„Со Таско изградивме љубов што не е совршена, но е вистинска и издржала сѐ“: Таша за бракот и мајчинството
Да се биде мајка на две мали деца со само година и три месеци разлика (популарно наречено „two under two“) е предизвик што бара натчовечко трпение и челична организација. А кога на тоа ќе се додаде динамичниот живот покрај еден од најактуелните музички артисти кај нас, секојдневието станува вистински ролеркостер од емоции.
Наташа Таскоска, или Таша како што ја знаат нејзините следбеници, успешно ги руши стереотипите, балансирајќи меѓу сите свои улоги. Мајка е на Лукијан и Кирјана, сопруга и најголема поддршка на раперот Христијан Таскоски-Таско, но пред сè – жена која не се плаши да биде своја. Препознатлива по впечатливите тетоважи и автентичниот стил, таа е гласен застапник на ставот дека мајчинството нема само едно лице и дека надворешниот изглед не го дефинира тоа колку една мајка е посветена.
За Фемина, Таша се навраќа на почетоците на нејзината љубовна приказна со Таско, од првите долги разговори до моментот кога дознале дека ќе станат родители. Искрено раскажува и за растењето на малите наследници, за несигурностите, непроспиените ноќи, но и за тоа како децата го промениле и продлабочиле нивниот брак.
Се сеќаваш ли на моментот кога сфати дека Таско е човекот со кого сакаш семејство, а не само љубовна приказна? Со што те освои?
Таско ме освои со разговорите кои ни траеја до утро
Ме освои со разговорите кои ни траеја до раните утрински часови и неговото слободно размислување. Љубовта и погледот кон животот ми ја дадоа таа сигурност дека тој е човекот со кого сакам семејство.
Како му ја соопшти веста дека ќе стане татко и каква беше неговата прва реакција?
Првиот тест кој го направив, му го оставив под перница и му кажав дека имам изненадување за него. Кога ја крена перницата и го виде тестот, првата реакција му беше буквално „скокање на кревет од радост“. 😄
Какви бремености имаше и што ти беше најтешко во тие периоди?
Најтешко ми беше кога ми забранија да го кревам Лукијан додека бев бремена со Кирјана
Имав лесни бремености, но по загубата на првото бебе, превентивно ми беше препорачано да одмарам повеќе, да пијам таблети за задржување на плодот и да примам инјекции за разредување на крвта, за да не дојде до тромбофилија (бидејќи природно имам покачени тромбоцити). Најтешко ми беше кога ми забранија да го кревам Лукијан додека бев бремена со Кирјана.
Што ти донесе мајчинството како жена? Што најмногу промени во тебе?
Со мајчинството, емпатијата ми стана уште подлабока
Мајчинството како жена ме направи уште посилна – физички и емоционално, поодлучна и секако потрпелива. Приоритетите ми се променија, емпатијата ми стана уште подлабока, почувствував љубов која е безусловна и инстинктивна, а тоа е нешто што не се опишува додека не се почувствува. И да не заборавам, дека повторно се открив себеси, на поинаков начин 😄.
Имаш ли момент кога си се почувствувала несигурно во улогата на мајка?
Имав момент кога се почувствував несигурна, а тоа беше кога останав бремена со Кирјана. Ме преплавија мислите дека нема да можам да им се посветам доволно на двајцата, бидејќи не се голема разлика, но се испостави дека тоа биле само непотребни мисли, кои исчезнаа во моментот кога ја земав Кирјана во прегратка.
Како децата ви го променија бракот?
Нашиот брак не е ист како пред децата – туку е подлабок, посилен и поодговорен
Децата многу го променија нашиот брак. Ни донесоа огромна љубов, но и нови предизвици. Одеднаш имаше помалку време само за нас двајца, повеќе одговорности и многу непроспиени ноќи. Понекогаш тоа носи и замор и недоразбирања. Но, во исто време нè научија да бидеме вистински тим. Почнавме повеќе да се поддржуваме, повеќе да се разбираме и да ја цениме улогата на другиот како родител.
Нашиот брак не е ист како пред децата – туку е подлабок, посилен и поодговорен. Љубовта можеби изгледа поинаку, но е уште повистинска.
Успевате ли денес да бидете партнери, а не само родители?
Се трудиме да не заборавиме дека пред сè, сме партнери
Искрено, не секогаш. Понекогаш денот ни поминува во обврски, деца, работа и умор, и лесно е да се изгубиме во улогата на родители. Но, се трудиме да не заборавиме дека пред сè, сме партнери.
Понекогаш тоа е само краток разговор навечер кога децата ќе заспијат, заедничко кафе или „movie night“. Не мора секогаш да биде совршено, доволно е да се потсетуваме дека врската меѓу нас е исто толку важна колку и нашата улога како родители.
Каков сопруг е Таско зад затворени врати?
Таско е одличен сопруг. Посветен, присутен, одличен соговорник, човек со многу љубов и разбирање. Човек со кој секојдневно учиш и растеш. Човек со кој никогаш не ти е досадно 😄. Едноставно, совршено несовршен за мене 😄.
А каков татко е? Имате ли поделби за чување на децата?
Таско е неверојатен татко и немаме поделби околу чување на децата
Таско е неверојатен татко. Енергичен и забавен, но истовремено присутен и внимателен. Секогаш се труди да им даде љубов, поддршка и сигурност на децата, без разлика колку е зафатен. Семејството со него е тим, полн со љубов и внимание. Немаме поделби околу чување на децата, гледаме да сме сите заедно колку што можеме.
Се соочуваш ли со предрасуди како тетовирана мајка со специфичен стил?
Се случувало, но не секогаш. Луѓето често имаат замисла како „треба“ да изгледа една мајка. Кога ќе видат тетоважи или поразличен стил, знаат брзо да донесат заклучок. Но, тетоважите не кажуваат ништо за тоа колку го сакаш своето дете. Ниту стилот кажува колку си посветена мајка. И ако нешто сакам моите деца да научат од мене, тоа е дека е во ред да бидеш свој.
Како се справуваш со осудите и коментарите на социјалните мрежи?
Со време научив дека социјалните мрежи се место каде секој проектира нешто свое. Туѓото мислење повеќе зборува за нив отколку за мене. На крајот од денот, најважно ми е каква личност сум во реалниот живот и каква мајка сум за моите деца – не што мислат непознати луѓе на интернет.
Што ти е најтешко во балансирањето меѓу приватниот живот и јавноста?
Најтешко е да се задржи границата меѓу тоа што е наше и тоа што е јавно. Кога си покрај јавна личност, луѓето често мислат дека имаат право да знаат сè – да коментираат, да претпоставуваат, па дури и да судат. Но зад камерите, ние сме само луѓе со вистински живот, чувства и семејство. Понекогаш е предизвик да го заштитиш тој приватен простор.
На кои три вредности најмногу ги учите синот Лукијан и ќерката Кирјана?
Децата сакаме да ги научиме на љубов, почит и автентичност
Љубов, почит и автентичност.
Да сакаат и да се грижат за другите безусловно, да ги почитуваат сите со своите различности, секогаш да ги следат своите соништа и да не се плашат да бидат свои.
На кого наликуваат повеќе, по карактер и темперамент?
По карактер и темперамент, децата се мешавина од нас двајца, но мислам дека синот повеќе наликува на мене кога станува збор за упорност и емпатија, а ќерката го носи духот на Таско – енергична, весела и со силен темперамент. Секој од нив е уникатен, но убаво е да се гледа како делови од нас се огледуваат во нив, со својот сопствен карактер.
Ако денес треба со една реченица да ја опишеш љубовта меѓу тебе и Таско по сите предизвици, деца и години заедно ... како би звучела таа реченица?
Ако денес треба да ја опишам љубовта меѓу мене и Таско, би рекла дека таа порасна со нас.
Поминавме низ многу работи, станавме родители, научивме многу лекции и можеби токму затоа денес нашата љубов е помирна, подлабока и посилна. Со Таско изградивме љубов што не е совршена, но е вистинска и издржала сѐ ❤️.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk