„Стилот е моето ‘јас’ и не се менувам поради туѓи мислења“: Портрет на автентичната дама д-р Маја А. Викторијоски
Во свет во кој првиот впечаток често е само површен одблесок, а професионалните улоги се заробени во строги и предвидливи рамки, Маја Ангелеска Викторијоски опстојува како фасцинантен демант на сите стереотипи. Доктор по професија, педијатар-неонатолог по длабока внатрешна вокација, но пред сè личност која со восхитувачка леснотија ги поместува границите, трасирајќи го својот пат со храбри потези.
Како еден од најсаканите лекари во најчувствителниот сегмент на медицината, Маја е синоним за стручност, смиреност и човечност. А она што ја истакнува на стилски план е нејзината модна бескомпромисност. Со уникатниот визуелен идентитет, препознатлива руса коса со геометриски прецизни шишки и стајлинзи кои се чиста лекција по самодоверба, таа пркоси на клишето за тоа како „треба“ да изгледа една жена во бел мантил. Нејзината појава не бара одобрување, таа едноставно зрачи со авторитет на жена која одбива да се вклопи во калапите на возраста или општествените очекувања.
За Фемина, таа открива дека нејзиниот стил не е статична дефиниција, туку жив организам кој пулсира во ритамот на нејзиното расположение. Од кул комбинации со моторџиски чизми и кожни јакни кои носат урбан дух, до лежерни летни силуети и долги, префинети капути... секое нејзино издание е заокружено со впечатлив детаљ кој ја раскажува нејзината лична приказна. За неа, модата не е робување на трендовите, туку интимен дијалог со сопственото чувство за убавина.
„Не се водам по тоа како ‘треба’ да изгледам на мои години, туку по тоа што мене ми стои и во што јас си се допаѓам. Постојано експериментирам и често имам храбри стајлинзи кои на моја возраст ретко кој би ги носел, но никогаш тоа не е вулгарно, секогаш постои баланс – ‘премалку е премногу’. Не сакам неутрални бои, црната често ја носам, пастелните не се мој избор. Знам да се облечам и класично, согласно настанот, но и тогаш сè е во мој стил, со мој печат.“
Накитот, пак, е посебна приказна: го носи секогаш и без задршка, затоа што за неа токму тој треба да остави впечаток. Очила, чанти, чизми и патики се нејзините омилени парчиња, додека штиклите ги сака, но ги носи ретко.
Знае да облече некое парче само еднаш и никогаш повеќе, но знае и да се врзе со парче облека со години. Од дома никогаш не излегува без очила за сонце, чанта и телефон.
Коментарите од околината никогаш не ѝ биле насока, а зад впечатливиот изглед, всушност стои срамежлива личност која тешко се отвора:
„Коментарите од околината никогаш не ме допирале, ниту пак сум променила нешто поради нив. Не се обѕирам на тоа како ме перципираат луѓето. Оние што не ме познаваат, често имаат погрешна слика за мене – дека сум надмена или арогантна, а јас сум спротивното: срамежлива сум и тешко се впуштам во нови познанства и разговори, па можеби токму тоа остава таков впечаток. Не сум многу дружељубива, имам мал круг пријатели со кои сум со години. Повеќе сакам да бидам дома со сопругот, децата, родителите и сестра ми, со која сме многу блиски и имаме рутина барем еднаш неделно да се гледаме. Таа ми е најдобра пријателка и водич низ животот.
Секогаш го прилагодувам стилот според пригодата, со мој печат, сакам да има доза на сексапил, но никогаш вулгарен. За мене однесувањето е пресудно и според тоа сметам дека луѓето треба да донесуваат мислење за некоја личност. Претежно сум сериозна личност и тешко се опуштам, дури и на забави. Свесноста ми е секогаш присутна, можеби и повеќе од потребното.“
Љубовта кон модата, вели, не е случајна, туку повеќе наследна:
„Вкусот за мода веројатно го наследив од двајцата родители, особено од мајка ми, која отсекогаш била исклучително креативна. Во време кога немаше голем избор, сама кроеше, осмислуваше и шиеше комбинации – за себе и за нас со сестра ми. Ја паметам секогаш средена, со црвен кармин, штикли и накит, уникатна, посебна и храбра, истата е и денес иако има 74 години. Таа е мојот најголем советодавец и личен психијатар 😂, заедно со татко ми се мојата најголема поддршка.“
Сепак, за себе ќе рече дека се разликува од мајка си по тоа што многу ризикува со комбинации и секогаш однапред има идеја што да носи, без разлика дали е тоа удобно или практично:
„Се сеќавам дека во средно училиште ми дадоа пари да си купам јакна, фармерки, чизми, зимска гардероба, а тогаш беа актуелни Монт јакни и 501 Левис фармерки. Наместо тоа, јас си купив кратка сјајна сребрена јакна (која далеку од тоа дека беше топла, не ми го покриваше ни струкот😂), сребрени фармерки и краток сребрен топ и двете од брендот Fiorucci и сребрени чизми налик на Martens – сè, само не секојдневно и практично. Компромис со мене немаше: или тоа што сум го замислила или ништо. Цената и брендот никогаш не ми биле пресудни.
Истото ми се случи и кога бевме на еден летен одмор фамилијарно во Анталија, кога упорно барав одреден модел Police очила. Не ги најдов и одбивав да купам било што друго што, надевајќи се дека ќе ги најдам наочарите, и се вратив без ништо, додека сестра ми си купи сè и се врати дома со еден куп работи.“
Како тинејџерка поминала и низ метал/рок фаза – црни тесни фармерки, Dr. Martens, сребрен накит и пирсинзи. Дел од тој дух е присутен и денес, само со соодветни модификации.
Според неа, вистинската дама не се дефинира преку гардеробата:
„За мене, дамата ја прави однесувањето – ставот, одмереноста во разговорот, постапките, држењето, љубезноста и културата. Има жени кои се вистински дами без да имаат скапа гардероба. Таква беше и мојата баба Милица, мајка на мајка ми, секогаш со гордо исправена глава и аристократски став, храбра, без предрасуди и понапредна од своето време.“
Како докторка на Одделот за неонатологија во Клиника „Жан Митрев“, својата професија ја сфаќа исклучително сериозно:
„Не гледам никаква поврзаност меѓу стилот и стручноста. На работа носам униформи и сакам да изгледам професионално и ненаметливо“.
Сепак, предрасудите се дел од секојдневието.
„Луѓето што не ме познаваат ни приватно, ниту професионално, не се релевантни за мене. Бидејќи мојот профил на социјалните мрежи е јавен, често се соочувам со злобни и зајадливи коментари од типот ‘каква докторка сум јас, не ме личи’, особено за тетоважите мои, но не навлегувам во дебати, не се објаснувам.
Свесна сум дека не може на секому да му се допаднеш, а и не се ни трудам да се допаднам. Како што кажав, се поведувам исклучиво од себеси и мислењата од луѓе што не ме познаваат и судат врз основа на фотографии, ги сметам за небитни. Најчесто тоа се коментари од луѓе кои не се остварени во животот, кои се длабоко незадоволни од себеси и сопствениот живот и не се доволно храбри да се изразат и да живеат според своите желби. Напротив, тие се трудат да ги задоволат очекувањата на околината, за да не бидат осудени и затоа слепо ги следат стереотипите што општеството им ги наметнува. Стилот е моето ‘јас’ и не се менувам поради туѓи мислења. Кој сака да ме прифати, нека ме прифати, кој не – не мора ни да ме гледа.“
Најудобно се чувствува дома во убави пижами, а за надвор - фармерки, шорцеви и патики, или зимава - капути, ролки и чизми. Од друга страна, пак, за своите најлуди комбинации ќе каже:
„Најлуда комбинација, па не знам, многу се, не ги ни памтам. Eве ќе издвојам моите почетоци на луди комбинации, кога уште во основно ги земав кошулите од татко ми и ги комбинирав по мое, за полуматурата на пример одбрав комбинација што тогаш беше табу. Со мајка ми која никогаш не ми рекла ‘не’ или ‘кај ти текна сега тоа’, не знам каде сè не баравме и едвај најдовме тоа што го имав замислено, а тоа беа црни хеланки со чипка на глуждовите и краток топ, исто така црн, со чипка во долниот дел, врз него широк сив кардиган два броја поголем, и врз тоа сребрен каиш со парички. Во тоа време такви комбинации не се носеа, ниту хеланки, ниту кратки маици како денес. Сепак, денес ми е убав спомен и доказ дека отсекогаш сум одела по свој пат. Понатаму сите мои комбинации беа специфични на свој начин.“
Линијата и младоликоста ги одржува без диети и екстреми. Нејзиниот начин на исхрана со години е ист – многу овошје и зеленчук, малку тестенини, речиси без месо.
„Вежбам цел живот и тоа за мене е како рутина без која не можам, го менувам периодично типот на активност, а последниве години сум опседната со јога и ми е голем предизвик и задоволство, но паралелно вежбам и во теретана. Вежбам затоа што се чувствувам подобро – психички и физички, а не поради изгледот. Знам да направам и пауза без вежбање од икс причини, тогаш сум како без енергија, сè ме боли и генерално во таквите периоди не се чувствувам убаво.“
Како горда мајка на две ќерки, најважно ѝ е да им пренесе самопочит, независност и вистински вредности.
„Се трудам да ги воспитам пред сè за вистинските вредности – да бидат добри, морални, да станат самостојни личности кои ќе можат во секое време да се потпрат на себеси и нема да зависат од никој, а со тоа ќе си направат себеси услуга, да живеат според сопствени желби и очекувања. Да се почитуваат себеси, но и другите, да го живеат животот паралелно на секое поле, затоа што реприза нема.
Модниот вкус никогаш не сум им го наметнувала, освен нормално кога беа мали и облекуваа тоа што јас сум им купувала, а секогаш гледав да се дотерани и средени. Не сум била мајка која вложува само за себе, туку редовно и за нив две, така што логично дека тој сенс за мода веќе им е вграден. Денес секоја од нив си гради свој стил, различен и од мојот и меѓу себе. Мојот плакар им е секогаш бонус опција, да си се послужат со тоа што им треба – поради тоа што носиме иста големина.“
Како наједноставен, но најмоќен моден совет кој би ѝ го дала на секоја жена, без разлика на возраст и професија, Маја е јасна:
„Најмоќниот и наједноставниот совет што би ѝ го дала на секоја жена е да ги следи своите амбиции и желби, да се оствари и на професионален план и да биде независна. Само тогаш жената може да носи сопствени одлуки без да се потчинува на туѓо влијание, да биде храбра и сигурна во себе, да се води според своите вистински желби и цели и да го живее својот живот според сопствените правила, а не да го подредува на очекувањата на другите. Да биде столб и главна поткрепа на своето семејство, но не и подредена. Да не се раководи од стереотипи, шаблони или очекувања што општеството ѝ ги наметнува, а истовремено да не се наметнува – да биде спонтана, софистицирана, со став и внатрешна самодоверба. Тогаш, стилот доаѓа сам по себе, тоа е стил на живот, а не само стил на облекување.“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk