Стоп за пушење во кола со дете, на автобуски станици... Еве каде сè ќе биде забрането пушење со новиот закон со строги казни
Новиот Предлог-закон за заштита од пушење деновиве поттикна гласни дебати. Со него се прошируваат забраните и се воведуваат построги правила не само за цигарите, туку и за сите производи со тутун и/или никотин, како и за електронски уреди, загреан тутун и слично.
Законот треба да донесе појасни рамки за „чист воздух“ во јавниот простор, помала изложеност на пасивно пушење и посилна заштита на младите.
„Со овој закон, испраќаме јасна порака дека здравјето е повисока вредност од било кој комерцијален интерес, дека здравјето на децата не може да биде предмет на профит, дека јавниот простор мора да биде безбеден простор“ – порача министерот за здравство, Азир Алиу.
А еве каде сè ќе биде забрането пушењето тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и употребата на уреди за консумирање на тутун и никотин или додатоци за пушење:
- Во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно - образовни, културни и рекреативни установи и организации за физичка култура и спорт;
- Пред влезови на објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни институции;
- Во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
- Во објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа;
- Во објекти и возила што претставуваат работни места;
- Во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови;
- Во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа;
- На станици на градски и приградски јавен превоз;
- Во приватно возило во присуство на дете;
- Во објекти каде се вршат трговски дејности, пазари и саеми;
- Во објекти на угостителски објекти за сместување дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ги основните угостителски објекти за сместување и комплементарните сместувачки објекти ;
- Во објекти на угостителските објекти за исхрана, дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ресторани, барови, национален ресторан – меана, кантини и други угостителски објекти за исхрана;
- Во заеднички простории на станбени згради и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон;
- Во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи;
- Во објекти на приредувачи на игри на среќа, дефинирани согласно одредбите од Законот за игри на среќа;
- Во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца).
Исто така, потполно се забрануваат тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови.
Пушењето ќе биде дозволено само на отворени балкони и тераси и на простори кои се отворени најмалку од три страни без никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и сл.).
„Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неспорни - тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Намерата не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани“ - потенцира Алиу.
За прекршителите се предвидени високи парични казни. Имено, за физичките лица казните се од 150 до 300 евра додека за правните од 2.000 до 5.000 евра.
Дополнително, доколку при извршување на инспекциски надзор инспекторот утврди дека се пуши во јавни простории, работни простории, превозни средства и во сите други објекти каде пушењето е забрането, ќе издаде решение за привремена забрана за вршење дејност во траење од 30 дена за трговец поединец и три месеци за правно лице.
Законот се очекува да се применува од 1 март 2026 година.