Татко-херој спаси 10 млади луѓе во пожарот во Кран-Монтана откако му се јави испаничена 17-годишната ќерка
Во ноќта кога новогодишната радост се претвори во една од најголемите трагедии во швајцарските Алпи, еден татко покажа што значи човечност и храброст.
Паоло Камполо без многу размислување спаси десетина млади луѓе во пожарот во „Le Constellation“ откако доби паничен повик од ќерката која за малку не влегла во барот. Тој сега е во болница како последица на вдишаниот чад, но успеа да придонесе трагедијата да биде помала.
55-годишниот Швајцарец организирал новогодишна забава во својот дом, па поради тоа, неговата 17-годишна ќерка Паолина доцнела на забавата во барот.
„Тоа доцнење ѝ го спаси животот“ – рекол Паоло од болничкиот кревет.
Околу 1:20 часот по полноќ, тој го видел пламенот од својот дом, а потоа добил паничен повик од ќерката чие момче веќе било во барот. Без многу размислување, зел противпожарен апарат и истрчал кон барот кој се наоѓал на околу 60 метри од неговиот дом каде ја пронашол ќерка си „неподвижна и во шок“. Нејзиното момче преживеа, но е хоспитализирано со изгореници.
„Таа се спаси поради неверојатен синџир од настани. Моменти порано или подоцна, приказната ќе беше поинаква“ – рекол Паоло.
Со помош на друг човек, Камполо успеал насилно да отвори блокиран излез и прозорец, извлекувајќи ги еден по еден младите луѓе кои биле заробени.
„Видов раце и нозе низ стаклото. Луѓе лежеа на подот. Некои беа свесни, други не. Врескаа за помош на различни јазици“ – сведочи тој.
„Единствената мисла што ме водеше беше дека тие можеа да бидат мои деца“ – рекол таткото.
„Погледите. Очигледната очајност на оние кои знаат дека умираат. Изгорени луѓе кои те гледаат и те молат да не ги оставиш таму. Тоа е нешто што никогаш не исчезнува“ – додал тој.
Камполо бил шокиран кога открил дека немало друг излез што заробените лица можеле да го користат.
„Секој кој беше внатре, немаше можност за бегство“ – рекол Паоло.
Тој посебно ја истакна и солидарноста на локалната заедница. Соседните барови веднаш се претвориле во импровизирани медицински пунктови, каде што повредените добивале прва помош, топлина и поддршка.
„Среде хоророт, никогаш нема да ја заборавам таа човечност“ – изјави тој.
Причината за пожарот сè уште се истражува, но според обвинителството, најверојатно станува збор за искри од прскалки поставени во шишиња со шампањ кои го зафатиле таванот и предизвикале брз и разорен пожар.