Отсекогаш сум се доживувала себеси како силна жена, но исклучително емотивна и ранлива на моменти. И среќна сум што човекот до мене ги прифаќа моите несовршености.
Новата песна „Сестро“ носи моќна порака за женската солидарност. Што лично за тебе значи таа тема и од каде се роди инспирацијата?
На другарките им должам многу од своето емоционално созревање
„Сестро“ и целиот албум е посветен на жените како силни емоционални битија, на предизвиците со кои се носат низ животот како понежен пол и на несебичното другарство кое постои меѓу жените и е столб на нивната моќ. Инспирацијата како и секогаш доаѓа од моите доживувања, искуства. Низ животот и кариерата, на моја огромна среќа, сум имала и сѐ уште имам вистински другарки кои секогаш биле тука за мене. Нив им должам многу од своето емоционално созревање.
Неодамна објави дека очекувате девојче, како изгледаше моментот кога ја дозна веста и што прво помисли како идна мајка? Како му соопшти на Иван? Каква беше неговата реакција?
Дознав дека сум бремена доцна навечер преку тест, Иван беше во Струмица
Првата реакција беше шок и неверување, помешано со огромна возбуда и среќа. Дознав доцна навечер преку тест за бременост и не можев да заспијам цела ноќ од целиот тој ролеркостер од емоции. Бев сама дома во Скопје, а Иван беше во Струмица по работни обврски. Сакајќи да го изненадам, му напишав честитка во која му соопштив дека ќе стане татко и по неколку часа откако ја дознав веста отидов и јас за Струмица.
Употребив бела лага дека честитката е од наш комшија во Скопје кој сака да му се заблагодари за доброто дело кое му го направил, па му ја дадов да ја прочита. Само се сврте со вкочанета насмевка на лице (се смее), ме праша дали е вистина тоа што го чита и во прегратката што следуваше почувствував дека и неговото срце лупа од возбуда.
И целиот твој нов албум е посветен на женската сила, а истовремено стануваш мајка на девојче, колку симболично го доживуваш овој период од животот? На какви вредности би сакала да ја научиш твојата ќерка во иднина?
Дознав дека ќе бидам мајка на девојче по завршувањето на песната „Сестро” и тоа ми беше најсимболичниот момент што уште поцврсто ми потврди дека сѐ се случува со причина. Едвај чекам да дојде на свет мојата доживотна другарка, знам дека ќе биде најдоброто нешто што ми се случило.
Би сакала пред сѐ да биде добар човек. Да ја научам на емпатија и блискост, секогаш да има обѕир и разбирање кон другите луѓе. Да биде културна, одговорна, своја и да се почитува и сака себеси, но и да научи да презема одговорност и да учи од своите грешки тогаш кога ќе погреши.
Како ја доживуваш бременоста, имаш ли некои потешкотии? Каква си како трудница и дали имаш некои посебни барања кон Иван?
Влегов во шестиот месец од бременоста и досега не сум имала некои големи потешкотии. Од самиот почеток бременоста се одвива лесно, без мачнини. Во првите неколку месеци немав многу апетит, сега веќе ми се зголемува, особено желбата за слатко. Хормонските промени си го прават своето, поемотивна сум и знам да бидам пораздразлива на моменти, но и тоа не е така често. Лесна сум за коегзистирање и во оваа состојба (се смее).
Дали размислуваш за породувањето, имаш ли некои стравови во однос на тоа што те очекува од самиот чин, а што потоа како мајка за прв пат?
Мислам дека не постои жена која чека да стане мајка, а да не ѝ пројде барем еднаш низ глава прашањето што ако нешто се случи? Но, во принцип не сум паничар. Се трудам да сум максимално смирена и опуштена, со позитивни мисли за целата бременост и финалниот чин и секогаш ме води мислата дека се подготвувам за искуство што ќе ми го промени животот на најубав можен начин.
Кога ќе погледнеш наназад, од девојката што почнуваше на сцената до жената денес, што би ѝ рекла на Александра од пред 10 години, а пак што би сакала да оствари Александра во наредните 10 години?
Кариерно, целта ми е да го зацврстам својот музички идентитет
На онаа Александра од 20 години би ѝ кажала да не се откажува. Да се радува тогаш кога ѝ изгледа дека е тешко, тогаш ќе го извлече најдоброто од себе и ќе стане похрабра и посилна.
Во наредните 10 години пак, кариерно, целта ми е да го зацврстам својот музички идентитет и да создавам музика што ќе трае долги години.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk