Слаткар и Сања Николиќ славеа за крајот на „Слушни ме“ со песна од Каролина, таа им порача: „Ве сакам дечки“
По месеци работа, екипата на филмот „Слушни ме“ го одбележа крајот на снимањето со мала интимна прослава.
Во видео објавено на Instagram Story, Марко Маринковиќ – Слаткар, Сања Николиќ и дел од екипата во одлично расположение ја пеат песната „Крај“ на Каролина Гочева.
Видеото подоцна го сподели и македонската пејачка, која им порача:
„Ве сакам дечки!“
Од ОХО Продукција го одбележаа завршувањето на снимањето со објава во која им се заблагодарија на сите што биле дел од проектот.
„Благодариме за секој кадар, секоја емоција и целата енергија! Камерите се гасат, ама нашата приказна допрва ќе се слушне“ – напишаа од продукцијата.
„Слушни ме“ е музичко-документарен филм инспириран од вистинската животна приказна на Слаткар. Преку неговото детство, личните искуства и патот до музиката, филмот ја отвора темата за пелтечењето, несигурностите, прифаќањето на различностите и храброста човек да го пронајде сопствениот глас.
Приказната е раскажана преку лични сведоштва, музика, работилници со деца и играни сегменти од животот на Марко, а во нејзиното средиште е важната порака дека секој заслужува да биде слушнат.
Режисер на филмот е Раша Петровиќ, сценариото го потпишува Кристина Ризоска. Филмот е копродукција на ОХО Продукција и Иноватива Груп, а премиерата се очекува на почетокот на 2027 година.
Иако снимањето заврши, приказната за „Слушни ме“ допрва треба да стигне до публиката.