Шведска е уште поблиску до целта да биде првата европска земја целосно без чад, откако уделот на дневни пушачи се намали на само 3,7 отсто, покажува најновиот извештај на Шведскиот совет за информирање за алкохол и други дроги (CAN). Клучот на успехот, според шведските експерти, е во комбинацијата на ограничувања и достапноста на помалку штетни алтернативи.
Според извештајот на CAN, стапката на пушење во Шведска е преполовена од 2013 година. Падот е забележан кај сите возрасни групи, како кај дневните, така и кај повремените пушачи. Во исто време, употребата на традиционалните шведски ќесички за тутун, познати како снус, се зголемила од 13 на 18 отсто, што директно го следи падот на потрошувачката на цигари. Повеќето корисници употребуваат снус секојдневно, што укажува на тоа дека многу поранешни пушачи целосно се префрлиле на оваа тутунска алтернатива без чад.
Најниски стапки на пушење се забележани кај младите луѓе на возраст меѓу 18 и 29 години (2,9 отсто), додека токму во оваа група е забележана најголема употреба на снус, дури 29 отсто.
Промените се особено изразени кај помладите жени. Во возрасната група од 18 до 29 години, стапката на пушење се намалила од 19 на 6 отсто, додека дневната употреба на снус се зголемила од 6 на 17 отсто. Ваквиот тренд уште повеќе ја потврдува значајната улога на алтернативите во намалувањето на пушењето, особено по појавата на никотинските ќесички, како модерна варијанта на снус, кои не содржат тутун.
Според Агенцијата за јавно здравје на Шведска, во 2004 година, дури 18,3 отсто од жените во оваа скандинавска земја биле дневни пушачи, во споредба со 13,8 отсто од мажите. Тој јаз се стеснува низ годините, а до 2020 година речиси исчезна, кога 6,7 отсто од жените и 6,6 отсто од мажите биле секојдневни пушачи.
Напредокот на Шведска кон статус на земја без чад доби дополнителен импулс во последниве години. Од 2022 година, две генерации, едната на возраст од 16 до 29 години и другата од 30 до 44 години, бележат дневна стапка на пушење под пет отсто.
Податоците за 2024 година покажаа дека пушењето кај возрасните лица родени во Шведска падна на 4,6 отсто, а најновите истражувања укажуваат на натамошен тренд на намалување на оваа стапка.