Што ги движи иновативните компании? Реплек и Економскиот факултет отворија дебата за иднината на бизнисот
Како компаниите создаваат конкурентска предност во време на брзи технолошки и пазарни промени, каква улога имаат иновациите, организациската култура и корпоративното претприемништво во процесот на трансформација, како и колку е важна соработката помеѓу бизнисот и академската заедница – беа главните теми на конференцијата „Што ги движи иновативните компании?“, на која од бизнис, истражувачка и академска перспектива се разговараше за корпоративното претприемништво во услови на пазарна трансформација.
Настанот, организиран од Реплек АД Скопје и Алумни организацијата на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, обедини бројни претставници од бизнис секторот и академската заедница, претставници на институции, медиуми, како и деловни партнери и соработници на Реплек. Преку презентации и панел-дискусии, учесниците имаа можност да се запознаат со современите предизвици со кои се соочуваат компаниите и потребата од континуирана трансформација, агилност и иновативен пристап во работењето.
„Ние во Реплек веруваме дека иновацијата не е само нов производ, нова технологија или нов процес. Иновацијата е начин на размислување, храброст да се преиспитуваат постојните модели, подготвеност да се излезе од комфорната зона и визија што гледа подалеку од денес. Токму затоа, иновативниот пристап е во фокусот на нашето секојдневно работење“, рече во своето поздравно обраќање заменикот генерален директор и директор за маркетинг и продажба на Реплек АД Скопје, Коста Котески.
Тој истакна дека денес успехот не им припаѓа на компаниите што се плашат од промени, туку на оние што имаат храброст да ги водат. При тоа нагласи дека Реплек во изминатите неколку години помина низ значајни промени, од модернизација на процесите, инвестиции во технологија и дигитализација, до организациски трансформации кои создадоа нова енергија и нов правец на развој, со јасен фокус на создавање култура што ги охрабрува идеите, иницијативата и претприемничкиот дух, затоа што ниту една стратегија, ниту една технологија и ниту една визија не можат да успеат без луѓето кои се движечката сила на Реплек.
Во своето обраќање пред присутните, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта истакна дека современите економии бараат нов пристап кон образованието, претприемништвото и лидерството, а Реплек е одличен пример на компанија која ја следи ваквата формула на успех.
„Во денешниот свет компаниите функционираат во средина на постојани, динамични промени, кои бараат нов начин на размислување и нов модел на соработка помеѓу академската заедница и бизнис секторот. Само преку вакви партнерства можеме да создадеме знаење, иновации и кадри кои ќе бидат подготвени за актуелните предизвици, но и за оние што ги носи иднината“, изјави деканот на Економскиот факултет.
Во рамки на првиот презентациски блок, Марија Талеска Велковски, директорка на секторот за стратешки развој, ја презентираше студијата на случај „Од лабораторија до пазар: како Реплек развива нови производи и создава конкурентска предност“. Во својата презентација таа говореше за процесот на развој на нови производи, инвестициите во модернизација, дигитализација и производствени капацитети, како и за начинот на кој компанијата ја гради својата конкурентност на домашните и на странските пазари. Беше посочено дека Реплек денес е присутен на повеќе од 25 меѓународни пазари и континуирано инвестира во нови технологии, иновации и унапредување на оперативната ефикасност.
Сергеј Зафироски, генерален менаџер на Инсајдер ИД, во својата презентација „Психологија на потрошувачите: Како потрошувачите влијаат врз иновативноста и претприемништвото кај компаниите?“ говореше за современите навики на потрошувачите, важноста на анализата на однесувањето на пазарот и потребата компаниите постојано да ги следат промените во очекувањата на клиентите.
Во вториот дел од конференцијата, проф. д-р Стојан Дебарлиев, професор на катедрата по менаџмент на Економскиот факултет, ја одржа презентацијата „Како до иновативна клима во компаниите: модели и практики за поттикнување претприемништво, агилност и култура на промени“. Тој се осврна на организациската култура како еден од клучните фактори за поттикнување иновации и претприемништво во компаниите, нагласувајќи дека лидерството, агилноста и отвореноста кон промени се предуслов за создавање компании подготвени за идните предизвици.
Конференцијата заврши со панел-дискусијата „Што ги движи иновативните компании?“, на која учествуваа Марија Талеска Велковски, Сергеј Зафироски и проф. д-р Стојан Дебарлиев. Во рамки на дискусијата беше нагласено дека компаниите кои сакаат да создаваат долгорочна вредност мора континуирано да инвестираат во луѓето, новите технологии, организациската култура и знаењето, но и активно да ја поттикнуваат соработката помеѓу бизнисот и академската заедница.
Конференцијата е дел од пошироките активности на Реплек насочени кон поддршка на иновациите, развојот на човечкиот капитал и јакнење на соработката со академската заедница. Настанот уште еднаш ја потврди потребата од посилно поврзување помеѓу бизнисот и академската заедница, како предуслов за создавање иновативни, конкурентни и одржливи компании подготвени за идните предизвици.