„Скокавме од радост и извикувавме 'Македонија, Македонија'“: Маестро Верче и хорот од „Кузман Јосифовски - Питу“ триумфираа во Италија
Македонската традиција, песна и младешка енергија ја освоија европската сцена. Хорот на ООУ „Кузман Јосифовски - Питу“, под водство на наставничката Вера Ангеловска, втора година по ред триумфираше на Светскиот натпревар по фолклор во Лидо де Јесоло, носејќи ја македонската песна до самиот врв.
Со многу љубов, труд и посветеност, хорот блесна на сцената и заслужено ги освои симпатиите на публиката и жирито.
Видео
Наградите не изостанаа. Македонските претставници се вратија дома со дури пет први места – прва награда за хорот, четири први награди за солисти, како и четири втори и четири трети места, додека тројца ученици добија пофалници.
„За да оформите хор е долг и тежок процес, особено со ученици од основно образование. Хорот секоја учебна година се надградува. За да се подготви еден настап, потребни се најмалку два месеци интензивна работа, но тоа зависи од сложеноста на композицијата“ – раскажува наставничката Ангеловска за Фемина.
Подготовките за настапот започнале уште во февруари, паралелно со регионалниот натпревар по хорско пеење во Македонија. Хорот настапил со композициите „На сред село мамо тапан чука“ и „Елелица препелица“ од композиторот Ристо Аврамовски, со кои претходно освоиле први места и на регионалниот и на државниот натпревар.
„Никогаш не им ветувам дека ќе победиме. Секогаш ги учам дека само сакам да отпееме онака како што сме научиле, а резултатот сам ќе си дојде“ – вели таа.
За наставничката по музичко образование, која ја обожава својата професија, успехот не е само во освоените признанија, туку во љубовта што децата ја развиваат кон музиката, традицијата и заедништвото.
„Со хор или сакаш да работиш или не. Работата е тешка, но кога ќе видиш резултат, сѐ се заборава. Не сакам да бидам некој кој сака да се фали, но за овој фестивал очекував повеќе награди, бидејќи навистина има многу добри деца кои ја сакаат македонската народна песна. Јас бев пресреќна кога го слушнав резултатот затоа што отпеаја добро.
Преку хорската настава децата не само што учат песни, тие се сплотени како едно, еден тим во кој нема лидерство и каде преовладува позитивна атмосфера. Тие се добри самокритичари кои веќе сами проценуваат дали композицијата е убаво подготвена, каде ни недостасува динамика, што треба подобро да се изведе...“ – објаснува Ангеловска, која зад себе има 38 години работен стаж, од кои 29 години во училиштето.
Емоциите по прогласувањето на победниците биле многу силни.
„Само да можевте да го доживеете тоа чувство на нашите мали уметници кои застанаа на сцена, некои прв пат, некои втор пат, колку тие се радуваа кога ќе го слушнеа своето име. А за хорот навистина и јас и хористите бевме пресреќни кога слушнавме прво место. Скокавме од радост, извикувавме „Македонија, Македонија“, се гушкавме, си честитавме“ – вели гордата наставничка.
На фестивалот во Јесоло учествувале натпреварувачи од повеќе земји, меѓу кои Малезија, Шри Ланка, Естонија, Турција и Бугарија, секои претставувајќи го најдоброто од својата култура. Но, токму македонските песни и ора предизвикале посебни емоции кај публиката и останатите учесници.
„Нашите деца со големи емоции ги пееја македонските народни песни. Другите натпреварувачи играа оро затоа што имаме најдобар ритам и мелос. Горда сум што кај нив ја развив љубовта кон традицијата, културата и јазикот“ – додава Ангеловска.
И додека „неуморната Верче“, како што ја нарекуваат учениците и родителите, полека се приближува кон крајот на работниот век, таа е жив доказ дека љубовта кон музиката и децата нема рок на траење.
„Инаку, ние имаме различен репертоар од детски песни, како што кажав народни песни, но морам да ја почитувам и желбата на учениците, да пееме модерни песни од нивното време“ – вели една од омилените наставнички во ова скопско училиште, која е вистински пример како се чува и брани македонскиот идентитет, со песна, со срце и со гордост.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk