Србинка на 60-годишна возраст си ја оствари животната желба да стане мајка.
Пред две недели, таа роди близначиња, момче и девојче, зачнати во болницата „Плодност“ во Битола. Според досега достапните информации, овој случај би можел да биде прв во светот со близнаци од различен пол кај мајка на оваа возраст.
Убавата вест ја соопшти доктор Таше Трпчевски заедно со неговиот тим. Во објавата стои:
ПЛОДНОСТ ВЛЕЗЕ ВО ИСТОРИЈАТА НА СВЕТСКАТА МЕДИЦИНА – НА 60 ГОДИНИ СТАНА МАЈКА НА БЛИЗНАЦИ!
Пациентка од Србија забремени со ин витро оплодување во Болница Плодност во Битола. Првично беше потврдена тројна бременост, по што беше извршена селективна ембриоредукција и бременоста продолжи со два плода.
Пациентката се породи во Србија, каде што на свет донесе момче и девојче.
Во светот се опишани ретки слични случаи во САД (2007 и 2016), Канада (2009) и Кина (2010). Според досега достапните информации, нашиот случај би можел да биде прв со близнаци од различен пол кај мајка на оваа возраст.
Уште една исклучителна ИВФ приказна од Болница Плодност!