„Сиромаштијата не е костим“: Милионерката Марта Стјуарт се маскираше во бездомник, наиде на гнев и критики
Марта Стјуарт стана мета на остри критики откако за Халовин се маскираше како бездомник.
85-годишната авторка и бизнисменка, чие богатство се проценува на 400 милиони долари, позираше со искината облека и валкано лице, а во рацете држеше натпис „Гладна сум, помогнете ми!“.
Фотографијата, која Марта ја сподели на социјалните мрежи, предизвика бурни реакции, па таа ја избриша и јавно се извини во изјава за Page Six.
„Вознемирена сум што мојот костим за Халовин вчера, кој имаше за цел да привлече поголемо внимание кон многу сериозниот проблем на бездомништвото, ги навреди луѓето, што никогаш не ми беше намерата“ – изјави таа.
Стјуарт додаде дека бездомништвото останува еден од најголемите и најсериозни предизвици во САД, тема за која, како што тврди, длабоко се грижи и за чие решавање со години поддржува добротворни организации.
„Посветена сум на тоа и понатаму да придонесувам за промени“ – порача таа.
Сепак, нејзиното прво обраќање не ги смири реакциите, а коментарите продолжија под нејзино видео во кое приготвува супа.
„Одлично! Сега оди и направи го ова во народна кујна, полна со луѓе кои штотуку ги претвори во костим за Халовин“.
„Одлично... сега направи го ова во некое прифатилиште“.
„Сиромаштијата не е костим.“
„Еј, Марта, зошто не искористиш дел од твоите милијарди за да им помогнеш на бездомните?“.
„Твојот костим е причината поради која никогаш не те следев. Ти си тоа што си. Отсекогаш си била“.
„Никогаш повеќе нема да купам ништо од твоите брендови“.
„Работев на јахтата на маж со кој таа порано се забавуваше. Да кажеме само дека воопшто не ме изненадува што им се потсмева на ‘сиромашните’.“
„Неопростливо. Толку си нечувствителна. Навистина неверојатно“ – се само дел од коментарите.
Најголемиот дел од реакциите биле насочени кон прашањето дали ваквиот костим навистина може да придонесе за подигнување на свеста за бездомништвото или, пак, само ги претвора реалните човечки страдања во празнична забава.
По дополнителните критики, Марта објави и второ извинување.
„Тешко е да се признае кога навистина ќе направите голема грешка. Мојата претходна изјава не беше доволна. Знам дека многу луѓе се соочуваат со економски тешкотии. Носењето костим како мојот беше нечувствително и не беше смешно. Навистина ми е жал“ – напиша таа.
Стјуарт со децении е позната како една од највлијателните личности во светот на животниот стил, готвењето и уредувањето на домот. Таа често споделува идеи за празнични декорации, рецепти и креативни начини за прославување, а Халовин го опишува како еден од нејзините омилени празници.