„Сонувам да можам да застанам на нозе“: Инспиративната Марија Савевска за животот со церебрална парализа
Своја, талентирана, дружељубива и мила... ова се само дел од епитетите со кои може да се опише Марија Савевска. Иако од раѓање се соочува со предизвиците на целебралната парализа, тоа не ја спречува со полна пареа да ги остварува своите животни замисли.
Како долгогодишна и истакната членка на танцовиот клуб „Еурека“, препознатлива по својата уникатна енергија и упорност, 23-годишната девојка рамноправно со останатите танчери доминира на сцената и освојува награди.
Марија го толкува и ликот на „Пепелашка“ во првата танцова инклузивна претстава на Балканот. Сепак, нејзина прва и најголема љубов е музиката, за која вели дека ја носи во срцето од кога знае за себе. Затоа, посебно е среќна што нејзиниот талент неодамна беше крунисан со прва награда за поп и џез пеење на меѓународниот фестивал „Сергеј Михајлов“ во Штип.
Заедно со своите неуморни родители, храбрата девојка од Скопје секојдневно ги урива бариерите на општествените предрасуди и се бори за подобра инклузија. За Фемина, таа искрено зборува за детството, за магијата на танцот и музиката, како и за соништата кои допрва треба да станат реалност.
Како би се опишала себеси денес?
Јас сум многу трудољубива и исполнителна личност, бидејќи без разлика која задача и да ми е зададена во областа на танцот или пеењето и без разлика каква тежина и да носи, јас давам сѐ од себе за да ја исполнам. Исто таква сум и во приватниот живот.
Кои се твоите најрани сеќавања од детството и што те правеше најсреќна тогаш?
Јас сум лице со церебрална парализа. Детството ми беше исполнето со многу рехабилитација, физикални терапии, логопедски и дефектолошки третмани, со цел подобрување на мојата состојба.
Моите најрани сеќавања се игрите со мојот татко и глумењето на одредени ликови од цртаните филмови како „Винкс“ и „Моќните Ренџери“ и тие ме правеа многу среќна. Исто така, многу среќна бев и кога одев на музичките детски фестивали како „Златно славејче“, „Поточиња“ и други.
Кога за прв пат ја почувствува љубовта кон музиката и танцот?
Љубовта кон музиката ми започна уште од најрана возраст, односно како што велам јас на шега - од кога знам за себе. Љубовта кон танцот малку подоцна, поточно во деветто одделение.
Што ти значи тоа што си дел од „Еурека студио“ и како те развива како личност?
Танцот ми помогна за подобар психофизички развој и зголемување на самодовербата
Тоа што сум дел од „Еурека“ за мене претставува исполнување на сонот за движење. Чест е да се биде дел од студиото за танц „Еурека“, бидејќи ја претставуваат инклузијата во целост, непостоење на граници и различности. Мене лично танцот ми помогна за подобар психофизички развој, зголемување на самодовербата, исполнување на сопствениот потенцијал, а исто така ме развива и како тимски играч.
Можеш ли да ни раскажеш за твоето учество во првата инклузивна претстава „Пепелашка“?
Пред сѐ, мора да признам дека учеството во првата танцова инклузивна претстава „Пепелашка” ми беше голем предизвик, знаејќи ја тежината на улогата која ми беше доделена. Благодарение на целиот тим на „Еурека“ и огромната поддршка и доверба на Катерина Јолакоска, ми помогнаа улогата да ја одиграм со многу љубов и страст. Бев премногу возбудена и исплашена, а во исто време и пресреќна за можноста која ми е дадена. Едно неповторливо чувство кое не може да се опише со зборови.
Какво беше чувството да бидеш дел од последната инклузивната претстава „Сонот на едно дете“?
„Сонот на едно дете“ е инклузивна претстава каде што се претставени три периоди од животот: детство, тинејџерство и адолесценција. Низ игра и танц се прикажани различните соништа и желби на децата. Соништа за свет без предрасуди. Во претставата имав можност да ја изведам песната од анимираниот филм „Ариел“ - „Дел од твојот свет”, која е мојата омилената песна уште од кога имав 4-5 години. Бев возбудена и пресреќна што ми се оствари желбата да ја изведам на големата сцена на МОБ, а со тоа и мојот сон од раното детство.
Како изгледа еден твој типичен ден?
Денот ми почнува со многу предизвици во споредба со лицата без попреченост. Со оглед на мојата состојба, мене ми е потребна помош за секојдневните активности како што се: одржување на лична хигиена, облекување, подготовка на оброк и затоа секогаш некој од моите родители е покрај мене. По завршување на утринските активности, доаѓа мојата асистентка и ме носи или во дневен центар за лица со церебрална парализа или доколку е убаво времето, одиме на прошетка. Доколку е лошо времето остануваме дома и го пополнуваме со читање, гледање филмови, играње друштвени игри или некоја друга активност. Попладне секој ден имам специјализирани вежби со физиотерапевт.
Кои беа најубавите, а кои најпредизвикувачките моменти во твоите средношколски денови?
Јас учев во СУГС „Браќа Миладиновци“. Во тоа училиште имаше најсоодветни услови за мене, како добра пристапност, рампи и адаптиран тоалет. Најдобри моменти се разговорите и дружењата со моите најдобри другарки Марија и Ана Марија, кои беа секогаш покрај мене. Како предизвик би ја издвоила неможноста да излезам на одморите и да прошетам околу училиштето и околината, бидејќи беа непристапни. Исто така и пандемијата со Ковид.
Дали некогаш си се соочила со предрасуди и како се справуваш со такви ситуации?
Најчестата предрасуда со која сум се соочила е кога луѓето при средба не ми се обраќаат на мене директно, туку на оној кој е со мене, а прашањето е наменето за мене лично. Тоа ме повредува многу.
Што за тебе значи зборот „инклузија“ и дали сметаш дека општеството доволно ја практикува?
Инклузија е телефонски да му се јавиш на лицето со попреченост, да го поканиш на прошетка
Инклузјата според мене е прифаќање и вклучување на лицата со попреченост во секојдневието. На пример инклузија е телефонски да му се јавиш на лицето со попреченост, па да поразговараш со него, да го поканиш на прошетка, да предложиш заедно да седнете во кафуле, да го поканиш дома некогаш, да покажеш разбирање и топлина. Во училиште да седнеш во иста клупа со лицето и да му помогнеш без никој да те тера со сила, да не ти наредува наставникот или психологот, туку сам. На одмор помеѓу часовите да поразговараш со лицето, да му кажеш смешка, виц, досетка. Но, ова не се случува. Споро се спроведуваат промени во оваа област.
Што би сакала да се подобри во нашата држава кога станува збор за лицата со попреченост?
Посакувам да ни се обезбеди поквалитетен и подобар живот. Да се обезбеди постојана и квалитетна рехабилитација, квалитетна асистенција, да се подобри јавниот превоз, да се олесни пристапот до информации како лицата со попреченост да си ги остварат своите права, непречена пристапност до институциите, училиштата, работните места, здравствените институции, институции за социјална заштита, јавни и културни установи, да се подобри дигиталната пристапност, со еден збор целосна пристапност насекаде и остварување на човековите права.
Кои се твоите хобија и што најмногу сакаш да правиш во слободно време?
Како што веќе напоменав, моите хобија се пеење и танц. Моето слободно време го исполнувам со гледање филмови, прошетки, читање книги, одење на културни настани и вечерни свирки.
За што сонуваш, како изгледа твојата визија за иднината?
Сонувам да можам да застанам на нозе
Сонувам да можам да застанам на нозе и самостојно да чекорам. Сонувам да испеам на сцена моја песна, стоејќи. Сонувам за свет без предрасуди, еднаквост во општеството, каде сите ќе си помагаме едни со други.
Даница Караташова Илиоска