Навикнати сме да го гледаме низ призмата на корпоративниот свет и големите професионални достигнувања, но најновата епизода на „Низ град со Кики“ ни открива една поинаква, забавна димензија на Живко Мукаетов. Во опуштен разговор со неговата ќерка Кики, тој нè носи на носталгично патување низ урбаното Скопје, оживувајќи ги спомените за култните маалски дружби, домашните журки и младешкиот бунт.
Веројатно најсимпатичната анегдота која ја сподели Мукаетов е поврзана со неговото дипломирање на Машинскиот факултет и една неочекувана одлука поврзана со неговиот имиџ, која наишла на интересна реакција од неговиот татко.
„Дипломирав на Машинскиот факултет и сега дента дипломската е некаде околу 12, а јас сум договорен со Наташа Вучидолова, која инаку сега е водич на навивачката група Кафетинки на Ракометниот клуб Алкалоид, да одиме кај Весна во Чаир и да ме исфарба тегет. А вечерта правиме прослава во 'Аполон'.
И сега одам јас кај Весна во Чаир, сѐ тоа се средува, мислам ме направи тегет ко што се договоривме, и одам дома. А татко ми не беше информиран за таа информација, инаку во 12 беше тој на дипломската, а ова се случува веќе кај 5, 5 и пол, да кажеме, а веќе од 9 во 'Аполон' почнува журката. И одам дома и тој ме гледа и ми вика синко, денов е убав, сѐ е ова океј, вечер истерај што ќе истераш, јас утре кај 5, 5 и пол ќе си дојдам од работа, сакам да те видам со старата боја на косата. И така и беше. Бидејќи имавме еден така другарски однос, кога нешто ќе се договориме, дека треба да се испочитува.“
Мукаетов со топлина се навраќа на сопствените корени, откривајќи ги темелите на кои израснал:
„Прво се знаеше редот дома. Функционирање темелено на доверба, многу љубов, многу разбирање. Јас имав стварно едно прекрасно детство благодарение на татко ми Трајче, на мајка ми Драгица, на сестра ми Биљана. Стварно имавме еден супер однос на разбирање. Но, како што кажав, се знаеше редот, кој што како зошто дома, а, од друга страна, довербата беше клучна за да тоа функционира така. И договор за сѐ.“
Дека воспитувањето од тоа време подразбирало јасни граници, најдобро илустрира една драгоцена случка од неговото рано детство, која суптилно сведочи за тогашната култура на живеење и почитта кон повозрасните.
„Јас дете негде 5-6 години и сум прошол на улица, не сум ја поздравил баба Гинка. Баба Гинка оди кај моите вака и вака, вашето дете не ми кажа добар ден. Значи моите ме викнаа, ми кажаа дека треба да се каже добар ден на секој од комшиите, посебно треба да се испочитуваат повозрасните луѓе, дека е тоа работа која е врзана со домашното воспитување и мене до ден-денес муабетот од баба Гинка сè уште ми стои, да кажеме, во глава.“
Со огромно задоволство Мукаетов се наврати на домашните журки кои ги организирале со другарите за кои имал одврзани раце од родителите. Но, привилегијата на слободата секогаш одела рака под рака со личната одговорност:
„Реагираа стварно прекрасно и мислам дека имаа многу разбирање за тоа што го правевме, за тоа што на кој принцип функционираме. Значи, ние ќе им кажеме дека тогаш и тогаш планираме журка и тие знаат дека таа вечер треба да одат во Неготино или Кавадарци кај бабите некаде да преспијат и дека нели журката си се случува...
Но, тука имаше правила на игра стрикно дефинирани, што значи доверба, апсолутна, да, тие прифаќаат да идат таму една вечера, и да нѐ остават, но ние имаме обврска утредента, после ручек, они кога ќе си дојдат, дека ние треба цакум-пакум куќата да ја направиме да биде чиста и исто како што била пред тие да отидат.“
Обраќајќи им се на младите, тој порача:
„Мојот совет до младите е да бидат упорни, да бидат посветени, да веруваат во себе, да не бидат неми набљудувачи на општествените прилики, туку да пробаат да се ангажираат и да влијаат секој во својот пак делокруг на функционирање да придонесе да изградиме заеднички едно подобро општество, а секако и подобра држава, Македонија.“
Во интервјуто, успешниот бизнисмен низ насмевка раскажува за своите први работни искуства – од продавање пуканки со легендарниот Џаро и менаџирање на скопско кафулиње до авантурите како радиоводител на „Радио Вокс“. Искрено зборува и за преселбата во Лондон, за создавањето на интернационални пријателства, за почетоците и најдрагите моменти од градењето на кариерата во „Алкалоид“, но и за најтешката емотивна пресвртница која му го променила погледот кон светот.
Еве го целото интервју: