Моника Белучи е олицетворение на италијанскиот гламур и елеганција. Славната актерка привлече бројни погледи на 23-тото издание на Меѓународниот филмски фестивал во Маракеш, Мароко.
62-годишната филмска ѕвезда зачекори на црвениот тепих во блескава црна креација од колекцијата пролет 2027 на Fendi, потпишана од италијанската дизајнерка Марија Грација Киури. Нејзиниот стајлинг беше комплетиран со црна чанта од истата модна куќа и долги обетки од Cartier.
На црвениот тепих, Белучи позираше и со италијанскиот режисер Лука Гвадањино и актерот Џовани Торторичи.
Во рамките на фестивалската програма „Conversations“, таа беше поканета да разговара за својата богата филмска кариера.
Белучи, која со децении важи за симбол на женственоста и убавината, не крие дека не се плаши од стареењето. Напротив, актерката го смета стареењето за „прекрасен подарок“.
„Не постои вистинска алтернатива: или старееш и достоинствено го прифаќаш тој процес или умираш. Гледано од тој аспект, многу повеќе би сакала да стареам. Да старееш значи дека си доволно среќен што сè уште си жив и што имаш иднина“ - изјави таа во неодамнешно интервју.