Терапевт со злато срце: „Чоколаден“ лабрадор ќе радува и успокојува на Клиниката за психијатрија во Скопје
Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје ја одушеви јавност со својот потег да го прошири тимот со крзнен миленик. Имено, медицинската установа неодамна ја отвори својата врата за еден посебен „колега“ кој не носи бел мантил, но поседува интуитивна моќ да ги лекува душите.
Запознајте го Роџер, две и пол годишниот чоколаден лабрадор кој стана симбол на емпатија и надеж. Од неодамна вдомен и веднаш засакан, Роџер не е само милениче на клиниката, тој е главен протагонист во воведувањето на Animal Assisted Activities (активности поддржани од животни). Оваа иницијатива го носи светскиот тренд на терапија со кучиња директно кај македонските пациенти, докажувајќи дека патот до закрепнувањето честопати е полесен кога покрај себе имате верен пријател.
Според директорката на клиниката, проф. д-р Славица Арсова, причината за вдомувањето на Роџер е имплементацијата на активности поддржани од животни - структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни (најчесто кучиња) со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на општата психосоцијална благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата.
Активностите на Роџер на клиниката вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамки на групи, секогаш под придружба и надзор на лица од нашиот стручен тим и се разбира, со согласност од пациентите. Со овој потег, сакаме да го поттикнеме и вдомувањето кучиња, како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни животни.
Лабрадорите се познати по својата смиреност, трпеливост и предвидливо однесување и имаат висока емпатија и социјална интелигенција. Оваа раса интуитивно реагира на човечки емоции, односно препознава тага, страв или анксиозност и природно нуди утеха преку контакт и присуство, без наметнување“ – вели проф. д-р Арсова.
Од Клиниката за психијатрија објавија:
„Активностите на Роџер започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница, тој нема контакт во деловите од установата каде што има храна или лекови, a неколку пати дневно има долги прошетки со вработените или со пациентите - доброволци од дневната болница.
Лабрадорот е една од најчесто користените раси при активностите поддржани од животни, бидејќи неговите природни карактеристики совршено одговараат на барањата на тераписката средина.
Дополнително, лабрадорите брзо учат, лесно следат команди и имаат исклучително висока толеранција на физички контакт - прифаќаат допири, галење и близина без да покажат вознемиреност.
Сите овие карактеристики ги има и нашиот Роџер, кој ни донесе многу позитивна енергија на клиниката!“