Славниот уличен кошаркар МК ги преполни салите во Македонија, па порача: „Ќе се вратам за гравче, бурек и ајвар“
Популарниот уличен кошаркар со македонско потекло Мат Киатипис, познат како MK, минатата недела ја посети Македонија. Момчето од Канада е интернет-сензација со своите улични баскет-натпревари, во кои игра „еден на еден“ со противници од публиката, а сега престојуваше во Скопје, Куманово и Охрид.
За време на посетата, MK се дружеше со јутјуберот Стефан Лазаров и Мандар, како и со пејачот Young Dadi. Тој проба традиционални македонски јадења во Македонско село, пиеше ракија и играше македонско оро, а во Охрид уживаше во пловењето по Охридското Езеро.
Иако Киатипис е познат по своето грчко потекло, при посетата на Македонија ја изненади јавноста со откритието дека има и македонско потекло од страната на мајка му.
„Никој не знае дека сум половина Македонец. Мојата баба Нада се презива Тасевска, а дедо ми Ристовски“ - откри тој.
Неговото гостување предизвика голем интерес, а самиот MK беше преодушевен од пречекот и по враќањето сподели емотивна порака:
„MK IN MK TOUR беше остварување на еден сон. Баба ми ми кажа дека не може со зборови да опише колку е горда на она кое штотуку го направив во нејзиното родно место. Знам дека и мојот дедо, кого никогаш не успеав да го запознам, гледаше и се насмевнуваше одозгора. Ова патување беше посебно за мене. Беше посебно за сите нас.
Му благодарам на мојот брат Дарко кој ја поттикна оваа идеја и ја реализираше. Му благодарам на Јане Јанев кој ја претвори во реалност. Му благодарам на мојот брат Виктор Илоски кој нè угости.
ВИ БЛАГОДАРАМ НА СИТЕ кои ме пречекавте со љубов и отворени раце. Првпат досега ни се случи да се префрлиме од уличен баскет терен на полн стадион… Ова патување ќе го паметам засекогаш… а уште поважно, ќе се вратам повторно за да јадам уште малку гравче, бурек и ајвар. 🫵😝“
MK ја искористи посетата и за да го најави заедничкиот дует со Young Dadi, кој беше снимен во текот на неговиот престој во Македонија. Песната носи наслов „Pick & Roll“:
MK има повеќе од 3,4 милиони следбеници на Instagram, а го носи и прекарот „1V1 KING“, односно „Кралот на еден на еден“. Патува низ светот и игра интензивни „1 на 1“ натпревари против локални предизвикувачи и професионални кошаркари. Неговите видеа со милионски прегледи се познати по атрактивните потези и забивања, но и неговиот „trash-talk“ со кој ги провоцира противниците.